Фото: ЕПА

Нѐ стигнаа последиците зашто не го дефиниравме карактерот на оружениот судир што ѝ се случи на Македонија пред дваесетина години

Мошне невообичаено е што и по дваесетина години не е одреден карактерот на оружениот судир што ѝ се случи на Македонија во таа 2001 година. Реномирани безбедносно-политички аналитичари проценуваат дека базичната грешка е направена што Македонија не донесе навремено релевантно документирано согледување (за граѓаните, за институциите, за историјата и заради непречено натамошно владеење на правото) за прецизно да го одреди карактерот на оружениот судир. Тоа би било битие во процесот на созревање на една демократска држава. Да го сторевме тоа педантно, прецизно, институционално и процедурално во точно форматирана содржина и форма, тогаш немаше да има дилема: кој е агресор, а кој е бранител; кој ги штити уставниот поредок и законите, а кој ги урива(л) истите тие; кој сепарира територии и суверенитет, а кој почитува принцип на унитарност; кој практикува криминал, а кој се бори против криминалот; кој влегува „по клуч“ во институциите, а кој по мерит-системот… Или накратко, принципот на владеењето на правото немаше уште од таа 2001 година до денес да стане заложник на „аргументите на политичкото насилство“

Дваесет и две години по оружениот конфликт, кој практично во голема мера ја предефинира државноста на Македонија, со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, дефинитивно е јасно дека се генерираат причини до денес за некои актуелни дегенеративни состојби во државата. Неодговорените прашања тогаш, уште по оружениот конфликт, незаземањето став на највисоките државни институции, првенствено на Собранието на Македонија (за карактерот на конфликтот) во форма на еден јасно дефиниран акт со правно врамена национално-политичка позиција, создаде еден домино-ефект со кој до денес „се ничкосуваат сите натамошни ’тули‘, кои треба да го изградат/надградат правно- политичкиот систем на државата“.

Се изигнорира едно битие во процесот на созревање на една демократска
држава

Терористички бомбашки напад во Тетово над припадниците на МВР и легалните македонски институции, забележан од објективите на фоторепортерите – Фото: ЕПА

Предизвиците на сегашноста во Македонија, односно: невладеењето на правото и правната држава, немањето ефикасна борба против корупцијата, неспроведувањето на реформите на правосудството и администрацијата…, партизацијата во пакет со одговорноста само кон лидерот на кланот, потоа „силувањето“ на системот преку непочитување на Уставот, законите, регулативата и воопшто на правната држава, сето тоа некако „дедуктивно“ води до грешките направени во таа 2001 година. Води кон грешките што системски се внедрија и егзистираат до денес причинувајќи континуирана ерозија.

– Основната грешка, фаталната грешка е направена во 2001 година, кога военото крило на ДУИ влегло во политиката. Во тој контекст, да „одиме“ малку во Британија. Дали може членови на ИРА да влезат во британскиот парламент? Навистина, „Шин Фејн“ (Џери Адамс) влезе, но тоа е политичкото крило на ИРА. Дури и таму понекогаш се подигнува тонот и се вознемируваат поради блискоста на „Шин Фејн“ со ИРА… Што се случи од тогаш кај нас, за овие 20 години? Нема функција на која нема луѓе токму од ДУИ, зашто ДУИ е константата, а сите други се варијаблите. Тоа е енормна моќ, распоредена кај стотина луѓе, кои се вртат од една на друга функција цело ова време – го изнесе своето гледиште професорката по уставно право Гордана Силјановска во јавноста.

Мошне невообичаено е што и по дваесетина години не е одреден карактерот на оружениот судир што ѝ се случи на Македонија во таа 2001 година. Реномирани безбедносно-политички аналитичари проценуваат дека базичната грешка е направена што Македонија не донесе навремено релевантно документирано согледување (за граѓаните, за институциите, за историјата и заради непречено натамошно владеење на правото) за прецизно да го одреди карактерот на оружениот судир. Тоа е битие во процесот на созревање на една демократска држава. Да го сторевме тоа педантно, прецизно, институционално и процедурално во точно форматирана содржина и форма, тогаш немаше да има дилема: кој е агресор, а кој е бранител; кој ги штити уставниот поредок и законите, а кој ги урива(л); кој сепарира територии и суверенитет, а кој почитува принцип на унитарност; кој практикува криминал, а кој се бори против криминалот; кој влегува „по клуч“ во институциите, а кој по мерит-системот… Или накратко, принципот на владеењето на правото немаше уште од таа 2001 година до денес да стане заложник на „аргументите на политичкото насилство“.

