Фото: ЕПА

Автомобилските компании собираат лични податоци, за тоа што слушате, за вашата тежина, финансиска состојба, а понекогаш дури и детали за вашиот сексуален живот и општо здравје

Веќе нема сомнение, вистината е дека шпионите се насекаде околу нас. И не само тоа туку сè уште ги чуваме и ги заштитуваме, понекогаш повеќе од нашите сопствени деца. На некои од нив дури им обезбедивме и топло сместување. Некогаш автомобилите беа своевиден симбол на слободата, не само на патувањето, а денес тие се компјутери на тркала што ги користат гигантските корпорации за да вшмукаат интимни детали за нашите животи и да заработат повеќе пари.
За младите луѓе, моментот кога ги добиваат клучевите од нивниот стар семеен автомобил е знак дека се доволно возрасни за да се одвојат од будното око на своите родители и да влезат во свет каде што времето и одлуките се нивни. Сепак, работите се менуваат. Ако мислите дека возењето денес е шанса за самостојност и независност, длабоко се лажете, а велат дека ќе биде и полошо.
Информациите собрани од автомобилските компании содржат прецизни податоци за вашата локација каде и да одите, за тоа кој е во автомобилот со вас, што се слуша на радио, дали носите безбедносен појас, дали возите пребрзо или нагло сопирате. Новите возила имаат и камери насочени кон седиштето на возачот и собираат детали што не сте ги очекувале, како што се вашата тежина, возраст, израз на лицето, дали сте ќелави и дали си го чепкате носот.
Поголемиот дел од „шпионирањето“ доаѓа преку интернет-конекции што испраќаат податоци додека возите во блажено незнаење. Ова не е крај на проблемите со приватноста, бидејќи вашиот личен шпион може да ви го олесни и паричникот. Осигурителните компании се меѓу најголемите купувачи на податоци и ги користат за да им наплатат на некои луѓе повисоки стапки за осигурување.

Сопствениците на автомобили не знаат каде одат податоците

Друга загриженост е тоа што не знаете каде одат вашите податоци. Некои автомобилски компании признаваат дека ги продаваат вашите податоци, но не се обврзани да кажат кој ги купува. Експертите велат дека повеќето потрошувачи немаат поим дека тоа воопшто се случува.
– Луѓето би биле шокирани од количеството на податоци што нивниот автомобил ги собира и им ги пренесува на други луѓе, без разлика дали е до производителот или до апликации од трети страни. Тоа во основа значи дека вашиот живот може да се реконструира речиси секунда по секунда – вели Дарел Вест, виш соработник во Центарот за технолошки иновации во Вашингтон.
Секако, постојат и предности. Поврзаните автомобили може да бидат попогодни бидејќи сензорите со кои се опремени можат да го направат возењето побезбедно и поудобно. Осигурителните компании би можеле да ви наплатат помалку за услугите бидејќи сте добар возач. Но, како што производителите на автомобили ги прошируваат своите империи за податоци, сега е време да разбереме што се случува „под хаубата“ и како влијае тоа на вас.
Консалтинг-фирмата „Мекинзи“ откри дека половина од автомобилите на патиштата во 2021 година биле поврзани на интернет, а се очекува тој број да се зголеми на 95 проценти до 2030 година. Ако вашиот автомобил е поврзан на интернет, приватноста е загрижувачка.
Автомобилските компании исто така можат да ве шпионираат кога го поврзувате вашиот телефон со инфозабавниот систем или користите некои апликации дизајнирани за возење. Анализа од 2023 година од страна на „Мозила“, производителот на популарниот интернет-пребарувач, ги испита политиките за приватност на 25 марки автомобили. Ниту еден од нив не ги исполнуваше стандардите за приватност и безбедност на „Мозила“, што ја наведе компанијата да каже дека автомобилите се „најлошата категорија на производи што некогаш ги прегледала во однос на приватноста“.

Автомобилските компании го задржуваат правото да собираат податоци

Автомобилските компании го задржуваат правото да собираат податоци, вклучувајќи ги вашето име, возраст, раса, тежина, финансиски информации, изрази на лицето, психолошки трендови и друго. На пример, политиката за приватност на „Киа“, како што објави „Би-би-си“, сугерира дека тие дури можат да собираат детали за вашиот сексуален живот и општо здравје.
Портпаролот на „Киа“, Џејмс Бел, вели дека компанијата никогаш не собирала податоци за сексуалниот живот или здравјето на возачите. Овие детали се појавуваат само во политиката за приватност на „Киа“ затоа што компанијата ја цитира дефиницијата на Калифорнија за „чувствителни податоци“, вели Бел, истакнувајќи дека нејзините практики за приватност се транспарентни и дека компанијата споделува податоци само со осигурителни компании ако возачите се согласат. Сепак, компанијата не објасни какви „чувствителни податоци“ собира.
Тешко е дури и да се претпостави што се сите овие податоци, но автомобилите се преполни со сензори: во седиштата, на контролната табла, во моторот, на воланот, насекаде каде што можете да помислите. Многу автомобили имаат камери внатре и надвор. Ако направите нешто во модерен автомобил, веројатно постои начин компаниите да дознаат.
„Мозила“ откри дека 19 компании за автомобили изјавиле дека би можеле да ги продадат вашите податоци, и токму тоа се случува. Федералните агенции во САД презедоа мерки против „Џенерал моторс“ за наводна продажба на податоци за локацијата на автомобилот без согласност. Американските сенатори ги обвинија „Хонда“ и „Хјундаи“ за слични практики – и ова се само некои од примерите што ѝ се познати на јавноста.
– Тие ги земаат сите информации што ги собираат за вас, што е многу, и ги користат за да донесат заклучоци за тоа кои сте, колку сте интелигентни, каков е вашиот психолошки профил, какви се вашите политички убедувања. Нема јасни правила за тоа кој може да ги купи овие податоци или за што се користат – вели Џен Калтрајдер, аналитичарка што водеше автомобилски истражувања во „Мозила“, додавајќи дека луѓето не размислуваат многу за ваквите практики.
Тие можат да се користат за маркетинг, компаниите дури можат да ги користат при донесување одлуки за вработување. Полицијата може да купи податоци за автомобили кога не може да добие налог за претрес. „Џенерал моторс“ продал податоци за возачи на компанија наречена „Лексис нексис“, брокер за податоци што купува и продава податоци за потрошувачите.
Возачот што добил копија од податоците наводно открил дека „Лексис нексис“ има 130 страници со информации, со детали за секое патување што тој и неговата сопруга го направиле во период од шест месеци. Тој изјави за „Њујорк тајмс“ дека неговиот агент за осигурување му кажал, откако неговите трошоци за осигурување скокнале за 21 процент, дека податоците доаѓаат од брокер што продава податоци за потрошувачите.
Откако податоците ќе ја напуштат вашата контролна табла, немате контрола врз тоа каде завршуваат и нема сомнение дека компаниите го шпионираат вашиот приватен живот, што би можело да биде незгодно за вас.