Фото: Архива на „Нова Македонија“

Недомаќински, нехуман, непатриотски, па и нецивилизиран однос кон
природното национално богатство

Состојбата со водостојот во Дојранско Езеро од ден на ден станува сѐ полоша, така што последните слики од крајбрежјето на најмалото македонско природно езеро потсетуваат повторно на еколошката катастрофа што пред повеќе од три децении го погоди езерото.
Во моментот нивото на водата на езерото е намалено за повеќе од 1,5 метар, а доколку продолжи ваквиот тренд, во пресрет на новата летна сезона нивото може и дополнително да падне, со оглед на лошата хидролошка состојба, што ќе претставува нов удар врз биолошкиот свет во езерото, но и удар врз туризмот во овој дел на земјата.
Ваквата состојба на Дојранско Езеро беше предизвикана од исклучувањето на пумпите што се дел од хидросистемот „Ѓавато“ преку кој езерото се полнеше со вода, а како глава причина зошто системот е ставен надвор од употреба, надлежните ги посочија високите сметки за електрична енергија што ги предизвикале пумпите од системот.
Пред помалку од еден месец во посета на Дојран беше дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, кој при увидот во состојбата на хидросистемот „Ѓавато“ утврди дека е потребна итна санација на цевките и цевководот што ја носи водата од изворите до езерото, бидејќи по две години неработење, системот е нефункционален и потребни се некои санациски зафати.
Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, истакна дека водостојот на езерото е над нултата точка, притоа најавувајќи дека во следниот период ќе започне санацијата на хидросистемот и дека потоа тој повторно ќе биде пуштен во употреба и ќе се користи секогаш кога ќе има потреба, притоа апелирајќи целата работа да не се политизира.
Поранешниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Марјан Ѓорчев во сето ова гледа една голема негрижа од страна на државата кон она што значи наше национално богатство.
– Станува збор за апсолутна неодговорност и негрижа за природното национално богатство на Република Македонија. Дојранско Езеро е најстарото езеро, тоа е дел од морскиот ареал на Бело Море, тие некогаш биле поврзани. Има школки, алги, тоа е раритет. Поентата е дека не само што е неодговорен ваквиот третман кон езерото туку порано кога се проектираше системот за спас на езерото беше предвидено во буџетот на Македонија задолжително да се обезбедуваат средства за електрична енергија, како и за резервни делови за пумпите и другите придружни делови на системот. Сето тоа беше предвидено во проектот – објаснува Ѓорчев.
За него оправдувањата од типот дека сметките за струја биле скапи, па поради тоа морале да се исклучат пумпите од системот за спас на Дојранско Езеро едноставно не држат вода.

– Во услови кога последните пет-шест години на големо се рекламира производството на електрична енергија од обновливи извори, пред сѐ од фотоволтаици и ветерници, гревота е да се остави системот без струја. Таму е потребно да се постави толку мал систем од фотоволтаици што сам по себе ќе биде доволен да го снабдува со електрична енергија целиот хидросистем. Тоа може државата да го направи како свој прилог во насока на заштитата на еколошката димензија на Македонија поради климатските промени бидејќи не станува збор за систем што само дотура вода, туку тој чува флора и фауна, го чува автентичниот дојрански крап, школките – посочува Ѓорчев.
Тој смета дека мала фотоволтаична централа ќе биде сосема доволна да ги снабдува пумпите од 330 килоњутни инсталирани во десетте бунари на Ѓавато, од каде што се дистрибуира водата до езерото.
– Тоа што две години системот не работеше, остави последици. Има некои оштетувања што треба да се санираат и кои не бараат некои големи средства, така што сметам дека ако има волја и желба, тоа може да се санира за кратко време и системот да се стави брзо во функција – посочува Ѓорчев.
Тој понатаму додава дека скоро бил да ги посети бунарите во Ѓавато и дека од она што можел да го види на терен, тоа е дека тие се преполни со вода.
– Бунарите се преполни со вода, таа е качена на две метра, таму има резерви од 150 милиони кубни вода од прва категорија, која може да се пие. Во Ѓавато има подземно езеро, секој бунар има резерви од 150 литри во секунда, а за да се избегнат дефекти, ги димензиониравме на 100 литра во секунда. Значи толку се полни бунарите, што гревота е да се празни Дојранско Езеро кога буквално цело подземно езеро колку Дојранско имаме што ни стои под Ѓавато. Навистина е тажно, при дадена дозвола од Грција, да не го ползуваме овој наш македонски ресурс и да дозволуваме повторно да опаѓа нивото на Дојранско Езеро, едноставно да се однесуваме неодговорно, несовесно и би рекол нецивилизирано кон нашите природни богатства. Имаме три природни езера и ако не се грижиме за нив, ќе ги уништиме. А мораме да се грижиме оти борбата сега во светот е за вода, бидејќи ќе нема вода, а ние при такви природни ресурси, три прекрасни езера, при буџет од пет милијарди евра, гревота е за грижа за езерата да не одвојуваме по милион и половина секоја година. Тоа е навистина незначителна сума за спас на езерата – истакнува Ѓорчев.
Експертите од областа на заштитата на животната средина се категорични дека системот мора веднаш да се пушти во употреба и да не се користи политиката за цели што државата скапо ќе ја чинат.