Пропуштената прилика не значи и дека е заборавена

Од оваа временска дистанца, јасно е дека е направен колосален пропуст. Очигледно е дека сме немале ниту знаење, ниту искуство, а ниту храброст да се направи тој потег со кој ефикасно би се блокирале сите натамошни дегенеративни последици по државата и системот, воопшто. Имено, една од опционалните варијанти што можеле да се направат во минатото е и донесувањето на една собраниска резолуција за карактерот на воениот судир. Со една таква изнесена фактичка состојба би се дефинирала црвената линија кој бил агресор, а кој бил бранител во конфликтот од 2001 година, кој ѝ бил непријател на Македонија и кој го уривал уставниот поредок, кој правел воени злосторства, кој требаше да се суди, а кој да биде чествуван. Па оттаму и кој смее да влезе во власта, според демократски критериуми и механизми, а не да влегува по некаков автоматизам или клуч, преку методи на политичко насилство и уцени, односно со закана на ескалација на оружен судир.

– За волја на вистината, никогаш не го одредивме карактерот на конфликтот што ни се случи во Македонија во 2001 година. Во принцип, карактерот на конфликтите без проблем се одредува според научни индикатори и параметри.

Сепак, во одредувањето на карактерот на судирот треба да се има предвид дека во 2001 година во Македонија не прогласивме воена состојба, а операциите што се водеа беа во рамките на борба против тероризмот, што подоцна со Охридскиот договор се преформулира во борба за човекови права. За евентуалното дефинирање на карактерот на војната од 2001 година треба да придонесе и науката (Воената академија, Институтот за мировни студии, Факултетот за безбедност…), а целта на таквото дефинирање, меѓу другото, би било и да се извлечат поуки за превенција.

Денес, Македонија како земја-членка на НАТО не смее да си дозволи повторно да ѝ биде наметнато да ги решава етничките прашања со оружен судир – вели Оливер Андонов, универзитетски професор од воената академија „Михајло Апостолски“ во Скопје.

Секако, минатите премрежиња остануваат во историјата, но токму сега е моментот кога се отвора историска шанса и решение на демократски и институционален начин со постигнување договор во македонскиот парламент да се рафинира нашиот устав со измени што ќе направат правна дистинкција помеѓу македонскиот народ, како носител на конститутивноста и државноста на македонската држава, и на категоријата на малцинствата што учествувале во конституирањето на државата, како носители на сите меѓународноправно утврдени права и обврски што треба да ги има малцинството како колективитет или индивидуа што е носител на македонско државјанство. Токму тоа ќе биде системскиот рестарт на една млада држава што прележала детски болести (и од надворешни и од внатрешни агенси), која секако има и лузни од тоа, меѓутоа не дозволила фатален крај. Со стекнат имунитет, сега се очекува македонскиот народ да изнајде сили сплотено, уште поискусно и порешително да продолжи да чекори по трасираниот пат на предците кон просперитетот и благосостојбата.


Уште едно „петно“ во контекст на пропустите од 2001 година: Сторените воени злосторства

Покрај бремето на тешкиот правно-политички товар од оружениот конфликт во 2001 година што за македонското општество претставува нишка што перманентно го распарува платното на целиот правно-политички систем, кој никако да создаде компактност, постои уште едно „петно“ во контекст на пропустите од 2001 година. Имено, фактот што никој нема преземено одговорност за воените злосторства што не застаруваат, извршени во тој период. Тоа се четири судски предмети, кои Хашкиот трибунал ги врати во 2008 година да бидат процесирани во македонскиот правосуден систем. Македонскиот правен систем не успеа да ги процесира овие случаи, туку ги стави ад акта, со „автентично толкување“ на претходно донесен закон за амнестија. И понатаму останува особено контроверзно што некои од главните осомничени за овие случаи дури се на клучни политички функции во државата и имаат речиси пресудно влијание за политичките текови, како на внатрешен така и на надворешен план во овие две децении по формално завршениот конфликт.