Обработка : Дејан Јовески/„Нова Македонија“

Осумдесет и три години од смртта на Коста Солев Рацин: Чествување на делото и пораките на македонскиот великан

  • Волшебникот на македонската поетска реч Коста Солев со својата личност и севкупно творештво се пројавува се пројавува не само како поет на душата на македонскиот народ туку и како негов знаменит национален мислител од највисок ранг, способен да проникне во македонските национални пулсирања и визионерски да ги искаже со силата на својот збор. Рацин не е физички со својот народ веќе 83 години, но неговите мисли и пораки извонредно силно одекнуваат би се рекло уште повеќе токму денес

„Само борбата на самите Македонци може да ѝ даде слобода на Македониа – а секој друг — само робство! Вистинската слобода на Македониа нема да дојде от таму, ами само от самите Македонци и со примерот што го покажа Илинден! Секој друг пат е лага! ’Мајка Блгарија’ уште тогај стана најголемиот душман на вистинската слобода на Македониа!“ Ова е предупредување упатено од големиот македонски поет и народен трибун-патриот Кочо Рацин во неговата статија со наслов „Значението на Илинден“ од 1940 година, во која со исклучителна јасност и острина ги разобличува и ги напаѓа, како што нагласува, „блгарските мечти за Македониа“. Уште тогаш, пред 86 години, Рацин визионерски проговори и предупреди за опасноста од тие мечти, кои официјална Софија и денес ги има задржано и „спакувано“ во проектот „Бугари во устав“, овој пат со помош на ЕУ, односно на дел од водечките европски држави, замислен да се спроведе врз основа на „францускиот предлог“ и европската преговарачка рамка.
На денешен ден, 13 јуни 1943 година Рацин го губи својот живот на планината Лопушник во трагичен инцидент во околности и натаму неразјаснети, во врска со кои опстојуваат сомнежите дека не бил „несреќно застрелан поради неговата наглувост“, туку со намера ликвидиран, поради неговата „тврда“ промакедонска линија. Во статијата на Јосиф Ќаевски-Перо со наслов „Сеќавање за смртта на Кочо Рацин“, објавена во „Нова Македонија“ во март 1990 година, се приведуваат изворно последните, претсмртни зборови на великиот Македонец, откако бил погоден со куршум на планината Лопушник: „Кога дојдовме до Кочо, тој легнат на грб, уште свесен… кога почна да ја губи свеста, собра сила само уште да рече: Другари, имам една стара мајка во Велес, кажете ѝ оти загинав за Македонија“.
Во својата статија за значењето на Илинден, Кочо Рацин дополнува: „И тогај се мислеше дека слободата ќе ни ја донесе некој друг. И тогај некои клапави синови на нашиот народ мислеја и се надеваја дека таа слобода ќе ни ја даде ‘некој отаде Блгариа’, Европа, ели некој друг, само не самиот македонски народ… Блгарското управление сметаше дека кога и да е Македониа треба да биде негова, та затова уште тогај се почна усилена пропаганда да се прикажуваат Македонците како македонски блгари, кои требе да се соединат со својата мајка, и сета нимна борба за ослободување ќе требе да има таква цел. И ете тогај блгарското правитeлство почна активно да се меша у македонските работи“.

Рацин: Историјата сакаат да ни ја скријат, да ни ја земат, за да ни ја земат душата, за да докажат дека сме племе без историски континуитет!

Волшебникот на македонската поетска реч Коста Солев со својата личност и севкупно творештво се пројавува не само како поет на душата на македонскиот народ туку и како негов знаменит национален мислител од највисок ранг, способен да проникне во македонските национални пулсирања и визионерски да ги искаже со силата на својот збор. Рацин не е физички со својот народ веќе 83 години, но неговите мисли и пораки извонредно силно одекнуваат, би се рекло уште повеќе токму денес.
Рацин уште во 1920 година во статијата „Македонци или македонски Блгари“ се осврнал критички на своите сонародници, кои самите си го одрекувале националното потекло и, како што нагласил, на „противниците на македонскиот народ и идејни адвокати на бугарскиот империјализам“.
– Дали сме ние Македонци, или македонски Блгари? Се прашајат мнозина наши другари и одговарајат: ‘Ние сме Македонци, ама не како определена нација. Национално, ние сме Блгари, оти македонска нација – нема.’. За това свесно се борат и блгарските и српските империалисти, и несвесно им служат онија наши другари, што ни одречуат правото да се сметаме национално Македонци. Но, јасно е дека ние сме Македонци, а не македонски Блгари – запишал Кочо Рацин.
Пишувајќи во „Јазикот – тоа е голема сила на народот, на нацијата“, Кочо Рацин ни остава од 1940 година уште еден блескотен запис – своевидно национално послание, кое е на иста линија како и предупредувањето на Блаже Конески до Македонците „да бидат на штрек и да го чуваат јазикот свој мајчин македонски, оти е единствена нивна комплетна и неподелена татковина“.
Рацин пишува: „Да му го земеш јазикот на еден народ, тоа значи да му ја земеш душата, да го лишиш од неговиот национален персоналитет. И таа забрана овде (во Кралството Југославија – н.з.) и иста таква забрана во ’бугарска’ Македонија, и во Грција – тоа е сè борба за душата на македонскиот народ, но не за тоа таа да се развие, туку да се уништи. И тука има едно фантастично совпаѓање: трите балкански буржоазии се единствени во нешто – во тоа да се одрече, а потоа да се уништи македонскиот јазик, за да се избрише македонскиот народ како национална индивидуалност… Ете, и историјата сакаат да ни ја скријат, да ни ја земат, за да ни ја земат душата, за да докажат дека сме племе без историски континуитет. Народ, кој нема свое вчера, кој нема свое денес, не може да има ни свое национално утре. Ете, нашето вчера треба да исчезне, за да се стопи нашето денес и за да се избрише секоја мисла за нашето утре. А континуитетот постои – континуитет на маки и страдања, но и континуитет на отпори, борби и еден чудовишен континуитет на национална отпорност и на народна жилавост.“
Коста Апостолов Солев е роден на 22 декември 1908 година во Велес, во семејството на сиромашниот грнчар Апостол Солев. Имал гладно и сиромашно детство, во кое многу работел и учел. Рано го сфатил ропскиот живот на македонскиот народ и затоа уште во детството кај него се јавила омраза кон експлоататорите. Поради сиромаштија го прекинал школувањето во втори клас нижа гимназија и му се посветил на татковиот, грнчарскиот занает. Но го користел секој слободен момент за читање, повлекувајќи се на таванот и учејќи на свеќа. Ги читал делата на најистакнатите марксисти, социолози, писатели и мислители.