– Имаме три природни езера и за ниту едно не се грижиме како што треба. Охридско не го заштитуваме доволно од загадување, Преспанско драматично ја губи водата, а Дојранско, за кое мислевме дека го спасивме со активирањето на хидросистемот „Ѓавато“, сега повторно почнува да се празни. Во 2018 година нивото на водата беше 242 сантиметра над минималната кота, што не беше забележано по 1958 година. Да не заборавиме дека некаде во деведесеттите години на минатиот век Дојранско Езеро беше најпразно и беше на минус од речиси три метри, па откако се активира системот за спас на езерото бележевме вкупно зголемување на нивото на водата од речиси шест метри, кое сега поради нечија неажурност и неодговорност повторно опаѓа – велат експертите.
Според нив, потрошувачката на струја не може да биде толкава за да не може државата да ја покрива.
– Државата треба да инвестира во обновливи извори на енергија и на тој начин да ги снабдува пумпите во бунарите во Ѓавато, со што нема да има изговори за исклучување на системот, кој е од клучно значење за биодиверзитетот во езерото и воопшто на целиот дојрански крај – заклучуваат експертите.


Сите производители на градежниот материјал и изведувачи беа македонски фирми – фабриката за шавни цевки „11 Октомври“ од Куманово, „Гранит“, „Маврово“, „Бетон“, „Пелагонија“! Во октомври 2002 година почна да се полни езерото со 1.000 литри вода во секунда

Хидросистемот што еднаш го спаси Дојранско Езеро е дело на македонски фирми!

По вклучениот аларм дека Дојранско Езеро ќе исчезне од светската хидролошка мапа, некаде во деведесеттите години на минатиот век, во март 2002 година почна изградбата на системот за полнење на езерото. Сите производители на градежниот материјал и изведувачи беа македонски фирми – фабриката за шавни цевки „11 Октомври“ од Куманово, „Гранит“, „Маврово“, „Бетон“, „Пелагонија“. Во октомври 2002 година почна да се полни езерото со 1.000 литри вода во секунда.
Системот за полнење на езерото се состои од десет цевасти бунари ископани на длабочина од 40-50 метри, со штедрост од над 100 литри вода во секунда, поставени во линија на далечина од 300 метри од реката Вардар. Кога се во функција, бунарите заедно испорачуваат 1.000 кубни метри вода во секунда. Потисниот цевковод е со должина од шест километри и завршува со изливен базен на највисоката кота од 260 метри. Гравитацискиот цевковод е со должина од 11,64 километри и завршува со собирен базен, од кој со помош на отворениот каналски систем од два километра се полни езерото.
Кога се почна со полнење на езерото, состојбата со езерската акумулација беше очајна. Нивото на водата беше паднато за седум-осум метри од оптималната кота 156 м. н.в., а водниот талог изнесуваше само 75 милиони кубни метри или едвај 28 отсто од севкупната езерска водна маса. За дваесет години од функционирање на системот за полнење на езерото, нивото на водата во езерото достигна оптимален волумен од 260 милиони кубни метри воден талог и водна површина од 39,2 км!