Анализа: Раѓањето прекуатлантски сојуз минус Вашингтон?
- Пред само неколку дена идејата Канада да стане прва „придружна членка“ на Европската Унија изгледаше како дипломатска досетка. Денес таа веќе е на масата како политички проект. Но засега не постои таков статус во договорите на ЕУ, нема подготвено правен модел, ниту пак 27. членки формално се изјасниле дека сакаат да го создадат. Но токму затоа е интересен моментот. За пред јавноста нема готов договор, туку обид да се создаде нов облик на политичка и економска интеграција за свет во кој старите сојузи се во процес на забрзана ерозија
На 16 септември во Стразбур претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предложи Канада да стане првата „придружна членка“ на ЕУ. Во истиот говор таа рече дека од постојниот договор CETA треба да се премине кон „Алијанса за иднината“ (Alliance for the Future), соработка што би опфатила области како индустријата, технологијата, одбраната, Арктикот, енергијата, критичните минерали, батериите, вештачката интелигенција, квантните технологии, сајбер-безбедноста и економската безбедност. Канадскиот премиер Марк Карни не само што ја прифати идејата туку во Европскиот парламент (на 17 септември) практично ја претвори во политичка програма.
Од друга страна, американскиот претседател оваа идеја ја нарече „смешна“, за веднаш потоа да се надоврзе и да ја оцени како „непријателски чин“, при што нагласи дека „САД можат да воведат многу сериозни царини“ или дури „да ја прекинат трговијата со Европа во одредени области“!
Токму тука состојбата престанува да биде само една „романтична приказна за една необична европско-канадска дипломатска иницијатива“ и станува приказна за „преобликување на Западот“…
Што всушност планираат Брисел и Отава?
Во разговор со неколку наши постојани соработници, дипломати од кариера, тие унисоно се согласни дека, пред сѐ, најважно е да се расчисти заблудата дека всушност Канада не бара да стане 28. членка на ЕУ.
– За потсетување, Марк Карни, канадскиот премиер, во својот последен говор беше многу прецизен. Тој предложи нова, подлабока форма на партнерство што би овозможила интеграција во конкретни стратешки области, без Канада да стане класична членка на Унијата. Затоа, неопходно е најпрвин да се истакне дека проектот (ЕУ – Канада) што почна да се оцртува во Стразбур има најмалку седум столба, и тоа трговска интеграција, особено дигитална трговија и услуги; интеграција на одбранбените индустрии; критични минерали и стратешки суровини; енергетска безбедност, вклучувајќи ЛНГ и водород; вештачка интелигенција, квантни технологии и компјутерска инфраструктура; финансиски услуги и платежни системи; образовна и човечка мобилност, вклучувајќи канадско учество во „Еразмус плус“ и следната генерација на „Хоризон“ (Horizon). Тоа е многу повеќе од слободна трговија. CETA веќе постои. И според Европската комисија, трговијата со стоки меѓу ЕУ и Канада пораснала за 75 проценти за помалку од една деценија. Но сега идејата е нешто друго. Идејата е да се изгради економски и безбедносен простор во кој зависноста од надворешни сили ќе биде помала. Карни го кажа тоа уште подиректно. Целта не е самодоволност, туку некаков вид „колективна отпорност“. Тој ја дефинираше сувереноста не само како способност да се произведуваат храна, енергија и оружје туку и како сигурен пристап до чипови, критични минерали, ВИ, платежни системи, чиста енергија и вселенски комуникации. Тоа е клучот за разбирање на целиот проект- истакнуваат нашите соговорници дипломати.
Од слободна трговија кон трансатлантска „стратешка автономија“
Според нашите соговорници, интересно е што тие сметаат дека „ова не е класичната либерална приказна во стилот „отворете ги пазарите и капиталот ќе го направи преостанатото“. Според соговорниците „во оваа иницијатива има нешто уште подлабоко и неолиберално, каде што „идеолошки компатибилните глобалистички елити“, како некаква форма, сојуз, алијанса со елементи на наддржава, повторно ја дефинираат интеграцијата според глобалистички геополитички матрици.
