ЗЕМЈОДЕЛСКИТЕ ЃУБРИВА СТАНУВААТ ГЛАВНА АЛАТКА ЗА ПРОДЛАБОЧУВАЊЕ НА ГЛОБАЛНАТА КРИЗА
- Блискиот Исток учествува со околу една третина од глобалниот извоз на азотни ѓубрива. Кога транспортот е нарушен, глобалниот пазар реагира речиси моментално. Цените скокаат, а земјите почнуваат да бараат алтернативни доставувачи. Иако директната зависност на ЕУ од блискоисточните испораки е релативно мала, европскиот пазар не може да остане изолиран од светските цени. Ѓубривата се глобална стока и секој недостиг во еден дел од светот предизвикува поскапување
насекаде
Кога се зборува за последиците од конфликтот на Блискиот Исток, најчесто во фокус се цените на нафтата и природниот гас. Но во европските институции сѐ поголема загриженост предизвикува една друга, многу потивка криза што е во подем, а тоа е т.н. кризата со вештачките ѓубрива.
Зад секое зрно пченица, секој килограм пченка или секој тон сончоглед стои азотно ѓубриво чија цена директно зависи од цената на природниот гас. А токму гасот, заедно со глобалната трговија со ѓубрива, е меѓу најголемите жртви на нарушените транспортни рути низ Ормускиот Теснец.
Европската комисија (ЕК) веќе предупредува дека растот на цените на ѓубривата може да стане опасна закана за европското производство на храна. Не затоа што Европа ќе остане без храна утре, туку затоа што земјоделците постепено почнуваат да пресметуваат дека одредени култури повеќе не им се исплатат. Зошто?
Блискиот Исток учествува со околу една третина од глобалниот извоз на азотни ѓубрива
Ормускиот Теснец е еден од најважните транспортни коридори во светот. Покрај огромните количества на нафта и гас, низ него поминува и значителен дел од светската трговија со ѓубрива. Блискиот Исток учествува со околу една третина од глобалниот извоз на азотни ѓубрива. Кога транспортот е нарушен, глобалниот пазар реагира речиси моментално. Цените скокаат, а земјите почнуваат да бараат алтернативни доставувачи.
Иако директната зависност на ЕУ од блискоисточните испораки е релативно мала, европскиот пазар не може да остане изолиран од светските цени. Ѓубривата се глобална стока и секој недостиг во еден дел од светот предизвикува поскапување насекаде.
Земјоделците почнуваат да ги менуваат плановите
Она што најмногу ги загрижува европските власти не е моменталниот недостиг, туку однесувањето на земјоделците. Некои од производителите направија резерви уште кон крајот на минатата година и засега успеваат да ги ублажат последиците. Но новите набавки веќе се прават по значително повисоки цени.
Затоа сѐ повеќе земјоделци пресметуваат дали воопшто им се исплати да сеат култури што бараат големи количества азотни ѓубрива. Наместо тоа, некои од нив размислуваат за учество во еколошки програми или за производство на култури со помала потреба од дополнително прихранување.
Ова е особено чувствително кај житните култури, кои претставуваат основа на европската прехранбена безбедност.
Брисел мора да отвори „финансиски чадор“
Свесна за ризиците, Европската комисија почна серија итни мерки. Најпрво беше предложена мобилизација на 500 милиони евра за помош на земјоделците погодени од растот на цените на ѓубривата. Истовремено, ЕУ ги суспендира увозните царини за клучни азотни ѓубрива и суровини за да ги намали трошоците за европските производители. Според процените, увозниците би можеле да заштедат околу 60 милиони евра преку оваа мерка.
Паралелно, Брисел работи на нова стратегија за намалување на зависноста од увоз и за развој на домашно производство на ѓубрива.
Дали Европа навистина има проблем со зависноста?
Според нашите соговорници, професори на Земјоделскиот факултет на УКИМ, одговорот е потврден.
