Фото: Маја Јаневска-Илиева
  • Европски компании сè погласно предупредуваат дека политиката на конфронтација забрзано ја намалува конкурентноста на европската економија…

Додека либералните политички елити во Брисел продолжуваат да ја градат својата стратегија врз санкции, геополитички конфронтации и растечки воени буџети, од економските центри на континентот пристигнуваат поинакви сигнали. Сè повеќе претставници на бизнис-заедницата предупредуваат дека долготрајната изолација на Русија носи висока цена за европската индустрија, за компаниите и за животниот стандард на граѓаните.

Европските компании сакаат повторно да добијат пристап до рускиот пазар

Меѓу нив е и бизнисменот Доне Прентоски, Македонец што со децении живее и работи во Германија, каде што раководи со повеќе компании во областа на производството и услугите. Според Прентовски, расположението во дел од германските и европските деловни кругови значително се менува во однос на прашањето за економската соработка со Русија.
– Јас сум член на повеќе бизнис-асоцијации во Германија и навистина добиваме сигнали не само од германскиот бизнис туку и од многу европски земји дека сакаат повторно да добијат пристап до рускиот пазар. Европските компании сè повеќе ги чувствуваат последиците од повлекувањето од Русија – вели Прентоски.
Според него, во многу компании расте чувството на економски замор поради ограничените пазари и намалените можности за развој.
– Мислам дека зборот „замор“ е добар опис на ситуацијата од перспектива на европските компании, затоа што во Русија имаа многу успешен бизнис – наведува тој.
Прентовски потсетува дека голем број компании по напуштањето на рускиот пазар забележале значителен пад на прометот и вели дека „многу фирми по заминувањето од Русија регистрираа пад на прометот од 30 до 40 проценти“.
Неговите оценки отвораат пошироко прашање – дали европскиот бизнис сè повеќе се дистанцира од политичките стратегии што доминираат во Брисел?

Историјата покажува дека економијата функционира според свои правила

Компаниите инвестираат таму каде што има пазар, побарувачка, предвидливост и можност за профит. Тие не можат бесконечно да ги игнорираат економските реалности во име на политички концепти.
Токму затоа, според дел од аналитичарите, расте јазот меѓу политичките одлуки и потребите на реалната економија. Особено внимание привлекува оценката на Прентоски дека некои од европските компании не го напуштиле целосно рускиот пазар.
– Многу од нив продолжуваат да работат во Русија, само не зборуваат јавно за тоа – посочува Прентоски.
Оваа изјава дополнително ја отвора дебатата за вистинскиот обем на економските врски, кои, и покрај политичките ограничувања, продолжуваат да постојат меѓу Европа и Русија.

Енергетиката останува клучно прашање

Според Прентоски, еден од најголемите проблеми за германската индустрија се растечките трошоци за енергија.
– Мислам дека луѓето се подготвени да го обноват бизнисот, особено во услови на економски тешкотии. Верувам дека енергетиката ќе биде една од клучните теми – објаснува соговорникот.
Тој предупредува дека откажувањето од руските енергенти имало директни последици врз конкурентноста на германската економија.
– Откажувањето од руските енергенти доведе до тоа трошоците за енергија за германската индустрија да пораснат за 30-40 проценти. Тоа значи дека индустриските претпријатија во Германија стануваат неконкурентни – категоричен е македонскиот бизнисмен со богато работно искуство во странство.

Русија испраќа порака за обновување на економските врски

Во меѓувреме од Москва пристигнуваат пораки дека постои интерес за обновување на економската соработка со Германија. Директорот на Рускиот фонд за директни инвестиции и специјален претставник на рускиот претседател за инвестициско-економска соработка со странство, Кирил Дмитриев, во интервју за западни медиуми изјави дека и Германија и Русија би имале корист од повторното воспоставување на економските врски.
– Сметаме дека и за Германија и за Русија би било корисно да започнат процес на обновување на економските и деловните односи – истакна Дмитриев.
Тој нагласува дека во европските компании постои интерес за враќање на рускиот пазар.
– Европските компании сакаат да го обноват бизнисот со Русија. Германија и Русија можат да создадат економска сила од светски размери – вели тој.
Дмитриев оди и чекор понатаму, оценувајќи дека потенцијалната соработка меѓу двете земји би создала исклучително силен економски блок.
– Сметаме дека Германија и Русија, доколку соработуваат, би можеле да создадат една од најмоќните економски сили што некогаш постоеле во светот – порачува Дмитриев.
Според него, комбинацијата на германската технологија и индустриско знаење со руските природни ресурси и човечки потенцијал би создала огромна економска предност.
– Германската технологија, рускиот народ и руските природни ресурси претставуваат исклучително моќен економски потенцијал – смета Дмитриев.

Мирот како предуслов за економски развој

Без оглед на различните политички позиции, пораките што доаѓаат и од европскиот бизнис и од руската страна се совпаѓаат во една точка – економскиот развој бара стабилност, предвидливост и мир.
Компаниите не бараат геополитички конфликти, туку отворени пазари. Не бараат нови поделби, туку услови за инвестиции и раст. Во услови кога европската економија се соочува со сериозни предизвици, сè погласни стануваат барањата за деескалација, примирје и постепено обновување на економската соработка.
Затоа изјавите на Доне Прентоски и Кирил Дмитриев може да се читаат како дел од поширок тренд во кој економските интереси повторно се обидуваат да го наметнат прашањето за мирот и соработката како неопходен предуслов за долгорочен развој на Европа.
На крајот, економијата не се развива преку конфронтации, туку преку партнерства. А токму тоа е пораката што денес сè погласно доаѓа од деловните кругови на европскиот континент. Е.Р.