– Токму затоа ЕУ веќе ја внесе Канада во својот инструмент за военонаменски набавки САФЕ (SAFE). Канада е првата неевропска држава што учествува во инструмент САФЕ од 150 милијарди евра наменет за јакнење на европската воено-индустриска база. Тоа значи дека „придружниот член“ не започнува од нула. Еден дел од архитектурата веќе постои. Партнерството меѓу ЕУ и Канада од 2025 година ги опфаќа Украина, поморската и вселенската безбедност, хибридните закани, сајбер-безбедноста, тероризмот, воената мобилност и борбата против странско мешање и дезинформации. Со САФЕ, CETA и ова безбедносно партнерство веќе постојат три основи – пазарот, безбедноста и индустријата. Сега се бара политичка рамка што ќе ги поврзе – тврдат нашите ценети соговорници, дипломати со огромно меѓународно искуство.
А зошто партнерство токму со Канада?
Според дипломатите со кои разговаравме, Канада е речиси идеален партнер за Европа во моментот кога геополитиката се претвора во повеќеслојна криза за ЕУ, како економска, енергетска, прекинати синџири на снабдување, криза на технологија и развој, мигрантска криза, сигурност и безбедност…
– Канада има огромни енергетски ресурси, критични минерали, арктичка географија, развиени технологии во ВИ и квантната индустрија, вселенски капацитети и силен финансиски сектор. Европа, пак, има нешто што Канада го нема во ист обем, како што е огромен единствен пазар, индустриска база, истражувачки капацитет, регулаторна моќ и можеби и капитал. Токму во врска со ова, премиерот на Канада, Карни, токму вака ја постави равенката и рече: „Европа носи моќен пазар и истражувања во длабочина (темелни) и напредно производство; Канада носи енергија, критични минерали, ВИ, квантни технологии, вселенски капацитети и капитал“. Значи, ова не е романтична приказна за „Европа и Канада што ги делат истите вредности“. Има многу конкретна материјална логика – анализираат нашите соговорници.
Тие додаваат дека „Канада сака европски пазар и европска индустриска и технолошка моќ“.
– Европа сака канадски ресурси, енергија, технологии и пристап кон Арктикот. А над сето тоа стои една заедничка потреба, имено намалување на ранливоста кон американскиот и кинескиот економски систем – анализираат тие.
Арктикот е можеби најинтересниот дел од заедничкиот европско- канадски проект
Во целата иницијатива зборот „Арктик“ се појавува повеќепати, а тоа само по себе е исклучително интересно. Според нашите брифери, дипломати, тоа не е случајно.
– Канада е арктичка сила. ЕУ, преку Данска и Гренланд, има директен интерес во Арктикот. Русија е голема арктичка сила. Кина се позиционира како заинтересиран актер. А САД, особено под Трамп, драматично ја зголемија стратешката тежина што му ја даваат на регионот. Фон дер Лајен предложи Арктикот да стане „главен заеднички проект“ на ЕУ и Канада. Во исто време, токму деновиве Трамп објави договор со Данска и Гренланд за зголемено американско воено присуство и американска безбедносна улога во Гренланд, иако островот останува под дански суверенитет. Тоа следува по неговите претходни закани и иницијативи за американско преземање на Гренланд. Затоа арктичката компонента на канадско-европската иницијатива има многу поголема тежина отколку што изгледа на прв поглед. Таа практично создава потенцијален европско-канадски арктички простор во кој и Канада и европските држави би имале поголема способност самостојно да ги бранат своите интереси – истакнуваат дипломатите.
Парадоксот на канадско -европскиот интегративен проект: Трамп!?
Според повеќе наши соговорници на оваа тема, можно е најголемиот катализатор на европско-канадското зближување да биде токму политиката на Вашингтон. И Карни и Фон дер Лајен експлицитно јавно тврдат дека Европа и Канада не сакаат да создадат антиамерикански блок.
