Дичо создал импресивен опус што содржи повеќе од 2.000 дела, а неговото творештво претставува пресвртница на еден илјадагодишен период и почеток на еден сосема нов правец во историјата на македонската црковна историја. Неговата дејност е составен дел од македонското будење, кога кај македонскиот народ религијата била најважна

Низ врвиците на македонското будење

Кон крајот на 18 век и почетокот на 19 век започнува буен општествен и културен развој на македонскиот народ, период познат како македонска преродба, будење или ренесанса. Овој период има тенденција на национално обликување на македонскиот народ врз основа на културните, јазичните, етничките и историските особености. Македонската ренесанса има особено значење во развојот на македонската култура.
Не случајно во оваа ера твореле Кирил Пејчиновиќ-Тетоец и Јордан Хаџи Константин-Џинот, а меѓу овие великани може да се вброи и Дичо Зограф. Тој е еден од најпознатите македонски зографи во 19 век, најплодниот сликар на македонската ренесанса и еден од најзначајните мајстори на Мијачката школа. Создал импресивен опус што содржи повеќе од 2.000 дела, а неговото творештво претставува пресвртница на еден илјадагодишен период и почеток на еден сосема нов правец во историјата на македонската црковна историја. Неговата дејност е составен дел од македонското будење, кога кај македонскиот народ религијата била најважна. Оттука, првите промени се видливи во подигнувањето нови цркви во градовите и во селата. Новите верски храмови биле првата манифестација и начин на изразување во новата македонска епоха, а Дичо Зограф еден од најзначајните претставници на ова изразување.
Неговите икони и мурали се сретнуваат на еден поширок регион, кој ги опфаќа денешните современи држави Македонија, Србија, Бугарија, Грција и Албанија. Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ (ИЦКН) при МАНУ, низ своите теренски истражувања открил дела на Дичо Зограф и во Косово, во Грција, во неколку цркви во околината на Солун, но и во Албанија, во црквите во Елбасан. На овој начин се воспоставила прецизна и целосна топографија на откриените и идентификувани икони. Се покажало дека неговиот опус е фасцинантен, со зачудувачка продуктивност, а просторите до каде што стигнале неговите дела ги надминале границите на денешна Македонија, протегајќи се речиси низ целиот Балкан.

Во овој период, во Бигорскиот манастир имало голем број зографи што занаетот го научиле во Света Гора и токму тие му ги пренеле знаењата на Дичо. За значењето на Бигорски, проф. д-р Сашо Цветковски вели дека во Бигорскиот манастир, низ својата долга историја, бил црковно средиште и духовно јадро на дебарско-мијачкиот крај – што посебно доаѓа до израз во 18 и 19 век, кога манастирот се издига во главно и најпочитувано култно место на Мијаците од малореканскиот крај, но и место каде што Дичо, уште како момче, го учел и го усовршувал зографскиот занает кај двајцата, тогаш најдобри зографи Михаил и Димитар (Данил) од Самарина. Дичо, како младо момче од Бигорскиот манастир, тргнува во придружба на зографот Михаил кога тој ги започнува зографските работи во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Лазарополе, истакнува Сашо Цветковски.
Меѓу делата на овој значаен македонски зограф може да се вбројат големата нарачка за црквата „Св. Георгија“ во селото Бањани, иконите во црквата во Тресонче, „Свети Петар и Павле“ („Света Богородица Одигитрија“, „Свети Јован Претеча“ и „Сабор на светите апостоли“), како и иконите „Свети Никола Чудотворец“, „Свети Три Јерарси“, како и иконата „Свети Атанасие“.
Во Вевчани ја изработил иконата „Света Богородица со Христос“, творел и во горнореканските села Сенце и Кичиница, а потоа и во Охрид каде што во црквата „Света Богородица Каменска“ нацртал една иста икона како иконата во Вевчани. Во Охрид за две години насликал околу 40 икони, меѓу кои била и иконата „Свети Врачи Големи“ во црквата „Света Богородица“ во Охрид. Во овие години, Дичо Зограф успеал најмногу да ги искористи сите негови творечки можности.

Во следните години ги насликал следните позначајни икони: иконостасот во црквата „Свети Димитрија“ во селото Волковија, кој го нацртал во 1852 година, иконостасот во црквата „Свети Никола“ во манастирот во селото Љубанци во 1853 година, во храмот „Свети Никола“ во Куманово во 1856 година, во црквата „Свети Илија“ во селото Кадино во 1857 година, „Света Марина“ во селото Зубовце во 1859 година.
На крајот во 1859 година заминал во Србија и во Врање каде што сликал во црквите „Света Троица“, а во 1860 и 1861 година Дичо Зограф повторно бил во Македонија и сликал во црквата „Света Богородица“, во Скопје ги насликал „Свети Константин и Елена“, „Света Богородица“, а потоа бил во Охрид каде што работел во храмовите „Свети Никола Геракомија“, „Света Богородица Челница“, „Света Богородица Каменска“, „Света Богородица Болничка“, „Света Богородица Перивлептос“ и во „Свети Димитрија“.
Неговото творештво означува крај на еден илјадагодишен идејно-естетски систем и почеток на сосема нов период во македонската историја на уметноста. Дичо во своите икони владее со моделацијата. Во својата дејност тој систематски работи на нови иконостаси, ги обновува и дополнува постојните, осликува одделни ѕидни површини со живопис и работи на цели ансамбли во новоизградените и доградените цркви и манастири. Карактеристично за неговата дејност е тоа што иконите ги сликал врз неутрална, најчесто златна заднина, а со тоа повеќе ја нагласувал духовноста на ликовите на светителите.


Малореканската летна школа – афирматор на македонските зографи

Малореканската летна школа, трета по ред, која оваа година започнува на 3 септември, со своите активности има голем придонес во афирмацијата на Дичо Зограф, но и на македонските зографи од 19 век. Малореканската летна школа – „По патеките на Дичо Зограф“, е под покровителство на Бигорскиот манастир, здружението на граѓани „Брезовец“ – Тресонче, Општина Маврово и Ростуше, како и истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при Македонската академија за науки и уметности (МАНУ).
Активностите на школата ќе се одвиваат од 3 до 7 септември 2022 година во селото Тресонче, во околните села на Мала Река и во Бигорскиот манастир. Едукативните и научноистражувачките активности на школата ќе ги следат повеќемина учесници, кустоси и научни соработници од музеите и научните институции во Македонија, како и студенти од универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Оваа година свои предавања ќе имаат д-р Александар Василески, м-р Дарко Николовски, д-р Ненад Макуљевиќ, д-р Ана Костиќ, м-р Васил Ѓоргиев-Ликин, Борис Маркоски, д-р Елизабета Касапова, Сашо Поповски и д-р Сашо Цветковски.
Свеченото отворање на школата ќе биде во црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ во селото Тресонче. Поздравни обраќања ќе имаат проф. д-р Сашо Цветковски, научен раководител на школата, и проф. д-р Ненад Макуљевиќ од Филозофскиот факултет во Белград, како и Медат Куртовски, градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше.
Од активностите на Малореканската летна школа произлегоа неколку научни трудови во кои се третираат дела на малку познати македонски зографи, со тенденција да се создаде база за посериoзни истражувања на македонската уметноста и преродбата во 19 век.