Пеле ја прослави десетката, а приказната за патот до славата на дресот со бројот 10 почна кога Пеле уште не беше ниту тинејџер. На сѐ му претходеше одлука на Светската фудбалска федерација (ФИФА), но кралот на фудбалот секако ќе прославеше некој број ако не токму десетката. По воведувањето на бројките во фудбалот во 20-тите години од минатиот век, десетката била наменета за офанзивниот плејмејкер, а првиот тим секогаш имал на располагање броеви од еден за голманот до 11 за левото крило, без разлика кој настапува. Така беше и на светските првенства (СП).
Првиот голем турнир на кој фудбалерите имаа еден ист број за време на сите мечеви беше СП 1954. Четири години подоцна, пред СП 1958 бразилската селекција на организаторите не им испратила листа со фудбалерите подредени според бројот на дресот. Според информациите, на самото место тоа го направил делегат на ФИФА, кој ги одредил бројките по случаен избор, па имало „измешани позиции“. Така, првиот голман Жилмар станал „тројка“ наместо вообичаената единица, која ја добила неговата резерва Карлос Кастиљо, крилата Гаринча и Загало имале спротивни броеви од местото на теренот (11-та за десното крило Гаринча наместо седумката и обратно), а тинејџерот и тогаш уште светски непознат фудбалер, 17-годишниот Пеле го добил бројот 10. Патот на дресот со бројот 10 до светската слава почна целосно анонимно, затоа што Пеле на првите два меча (со Австрија и со Англија) остана на клупата за резервни фудбалери. Но потоа тој доби шанса и веднаш брилјира, донесе победа со единствениот гол во четврт-финалето со Велс, па постигна хет-трик во полуфиналето со Франција (5-2) и уште два гола во финалето со Шведска (5-2). И – десетката е родена. Тој број во следните години носеше чувство на престиж, знак за почит. Десетката остана на грбот на Пеле до крајот на неговата кариера, а до СП 1970 и простувањето во голем стил, со третата титула, дресот со бројот 10 се претвори во најпосакуваното парче ткаенина во светот на фудбалот.