Nigerija
Фото: ЕПА

Најмалку 17 земјоделци загинаа, а 13 лица се повредени во напад на вооружени лица во северозападна Нигерија, соопштија локални претставници и жители.

Нападот се случил во селото Горон Намаје, во областа Марадун, во нигериската држава Замфара, регион кој со месеци се соочува со зачестени напади од вооружени банди, пренесе МИА.

Според локални извори, земјоделците работеле на своите ниви кога биле изненадени од вооружените напаѓачи.

 – Земјоделците работеа на својата земја кога бандитите одеднаш нападнаа и убија 17 лица – изјавил жител на областа, додавајќи дека повредените биле пренесени во болница на лекување.

Засега ниту една група не презеде одговорност за нападот.

Претседателот на локалната самоуправа во Марадун, Сануси Досара, оцени дека нападот можеби е поврзан со одбивањето на властите во државата Замфара да водат преговори со вооружените банди. Тој побара безбедносните сили да спроведат операции во шумската област Бајан-Рува, за која се верува дека служи како засолниште за криминалните групи.

Само два дена претходно, вооружени лица киднапирале 39 жители во селото Магамин Диди, исто така во областа Марадун, за време на обиди за воспоставување локален мировен договор и прекин на киднапирањата.

Северозападна и североисточна Нигерија со години се соочуваат со сериозна безбедносна криза, обележана со вооружени напади, киднапирања и судири со криминални и екстремистички групи. Според податоци на Обединетите нации, илјадници луѓе се убиени, а милиони се раселени како последица на насилствата во земјата.