ФУДБАЛ – СП 2026

  • Некогашниот центарфор на репрезентацијата на Германија е најефикасниот фудбалер на светските првенства и е единствен што ги освоил сите медали (злато, сребро и бронза) на мундијалите

Мирослав Клосе (Германија) на Светското првенство (СП) во 2014 година, со погодокот на дуелот од полуфиналето со домаќинот Бразил, стана најефикасниот фудбалер на мундијалите, со вкупно 16 гола, еден повеќе од Бразилецот Роналдо. На тековното СП 2026 има неколку фудбалери што можат да го достигнат или да го престигнат тој ефект на Клосе и по 12 години да има нов голгетерски рекордер.
Долго време рекордер беше Жист Фонтен од Франција, кој на Светското првенство во 1958 година во Шведска постигна 13 гола и изби на врвот на најефикасни фудбалери на СП. Тој рекорд не беше достигнат 16 години, до СП 1974 во Германија, кога Герд Милер од Германија го постигна 14. гол на мундијалите. Потоа тој рекорд на Милер опстојуваше 32 години, сѐ до СП 2002 во Јужна Кореј и во Јапонија, кога Роналдо со двата гола во финалето го надмина Милер за еден погодок. Од нив, Клосе своите голови ги постигна на четири планетарни шампионати, Роналдо на три, Милер на два, а Фонтен на еден.
Од актуелните фудбалери што се во составите на репрезентациите за СП 2026 во САД, Мексико и во Канада најблиску до рекордот на Клосе е Лионел Меси од Аргентина, со 13 гола (постигнати на пет светски првенства), а потоа е Килијан Мбапе од Франција со 12 (на два мундијала), по осум погодока постигнаа Хари Кејн од Англија, Кристијано Роналдо од Португалија, Нејмар од Бразил…
Покрај овој голгетерски рекорд, Клосе има едно необично достигнување, бидејќи е единствен фудбалер што ги освоил сите три медали на светските првенства (злато, сребро и бронза) и единствен со освоени медали на четири мундијали по ред. Тој беше светски првак на планетарното првенство во 2014 година, освои сребро во 2002 година и бронзи на шампионатите во 2006 и во 2010 година. Има неколкумина меѓу фудбалерите на СП 2026 што имаат комбинација од по два различни медала, злато и сребро, злато и бронза, како и сребро и бронза. Н.М.


СП 2026, РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ ЗА СЛЕДНИТЕ НЕКОЛКУ ДЕНА

Мексико – Ј. Африка 2-0
Ј. Кореја – Чешка 2-1
Канада – БиХ синоќа
САД – Парагвај 3 ч.
Катар – Швајцарија 21 ч.
Бразил – Мароко утре, 0 ч.
Хаити – Шкотска утре, 3 ч.
Австралија – Турција утре, 6 ч.
Германија – Курасао утре, 19 ч.
Холандија – Јапонија утре, 22 ч.
Брегот на СК – Еквадор понед., 1 ч.
Шведска – Тунис понед., 4 ч.
Шпанија – Зелено`ртски О. понед., 18 ч.
Белгија – Египет понед., 21 ч.