– Фон дер Лајен го опиша проектот како партнерство „не против некого, туку за нашата заедничка сила“. Карни отиде уште подалеку и рече дека не предлага „трет блок“, кој би станал ривал на големите сили. Тој зборуваше за отпорност, а не за изолација. Но политичката реалност е поостра од дипломатскиот речник. Ако Канада има алтернативен пазар, алтернативни снабдувачки синџири, алтернативни одбранбени партнери и алтернативни финансиски и технолошки мрежи, американската способност да ја притиска Канада станува помала. Истото тоа важи и за Европа. Затоа најточната формула можеби не е „Европа против Америка“, туку Европа и Канада се обидуваат да изградат капацитет за Америка да не биде незаменлива. Тоа е многу посериозна работа за иднината на геостратегиските односи на глобален план – истакнуваат нашите соговорници, дипломати од кариера и одлични познавачи на меѓународните односи. Р.С.
Уште неколку интересни става за зачетоците на европско-канадската интеграција
Што навистина се раѓа во Стразбур?
Наш соговорник, универзитетски професор по меѓународни односи и дипломатија, вели дека „не би го опишал овој проект како чисто неолиберален, иако има многу елементи во таа насока. А не би го опишал ниту како антиамерикански, ниту како класичен европски федерализам“.
– Најточно би било да се опише како проект на стратешка меѓузависност. Тоа на прв поглед звучи како противречност. Но токму тоа е неговата суштина. Европа и Канада не сакаат целосна самодоволност. Знаат дека тоа е невозможно. Сакаат да избираат од кого зависат и со кого се компатибилни, по повеќе основи, па и идеолошки. Но од перспектива на групен кадар, канадско-европскиот проект е и економски и геополитички. Тој е пазарна интеграција, но и безбедносна интеграција. Тој е диверзификација од САД, но не нужно раскин со САД. Тој е одговор на Кина и Русија, но истовремено и реакција на променетиот карактер на американската политика. И тука е можеби најдлабоката иронија на целата приказна. МАГА тргна од тезата дека Америка е премногу зависна од другите. Европа и Канада сега одговараат со тезата дека и тие не смеат да бидат премногу зависни од Америка. Двете стратегии имаат заедничка претпоставка – зависноста е слабост. Разликата е во одговорот. Трамп се обидува американската моќ да ја претвори во поголема способност за притисок врз партнерите. Европа и Канада се обидуваат меѓусебната поврзаност да ја претворат во заедничка отпорност кон притисокот. Затоа Стразбур можеби нема да остане запаметен по зборовите „придружна членка“. Можно е поважно да биде моментот кога една канадска и една европска влада практично кажаа нешто што до неодамна звучеше непотребно. Имено, „ако светот влегува во ера на повеќе сфери на влијание, тогаш и мора да се создаде доволно сопствена тежина за да не се стане туѓа сфера на влијание“. Ако оваа иницијатива успее да се претвори од симбол во институции, набавки за наменска индустрија, критични минерали, енергетски коридори, истражување, ВИ, финансии, дигитална трговија и арктичка соработка, тогаш „придружното членство“ нема да биде „смешна фуснота“ во историјата, како што тврди Трамп. Тоа може да стане нов пример на европска интеграција, повторно со приоритет според стратешка потреба, а не според критериуми со кои Брисел „се расфрла“ по земјите членки. Со тоа уште еднаш се демонстрира лицемерноста на политиките на Брисел, кој, да не се лажеме, најпрвин го гледа својот интерес, а потоа сѐ друго, вклучувајќи ги и земјите кандидатки за ЕУ – вели нашиот соговорник, универзитетски професор по меѓународни односи и дипломатија. Р.С.
„Евроатлантика без Америка“ – или нешто посуптилно?
Проектот ЕУ-Канада засега не е евроатлантска архитектура без САД. Канадскиот премиер Карни во Стразбур јасно ја потврди посветеноста кон трансатлантската безбедност и НАТО. Канада не сака да го напушти НАТО. Европа не сака да го раскине сојузот со Америка. Но се појавува нешто друго. Европа и Канада сакаат трансатлантската структура да не зависи целосно од Вашингтон, поточно од Трамп и неговата администрација. Тоа е огромна разлика. САД би останале дел од Западот. Но, во ваква констелација, веќе не се посакувани да бидат единствен економски, технолошки, воен и политички центар. Во таа смисла, европско-канадскиот проект може да биде прв пример на новата логика, а тоа е не напуштање на Западот, туку диверзификација на Западот. Р.С.


