Поезијата и личноста на Рацин се повелбата за нашето постоење како народ и јазик!

Творештвото на Кочо Рацин опфаќа неколку области: поезија, проза, историски списи, филозофски списи, литературна критика и есеи. Започнува да пишува поезија во 1928 година. Својот најголем придонес го дава во областа на поезијата, особено со својата стихозбирка „Бели мугри“. Со неа го постигнува својот најголем успех. Стихозбирката „Бели мугри“ е испечатена во 1939 година во Самобор, до Загреб, во 4.000 примероци. Иако била забранета, таа се растура меѓу македонското население низ цела тогашна Југославија и во Пиринска Македонија. „Бели мугри“ е напишана на македонски јазик и со македонска азбука, шест години пред официјализирањето на заседанието на АСНОМ, што јасно говори за постоење на македонска самосвест, јазик, азбука и култура.
– Со своите „Бели мугри“ Рацин ги удира темелите на современата македонска поезија. Toj e канон (закон, повелба – н.з.) за нашето постоење како култура, како јазик, како нација! – заклучува универзитетската професорка д-р Весна Мојсова-Чепишевска во својот фељтон за генијалниот македонски поет.
„Бели мугри“ е составена од 12 песни, од кои две се циклуси (со по шест и седум песни), напишани на велешки дијалект со примеси од западномакедонските говори, во кои преовладуваат општествените и револуционерните теми. Според лирскиот вид, сите песни во збирката се општествени, а мотивите се: аргатски, печалбарски, за пропаднатите занаети, елегични и револуционерни. Насловот на оваа знаменита стихозбирка содржи силна симболика, сликовита асоцијација на едно ново утро, нов почеток, нов живот за работниците, аргатите и сите експлоатирани луѓе. „Бели мугри“ е создадена под влијание на народната поезија, на „Зборникот“ на Браќата Миладиновци. Всушност, со оваа стихозбирка Рацин ги најави „белите мугри“ на битисувањето на македонскиот народ!
Писателот Раде Силјан во предговорот на книгата „Бели мугри на словенски јазици“ (2019) истакнува дека Рацин е најсветлата точка на македонската литература во првата половина на 20 век.
– Стиховите од „Бели мугри“ се наметнуваат како уметнички идеал, како живот на јазикот и на националниот гениј. Затоа Рацин е човек на нашата доба и на иднината. Затоа името на Кочо Рацин е скратенка за името на сите нас – поентира Силјан со зборовите на Блаже Конески. Св.Т.


Академик Ќулавкова: Поезијата на Рацин, мислителот и борец за правда, и по еден век е жив македонски отслик на стварноста

На 7 април 2025 година во Македонската академија на науките и уметностите во Скопје беше претставено тритомното издание за Кочо Рацин – поезија, проза, животопис. Во воведната реч во таа пригода главниот редактор академик Катица Ќулавкова истакна: „Ова тритомно издание претставува пофалба на делото на Рацин, на неговиот животен и творечки подвиг, на неговата втемелувачка, сподвижничка, визионерска, напредна, хумана и револуционерна природа. Рацин не е само име на една стилска епоха туку и на една филозофија на праведното и достоинственото постоење на човекот и на човештвото. Рацин обединува таков каков што е: страстен човек, надарен поет, бескомпромисен борец за правда, бранител на обесправените и угнетените, префинет мислител, пасиониран истражувач, хуманист, футурист, интернационалист. Рацин ја доживеал изворно македонската драма и затоа можел да ја опише нејзината суштина. Рацин дошол, видел и останал во светот. На македонски начин. Поради тоа, неговата најдобра поезија од пред еден век и денес се чита како да е жив отслик на стварноста. Македонски отслик. Рацин ја доловил суштината на историјата, гледајќи ја со едното око на македонски начин, а со другото – на општочовечки.“

Свето Тоевски