Македонија како да стои заглавена во времето и просторот со години и децении кога станува збор за реформите во правосудството, владеењето на правото, борбата против корупцијата и создавањето функционална држава. Уште експертската група на Рајнхард Прибе, пред речиси 10 години, изготви извештај со конкретни насоки што треба да се смени, особено во делот на правосудството, за да имаме функционална држава, но до денес ништо од тоа не е направено. Годините и декадите течат, но во Македонија и во правосудството ништо не се менува. Дури, напротив, работите одат на полошо, поради што сѐ погласни стануваат укорите од дипломатите, меѓународната заедница, но и домашната стручна јавност. Дали покрај досегашните надворешни, имаме и домашно антиреформско вето, кое, веројатно, најмногу боли


Сѐ тече, ништо не се менува – во македонското правосудство

Во контекст на последните и сѐ погласните укажувања што доаѓаат од меѓународната заедница, но и од домашната стручна јавност, за неопходноста од коренити системски реформи во сите сфери, особено во правосудството, една подлабока новинарска анализа и фрлање поглед наназад открива фрапантни сознанија за домашната хронична неажурност, незаинтересираност и индивидуална и институционална неприемчивост за потребата од спроведување реформи, децениско стоење во место, а со тоа и себеблокирање на патот кон ЕУ. Доволно е да се разгледаат записниците и извештаите, од пред повеќе години наназад, и да се извлече заклучок дека Македонија практично сѐ уште ги нема спроведено ниту итните препораки на групата странски експерти, предводена од германецот Рајнхард Прибе, дадени пред речиси 10 години!

ШТО ПРЕПОРАЧА ПРИБЕ, А НИЕ ГО ИГНОРИРАВМЕ

Европската комисија уште во 2015 година, по објавувањето на „бомбите“ на тогашната опозиција, ангажираше експертската група предводена од Прибе за да ја скенира ситуација во Македонија, да изработи анализа на ситуацијата и да даде препораки. Тоа и беше направено. Но препораките на Прибе и до ден- денес, во најголем дел, остануваат неисполнети. Иако оттогаш се сменија неколку политички гарнитури, истите проблеми, особено во делот на правосудството се актуелни и денес, можеби уште повеќе од претходно. Па така, слушајќи ги укорите што изминатите денови постојано ги праќа речиси целиот дипломатски кор во државата за невладеење на правото, немање функционална држава и системска корупција во сите сфери, вреди да се потсетиме и на препораките Прибе и неговиот тим, дадени пред повеќе години наназад.

Еве што препорача Прибе како итни реформски мерки за Македонија во сегментот на правосудството уште во 2015 година.

– Судската и јавнообвинителската служба треба да бидат способни да постапуваат на независен и непристрасен начин, за да се избегне оставање впечаток, оправдан или не, за постапување со случаите на селективен и небалансиран начин.

– Во судската постапка не смее да постои нешто како „политички случај“. Со сите случаи што се во судска постапка мора да се постапи на ист начин, ефикасно, независно и непристрасно.

– Вработувањето во судската служба треба да биде единствено во согласност со правилата за заслуги.

– Академијата за судии и обвинители има централна улога при обезбедувањето сигурност дека судиите и обвинителите што се избираат да учат на Академијата се одбрани единствено во согласност со системот на заслуги.

– Назначувањата и унапредувањата треба да бидат направени од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, според транспарентни, објективни и критериуми строго засновани на заслуги.

– Треба да има практична и ефективна примена на забраната за употреба на притворот пред судење, мерки насочени кон слободата, имотот или други мерки, само со цел изнудување осомничениот да пристапи кон спогодба за признавање на вината.

Ова се само дел од препораките на Прибе, при што лесно може да се воочи дека ништо од ова не е спроведено, туку судството и обвинителството денес функционираат на сосема обратен начин. Почнувајќи од вработувањата, изборот и напредувањето на судии и обвинители, независноста, односно зависноста на судската власт, времетраењето на притворите итн. Интересно е што и во тоа време дел од власта беа низа функционери што и денес се во власта, и тоа на високи позиции.

И поранешниот француски амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние, во тоа време имаше јасни укажувања дека вистинскиот напредок може да се согледа само низ критериумите на владеењето на правото и дека тој ќе претставува основа за отпочнување на преговорите,
– Европската Унија може да интегрира само функционални демократии – порача тогаш Тимоние. Но дали некој го слушна? Дали некој постапи или барем се потруди да постапи по овие препораки, кои се апсолутно во функција на унапредување на правосудството и на зголемување на граѓанската доверба во третиот столб на власта? Повеќе од очигледно е дека одговорот е – негативен.


