ВО ОХРИД ЗАВРШИ 55. ЛЕТНА ШКОЛА НА МЕЃУНАРОДНИОТ СЕМИНАР ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

Ќе продолжиме да ја раскажуваме македонската приказна и да ги афирмираме македонскиот јазик, литература и култура низ светот. Македонскиот јазик со своите специфики е исклучителен предизвик и остануваме посветени на неговото изучување. Во следниот период, уште повеќе ќе се посветиме и на нови преводи на дела од современата македонска литература. Новите изданија на учебниците, лекторската настава, предавањата и значајните публикации и материјали што ги добивме ни овозможија нови видици. Научивме многу за македонската култура и подготвени сме за нови истражувачки потфати преку кои нејзините вредности ќе ги претставуваме на странските универзитетски центри.
Ова се дел од пораките, кои шеесетина странски македонисти и слависти од 17 држави ги упатија во завршницата на јубилејната 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ). Школата заврши вчера, со врачување уверенија и со споделување импресии од учесниците од Австрија, Германија, Грција, Италија, Полска, Република Кореја, Романија, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и од Чешката Република. Меѓу нив се и универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи, но и млади кадри, нови генерации посветеници на македонистиката.
Според оцените на учесниците, јубилејната 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ се издвојува како една од најдобро организираните, со програма што опфати низа нови теми и ги мотивираше и на нови проекти преку кои ќе јакнат врските на македонистиката со странските универзитетски центри и воопшто со странските културни средини.
Меѓу другото, по неколку години, на школата повторно имаше семинаристи и од САД, Република Кореја и од Романија, а по неколку години интерес за учество пројавија и семинаристи од Австрија, Германија и од Италија, како и од Универзитетот во Анкара, Турција, на кој се очекува од следната академска година да започне со работа и нов лекторат по македонски јазик. Според бројот на семинаристите што учествуваа на школата, евидентно е зголемување на интересот за македонистиката и во Грција.
Активностите на МСМЈЛК при УКИМ продолжуваат со 49. Меѓународна научна конференција, која ќе се одржи на 4 и 5 септември, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид. Н.М.