– Околу 30 проценти од азотните ѓубрива што се користат во ЕУ се увезуваат. Кај фосфатните ѓубрива зависноста е уште поголема и достигнува околу 70 проценти. Дополнително, европските фабрики зависат од природен гас, кој останува еден од најскапите индустриски енергенти на континентот. Токму затоа сегашната криза повторно ја отвора дебатата дали Европа прерано затвори дел од своите производствени капацитети и дали прекумерната зависност од глобалните синџири на снабдување ја прави ранлива во време на геополитички потреси – велат тие.
Европа не се соочува со глад, туку со криза на одржливоста
Најголемата опасност во моментов не е недостигот од храна, туку постепеното слабеење на економската одржливост на земјоделското производство.
– Кога горивата се скапи, кога ѓубривата поскапуваат за десетици проценти, а откупните цени не растат со исто темпо, земјоделецот станува најслаба алка во синџирот. Токму затоа сегашната криза се смета за многу повеќе од проблем со снабдување. Таа претставува тест за способноста на Европа да ја зачува својата прехранбена безбедност во време кога енергијата, геополитиката и земјоделството стануваат делови од истата равенка. Ако кризата потрае, Европската Унија нема да се прашува само колку ќе чини една вреќа ѓубриво. Ќе се прашува колку ќе чини да се зачува сопственото производство на храна – тврдат нашите соговорници, професори на Земјоделскиот факултет во Скопје. Е.Р.
Ефектот од поскапите ѓубрива врз цената на храната
Следува ли нов бран од поскапувања на храната?
Нашите соговорници, професори и од Земјоделскиот факултет и од Економскиот факултет при УКИМ, предупредуваат дека ефектот од поскапите ѓубрива не се чувствува веднаш.
– Од моментот кога земјоделецот купува ѓубриво до моментот кога храната стигнува до полиците во продавниците може да поминат неколку месеци. Затоа вистинските последици врз цените на храната најчесто доаѓаат со задоцнување. Ако високите цени на гасот и ѓубривата продолжат и во втората половина од годината, Европа би можела да се соочи со нов инфлаторен притисок врз прехранбените производи – тврдат професорите.
Што значи тоа за Македонија?
Иако не е членка на ЕУ, Македонија е дел од истиот пазарен простор кога станува збор за цените на ѓубривата, горивата и храната.
– Макeдонските земјоделци најголемиот дел минерални ѓубрива ги набавуваат преку увоз. Затоа секој ценовен шок во Европа практично автоматски се прелева и на домашниот пазар. Тоа значи повисоки производствени трошоци за земјоделците, помала профитабилност на производството и потенцијално повисоки цени на храната за потрошувачите. Рака на срце, Владата на Македонија и досегашните мерки релативно добро влијаеја за да се заузди трендот на динамичен раст на цените на основните продукти, односно храната. Внатрешните фактори во голем дел се ставија во ред, но има надворешни фактори и влијанија од глобален карактер, за кои на локално ниво тешко се изнаоѓаат ефикасни долгорочни решенија. Затоа, стабилизирањето на глобален план многу ќе значи за сите помали држави кои се зависно увозни и од земјоделски ѓубрива, а и генерално од увоз на храна. Цикличната економија и во областа на земјоделството е нашата шанса на долгорочен план – велат низ брифингот професорите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Е.Р.
Зошто ѓубривата се толку важни?
Современото земјоделство не може да функционира без азотни ѓубрива. Тие се одговорни за значителен дел од приносите што денес ги сметаме за нормални.
Производството на азотни ѓубрива е тесно поврзано со природниот гас, кој учествува со околу 70 проценти во производствените трошоци. Кога цената на гасот расте, веднаш расте и цената на уреата, амонијакот и другите азотни производи. Европската Унија веќе еднаш го почувствува овој удар по руската инвазија врз Украина во 2022 година. Денес новиот геополитички шок доаѓа од Блискиот Исток, а последиците повторно се чувствуваат во земјоделството. Е.Р.

































