Фото: Игор Бансколиев

Поранешниот министер за финансии и економски аналитичар Џевдет Хајредини смета дека е потребна модернизација на постојните енергетски капацитети за да се извлече максимумот од нив и да почнеме вистински да се справуваме со енергетската криза

Одржан панелот „Мерливоста на вредностите: економски визури“

Енергетската криза почнува сè посилно да удира врз грбот на граѓаните, па деновиве јавноста сведочи на драстично зголемени сметки за струја, за парно греење, но и на горивата, што од друга страна уште повеќе влијае врз зголемувањето на сиромаштијата во државата.
Сепак, она што најмногу ги загрижува граѓаните, но и стопанството, е дилемата како државата ќе обезбеди доволни количества електрична енергија во услови кога цените на берзите уриваат рекорди, а другите земји веќе однапред резервираат одредени количества. Државата од прогласувањето на кризната состојба во енергетиката веќе одвои 50 милиони евра од буџетот за ЕСМ за набавка на струја, но не е исклучено да бидат потребни многу повеќе средства, кои повторно ќе се обезбедат со нови задолжувања.
Неодамна беа донесени и измени на Законот за градење, со кој се овозможува поедноставена постапка за инсталирање фотоволтаични електроцентрали на покривите на индивидуалните куќи и на стопанските субјекти, но она што е повеќе од јасно е дека фотоволтаиците не можат да бидат соодветна замена на капацитетите од кои се напојува енергетскиот систем. Единствено е јасно дека државата во овој момент нема доволно функционални капацитети со кои може да ја покрие домашната побарувачка на евтина електрична енергија и таквата негрижа веќе ја плаќаат граѓаните и компаниите.
Поранешниот министер за финансии и економски аналитичар Џевдет Хајредини смета дека е потребна модернизација на постојните енергетски капацитети за да се извлече максимумот од нив и да почнеме вистински да се справуваме со енергетската криза.

– Малите хидроцентрали што се граделе и се градат, нема апсолутно, па и на долг рок, да го решат проблемот со недостиг од струја во земјава. Спас не треба да се бара ниту во сончевата или ветерната енергија. Единствен начин да се соочиме со ситуацијата е да го искористиме она што го имаме, да ги модернизираме од темел постојните капацитети и да ја замениме дотраената, амортизирана опрема – смета Хајредини.
Според него, грешките во енергетскиот сектор не се од сега, но не е точно и она што го велат сегашните власти, дека благодарение на нивните добри политики, успешно и подобро од сите други се справуваме со кризата.
Хајредини подвлече дека клучното решение во светски рамки се нуклеарните електроцентрали и термоцентралите, нешто кон што се вртат сите земји.
– Во јавноста се создава неточна слика за состојбата, посебно за енергетиката. Владините претставници не го прават тоа поради незнаење. Ценам дека сите се писмени кадри, но поради политиката, стравот од губење на избори, тие се принудени да ја прикажуваат состојбата многу порозова отколку што вистински е. Немаме каде. Мора да го користиме она што го имаме, да се инвестира во модернизација и во замена на постојните опреми. Ова е реалната ориентација и надлежните го знаат тоа, дека состојбата е ваква, а ние се занесуваме, и тоа претставници на власта, ќе правиме „зелена агенда“ и веќе нема да има загадување – ќе има, ќе се загадиме ама мора да имаме електрична енергија – истакна Хајредини, за време на вчерашното обраќање на панелот „Мерливоста на вредностите: економски визури“.
Тој е дециден дека проблемот е во застареноста на капацитетите што ги имаме и не е точно дека нивна алтернатива се сончевата или енергијата на ветерот, ниту малите централи. Со оглед дека немаме можност да градиме од темел големи енергетски капацитети, треба, повтори Хајредини, да ги модернизираме постојните.
– Сè уште не можеме да речеме дека сончевата енергија може да ја спаси која било држава од недостиг од струја. Државите се повторно принудени да градат нуклеарни електроцентрали. Повторно бараме спас во сè што се мислеше порано дека во иднина нема да го има поради опасност или загадување. И немаме друг спас. И кај нас, ако, фотоволтаици и централи нека се градат. Никој нема против. Но тие не се решението за нашиот проблем. Второ, и исто така многу важно, а одамна за тоа се зборува, е дека резервите на јаглен завршуваат, толку се. Тие се и скапи зашто не се работи за површински коп, како во Косово. Увозот, пак, е евтин, но многу чини транспортот – укажа Хајредини. Е.Р.