САД и Иран се блиску до постигнување мировен договор по три месеци вооружен конфликт, а првичниот документ би можел да биде потпишан во следните 24 часа, соопшти пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф.
Пакистан, кој посредува во разговорите меѓу двете страни, се подготвува за електронско потпишување на договорот, по што следната недела треба да започнат технички разговори за негово спроведување, пренесе „Си-би-ен-си.
– Поблиску сме до мировен договор од кога било досега. Финализирањето веројатно се очекува во следните 24 часа, а Пакистан се подготвува за електронско потпишување веднаш потоа – напиша Шариф на социјалната мрежа Икс.
Тој оцени дека евентуалниот договор би можел да постави темели за трајна стабилност и намалување на тензиите во регионот, пренесе „Ројтерс“.
И од Вашингтон и од Техеран во последните денови пристигнаа сигнали дека е постигнат значителен напредок во преговорите. Според американски претставници, текстот на меморандумот е усогласен и се очекува негово потпишување во наредните денови.
Предлог-договорот, според извори вклучени во разговорите, предвидува повторно отворање на Ормуската Теснина и укинување на американската поморска блокада на иранските пристаништа.
Сепак, прашањето за иранската нуклеарна програма останува клучна точка на несогласување. Американската страна очекува конечниот договор да доведе до демонтирање на нуклеарната програма и отстранување на залихите на високо збогатен ураниум.
Од друга страна, шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи изјави дека Техеран нема намера да се откаже од својата нуклеарна програма и дека сака да го задржи збогатениот ураниум.
Војната меѓу САД и Иран започна на 28 февруари и предизвика сериозни последици во регионот, вклучително и илјадници жртви, како и силни потреси на светските енергетски пазари.


