ДЕЦЕНИСКО ИГНОРИРАЊЕ НА СУШТИНСКИ ПРАШАЊА ОД ЗНАЧЕЊЕ ЗА ПРАВОСУДСТВОТО, ЗА ДРЖАВАТА И ГРАЃАНИТЕ

Што треба уште да направи меѓународната заедница за да ги заушиме нивните препораки

Јасните и прецизни пораки и укажувања од меѓународната заедница, и тогаш како и сега, како да не допираат до надлежните државни органи и до оние до кои се наменети.

Деновиве и амбасадорката на САД, Анџела Агелер, уште повеќе ги засили критиките кон судството и укажа на нефункционалноста на институциите.
– Нашата инвестиција во напредокот на судството, за жал, не даде очекуван поврат. Кога станува збор за напредокот во судството ние сме разочарани. Во последните 30 години сме инвестирале половина милијарда долари во програми за владеење на правото и добро владеење, но не гледаме подобрување и реформи што би можеле да ги очекуваме со толку голема инвестиција – порача Агелер.

Според неа, системската корупција во целата земја во сите сектори подиректно им наштетува на македонските Граѓани отколку на САД.
– Сите вие заслужувате општество, судство, влада, чии постапки се транспаренти и ви служат вам, граѓаните. Тоа е камен-темелникот на фер и функционална демократија – рече Агелер.

И редица други странски амбасадори изминативе денови имаа свои реакции и забелешки во однос на неефикасноста на судството и институциите.

ДОМАШНИТЕ ЕКСПЕРТИ ДЕЦИДНИ: ПОЛИТИКАТА ДА ГИ ТРГНЕ РАЦЕТЕ ОД ПРАВОРАЗДАВАЊЕТО

Според правните експерти, со кои се консултира нашиот весник, правото може да ја има вистинската сила само тогаш кога сите ќе бидат еднакви пред законот и кога нема да има никакви политички влијание врз правосудството.
– Да почнеме прво од изборот на кадри. На пример, претседателот на државата предлага двајца кандидати во Судскиот совет. Притоа треба прво да се договори со Владата и со Собранието за предлогот да помине и да не биде одбиен? Оттаму почнува рушењето на системот и независноста на судството. Тоа е директно рушење на судскиот систем и ставање под директно владение и команда на политичарите – велат правните експерти со долгогодишно искуство.

Според нив, таа меѓусебна испреплетеност и мрежа на кадри во судството и во обвинителството е поставена директно од страна на партиите и политичарите на власт.
– И порано било така, но не бил толкав процентот. Овие сега ја прекардашија. Згора на тоа, на сите позиции се ставени луѓе со слаб стручен капацитет – велат соговорниците.

Адвокатот Звонко Давидовиќ смета дека поделбите и раслојувањата кај граѓаните, предизвикани од неповолните состојби во државата, се по неколку основи и линии и тие се испреплетуваат и дополнуваат.

– Шепкаат судиите по судските сали дека им се врши притисок, шепкаат обвинителите дека напредуваат само полтроните, шепка администрацијата дека е бедно платена и преполна со оние по клуч, шепка сиот народ дека државата пропаѓа, дека сѐ е партизирано, но и понатаму не се сплотуваат за заеднички силно да го покажат своето незадоволство.

Не сфаќаме дека мал народ не е оној што е мал по бројот на припадници, туку мал народ е оној народ што не е сплотен, обединет и единствен околу своите национални интереси и својата иднина – смета Давидовиќ.
Според правниците, нема поголем пораз за една држава од ова што сега ни се случува, странците да нѐ молат да направиме нешто за подобрување на состојбите во правосудството и подобрување на животот на граѓаните. Затоа и народот е толку разочаран.

Во однос, пак, на изразеното незадоволство и разочарувањето кај странските дипломати, од ваквите состојби во Македонија, професорката Билјана Ванковска, со еден специфичен и уникатен својствен за неа коментар, смета дека дел од одговорноста сносат и странските дипломати во државата.

– Како тоа, каде се парите? Па инвестирани се во политичка власт што ги исполнува вашите барања и интереси на сметка на македонскиот устав и елементарните принципи на владеење на правото! Да имаше правен систем сите овие ќе беа по затвори – пишува Ванковска.