Фото: Маја Јаневска-Илиева
  • Иако федералната влада го претставува фондот како клучен инструмент за модернизација на инфраструктурата и зајакнување на економската конкурентност, експертите предупредуваат дека досегашните резултати не ги оправдуваат вложените средства

Првиот извештај на Инвестицискиот совет на Германија за спроведувањето на специјалниот фонд вреден 500 милијарди евра открива дека реализацијата на амбициозниот инвестициски план напредува значително побавно од очекуваното. Иако федералната влада го претставува фондот како клучен инструмент за модернизација на инфраструктурата и зајакнување на економската конкурентност, експертите предупредуваат дека досегашните резултати не ги оправдуваат вложените средства.
Инвестицискиот совет на Германија, составен од седум почесни члена од бизнисот, науката и локалната самоуправа, во својот прв биланс посочува дека најголемиот недостаток е отсуството на јасна и сеопфатна стратегија за идниот развој на земјата. Според претседателот на Советот, Харалд Крист, недостига заедничка визија што ќе ги надмине ресорните интереси на поединечните министерства и ќе обезбеди координиран пристап кон инвестициите.
Во текот на минатата година биле искористени околу 14 милијарди евра, што претставува 74 проценти од првично планираните средства. Како причини за ваквата динамика се наведуваат доцното задолжување и задоцнетото усвојување на законската рамка. Во првите четири месеци од 2026 година биле исплатени 11,2 милијарди евра, односно 28 проценти од предвидените федерални средства за годинава.
Сепак, според членовите на Инвестицискиот совет на Германија, самата исплата на средства не значи автоматски и успешна реализација на инвестиции. Особено е загрижувачки фактот што германските покраини досега добиле само еден процент од средствата што им се наменети. Тоа укажува дека процесот е формално започнат, но неговото практично спроведување останува бавно и нерамномерно.
Германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл признава дека јавноста е нетрпелива поради недостигот од видливи резултати на терен. И покрај честите најави за големи инфраструктурни проекти, на многу локации сè уште нема конкретни градежни активности што би ја потврдиле реалната трансформација што владата ја ветува.

Дополнителни критики доаѓаат и од академската заедница. Професорката Ан-Кристин Алајтнер од Техничкиот универзитет во Минхен предупредува дека огромните финансиски средства нема да донесат очекувани резултати доколку не се користат стратешки и координирано. Таа посочува дека научните и развојните проекти истовремено се финансираат од повеќе извори – специјалниот фонд, федералниот буџет и фондот за клима и трансформација – без единствена национална стратегија.
Инвестицискиот совет затоа препорачува поголем дел од средствата да биде насочен кон локалните самоуправи, кои реализираат околу 40 проценти од јавните инвестиции и речиси 60 проценти од јавните градежни вложувања. Во исто време, општините се соочуваат со буџетски дефицит од 31,9 милијарда евра, што дополнително ја ограничува нивната способност за развојни проекти.
Првиот извештај на Инвестицискиот совет на Германија испраќа јасна порака: Германија располага со солиден инвестициски потенцијал, но без поефикасно управување, подобра координација и јасна стратегија, фондот од 500 милијарди евра ризикува да остане далеку под своите можности. Следниот извештај, кој се очекува до крајот на годината, ќе покаже дали федералната влада успеала да го забрза темпото на реализација и да ги претвори планираните инвестиции во конкретни резултати за германската економија и граѓаните.

Автор: Доне Прентоски, соработник на „Нова Македонија“ од Германија