Фото: МИА

Премиерот Христијан Мицкоски во Њујорк се обрати на престижниот самит Конкордија, кој се одржува паралелно со Генералното собрание на Обединетите нации. На панелот на кој учествуваше и грузиската заменик-премиерка Мака Ботчоришвили, Мицкоски говореше за европската интеграција, односите со САД и НАТО, стратешките инфраструктурни проекти и економските движења во земјата, пренесе МИА.

Во фокусот на неговото обраќање беше европската интеграција на Македонија и, како што посочи, долгогодишните пречки на патот кон членството во ЕУ.

Мицкоски оцени дека македонските граѓани се соочуваат со голема фрустрација поради долгото траење на процесот и отстапките што земјата ги направила во изминатите децении.

 – Ние го започнавме нашето патување пред речиси две и пол децении и, за жал, поради некои вештачки причини, не успеавме да станеме дел од ЕУ – рече Мицкоски.

Тој потсети на промените што, според него, Македонија ги направила во изминатиот период, вклучително и промената на знамето, повеќекратните уставни измени и промената на уставното име.

Сепак, премиерот порача дека земјата останува посветена на европските вредности и на евроинтегративниот процес.

 – Очигледно мораме да чекаме, но не само што чекаме, туку и правиме нешто. Се градиме и развиваме – истакна Мицкоски.

Говорејќи за билатералните прашања со земји членки на ЕУ, Мицкоски оцени дека европскиот интегративен процес треба да биде насочен кон реформите и усогласувањето на институциите, а не кон прашања поврзани со идентитетот.

 – За мојата генерација, преговорите со ЕУ беа еден вид начин да се променат институциите — не да се промени идентитетот – рече тој.

Според него, дел од земјите членки се обидуваат преку процесот на интеграција да решаваат билатерални прашања.

Мицкоски оцени дека Македонија се наоѓа во тешка позиција, но дека нема да се откаже од европската перспектива.

 – Нема подобра опција за мојата земја. И бидејќи нема подобра опција, подготвени сме да одиме напред и да најдеме излез од оваа ситуација – порача премиерот.

Мицкоски посочи дека од Брисел во последниот период пристигнуваат и позитивни пораки.

Како пример го наведе самитот на ЕУ и земјите од Западен Балкан во Тиват, каде што, според него, биле испратени „исклучително позитивни“ пораки.

Тој рече дека Франција и Германија презентирале неформален документ кој, според информациите што ги има Владата, би можел во иднина да стане дел од официјалната политика на ЕУ.

Во меѓувреме, како што истакна Мицкоски, Македонија продолжува со усогласувањето со европските политики и законодавството.

 – Ние не само што чекаме, ние работиме на нашиот развој, ја завршуваме нашата домашна задача, не го губиме времето – рече тој, додавајќи дека членството во ЕУ останува „стратешки камен-темелник“.

Мицкоски се осврна и на односите со Соединетите Американски Држави, нагласувајќи дека Македонија сака да биде пример за американското присуство во регионот и Европа.

Тој потсети на стратешкиот дијалог меѓу двете земји и на потпишаните договори и меморандуми за разбирање, како и на продлабочувањето на соработката во повеќе области.

Меѓу нив ги посочи воената индустрија, енергетиката и ископувањето антимон со поддршка од американската агенција ДФЦ.

 – Мислам дека односите меѓу двете земји стануваат сè подлабоки со текот на времето – рече Мицкоски.

Тој ја истакна и стратешката позиција на земјата во регионот, особено во контекст на членството во НАТО и инфраструктурното поврзување.

Како дел од стратешките инфраструктурни проекти, премиерот го посочи обновувањето на нафтоводот што го поврзува Солун со рафинеријата во земјата.

Според Мицкоски, со обновувањето на нафтоводот Македонија ги задоволува сопствените потреби, но има можност и за извоз во регионот.

Тој ги претстави и плановите за гасно поврзување со Грција и Србија.

Јужниот гасен интерконектор, кој треба да ја поврзе земјата со ЛНГ-терминалот во Александрополи, според најавите на премиерот, треба да биде ставен во функција најдоцна до крајот на четвртиот квартал од 2027 година. Северниот интерконектор кон Србија, пак, е планиран за крајот на 2028 година.

Мицкоски нагласи дека овие проекти треба дополнително да ја зајакнат стратешката позиција на земјата.

Во тој контекст ги посочи и Коридорите 8 и 10, кои се вкрстуваат во близина на Скопје.

 – Ние сме крстосница на овие две природни насоки, што мислам дека нè прави многу важна членка на НАТО – рече Мицкоски.

Во својот настап премиерот се осврна и на економските показатели.

Според него, податоците за вториот квартал од 2026 година покажуваат реален економски раст од 4,3 проценти, додека номиналниот раст е над 8 проценти.

Мицкоски рече дека Владата по доаѓањето на власт во јуни 2024 година како приоритети ги поставила институционалното зајакнување, макроекономската стабилизација и фискалната консолидација.

Говорејќи за инфлацијата, тој посочи дека во август годишната инфлација била пониска од европскиот просек и дека, според него, се одржува во рамки од околу 2 до 2,5 проценти.

Премиерот оцени дека економијата е во добра форма и дека животниот стандард се подобрил во изминатиот период, со очекување позитивниот тренд да продолжи и во следните години.