Обраќањата, говорни или текстуални, по повод свечени пригоди, а таков настан е и испраќањето на старата и пречекот на новата година, треба да провејуваат со ведрина и оптимизам. Иако сите знаеме што е оптимизам, сепак би сакал да се осврнам, сосема накратко, што подразбирам јас под овој поим. Зборот оптимизам (на латински optimus – најдобар) не подразбира дека збиднувањата и настаните треба да се толкуваат во најдобра светлина, без соочување со реалноста, тој не подразбира напразно надевање, туку, напротив, под зборот оптимизам се подразбира дека иако историските околности се комплексни и, честопати, неповолни, сепак, во секој општествен момент може да се најдат зрнца светлина – можности што водат кон подобра иднина. Оттука, ако оптимизмот, всушност, претставува способност да се препознаат можностите, тогаш, откако ќе се случи тоа препознавање, дали тие ќе се искористат или не, ќе зависи од индивидуалната и од колективната способност да се гради подобра иднина. Дали во Македонија може да се препознаат можностите? Дали Македонците се способни колективно да градат подобра иднина?
Непроживеаниот живот – животот што не се живее, реалноста што бега и води во заблуда, претставува вечна тема во книжевноста, во уметноста и во филозофијата, па, оттука, изразот „да се живее“ крие подлабоко значење и содржи потрага по смислата на животот. Така, синтагмата „живеење и делумно живеење“ ја среќаваме во историската драма „Убиството во катедралата“ од Томас Елиот (1935 г.), додека изразот „тоа не може да се нарече живот“ го слушнеме во филмот „Икиру“ од Акира Куросава (1952 г.). Инаку, филмот „Икиру“, или „Живеење“, е инспириран од новелата „Смртта на Иван Илич“ од Лав Толстој (1886 г.), дело што послужи за анализа на смртта во трактатот „Битие и време“ (1927 г.) од Мартин Хајдегер. Во ноември 2022 година почна да се прикажува британскиот филм „Живеење“, кој претставува адаптација на филмот „Икиру“, според сценариото на Казуо Ишигуро, добитникот на Нобеловата награда за литература во 2017 година.
Ова филмско-книжевно поврзување може да се дополни и со потсетување дека ова се времиња кога во секој миг од нашето живеење е потребно да се преиспитуваме и како поединци и како колектив. Затоа што Македонија е во агонија веќе подолго време. А, нам, на Македонците, реалноста полека ни се лизга низ прсти – уценети, и однадвор и однатре, животот на сите нам, освен на дел од владејачката елита, сенишно ни поминува покрај нас: ние сме само неми, безлични и бесцелни набљудувачи на овој наш живот што не го живееме, а истовремено се чувствуваме беспомошно гледајќи како Македонија се расчеречува, се раздробува, се распарчува и се разнебитува. На крајот од новелата „Смртта на Иван Илич“ среќаваме опис на доаѓањето на смртта: „Тој го бараше својот поранешен вообичаен страв од смртта и не го наоѓаше. Каде е таа? Каква смрт? Немаше никаков страв, затоа што и смртта ја немаше. Наместо смртта, имаше светлина. – Ете! – наеднаш проговори гласно. – Каква радост! … си повтори во душата … смртта … ‘ја нема веќе’. Вовлече воздух во себе, запре на половина, се протегна и умре“.
Светлината на крајот од „Смртта на Иван Илич“ допира до овој свет од сосема поинаков извор – од христијанската надеж. Иако општествените околности во Македонија, во ЕУ и на планетата Земја денес се комплексни и за нас неповолни, сепак јас останувам оптимист, се надевам и верувам дека може и дека треба да најдеме процеп во темнината, да овозможиме светлината да ги згрее нашите срца и да ја зграпчиме можноста што води кон подобра иднина на Македонците.
На сите граѓани на Република Македонија им ја честитам Новата 2023 година, посакувајќи им здравје, среќа, благосостојба и личен просперитет. Почитувани сограѓани, нека вашите срца и домови бидат исполнети со радост и спокој.
Соочувајќи се со желбите на сите Македонци и со фактот дека во ваква Македонија за нас, Македонците, нема живот, на македонските политичари им посакувам трошка повеќе: да увидат, еднаш засекогаш, дека само ние, Македонците, можеме да се избориме за нас, Македонците.
Оттука, обединувањето на македонските политички партии е единствената можност за остварување на посакуваниот сон: вековно опстојување на Македонија. На лукративните, самобендисани, арогантни и неуки македонски политичари, знам, нема да им биде едноставно да се откажат од власта, меѓутоа сѐ друго води кон пропаст и изумирање на оваа држава, на Македонија. Со цел да престанат уцените и однатре и однадвор, повикувам на обединување на Македонците и на македонските политички партии, меѓутоа, притоа зборувам за вистинско обединување, а не за онакво какво што досега го искусуваме во реалноста, декларативно и привидно. Обединувањето за кое јас се залагам ќе доведе, прво, Македонците да бидат почитувани од другите народи; второ, Македонците да имаат достоинствен, квалитетен и исполнет живот; и, трето, ваквото обединување ќе овозможи да се намали афективната поларизација што на моменти прераснува во омраза меѓу Македонците. Сведоци сме дека во Македонија партиските следбеници ги дискриминираат своите македонски противници до степен што го надминува разумното однесување и води кон разградување на демократијата, кон арогантно и насилно владеење и кон уривање на институциите во државата. Иако изгледа неостварливо и, во овој момент, речиси безнадежно, можеби е најдобро време да го собереме сиот преостанат оптимизам во нас и, сепак, да го промениме македонското општество, најпрво менувајќи го нашиот однос кон самите себеси, а потоа и кон другите и кон Македонија. Во таа насока, ние, Македонците, треба да бидеме солидарни, отворени и подготвени за промени, за обединување, за соживот, за соработка, но и непоколебливи во одржувањето, негувањето и заштитата на македонизмот како нишка што го условува нашиот опстанок на ова парче земја.
Македонијо, ти посакувам среќна Нова 2023 година и нека трае вечно твоето опстојување!