Министерството за внатрешни работи информира дека во текот на изминатото деноноќие биле евидентирани шест случаи на семејно насилство, при што едно лице е лишено од слобода.
Во Тетово, полициски службеници го привеле 37-годишниот Б.А., постапувајќи по пријава од неговата поранешна партнерка. Според пријавеното, по прекинот на нивната врска во април годинава, тој континуирано ја следел, телефонски ја вознемирувал од различни броеви и упатувал закани кон неа и нејзиното семејство.
Во друг случај во Скопје, 28-годишна жена пријавила дека била физички нападната од нејзината свекрва, која претходно го оштетила и семејното возило. При инцидентот жената се здобила со тешка телесна повреда, констатирана во здравствена установа.
Полицијата постапувала и по пријава за физички напад врз 16-годишна девојка во семејниот дом во скопската населба Бит Пазар. Според наводите, девојчето подолг период било изложено на физичко и психичко малтретирање од членови на семејството.
Евидентиран е и случај во кој 37-годишен скопјанец пријавил дека неговата тетка му упатувала закани, се обидела насилно да влезе во неговиот стан и истурила боја пред влезната врата.
Во скопско село, 34-годишна жена пријавила дека била физички нападната од својот сопруг, со кого подолг период не живее заедно.
Дополнително, 71-годишен жител на Скопје пријавил дека бил физички нападнат од својот внук поради нерасчистени имотно-правни односи.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на сите случаи, по што против инволвираните лица ќе бидат поднесени соодветни пријави.

































