Превентивата некогаш е поефикасна од репресијата

Можеби Министерството за внатрешни работи треба да разработи систем според кој тие што ќе се фатат првпат да сторат сообраќаен прекршок да добијат некаква опомена или, пак, да бидат упатени на едукативно предавање што ќе им предочи зошто прекршокот што го направиле претставува ризик за безбедноста во сообраќајот. Притоа, имаме и возачи што се примерни и никогаш не направиле никаков прекршок. Зошто да не се размисли да се даде некаков мотив за нив, за нивното долгогодишно почитување на законите, бидејќи можеби случајно згрешиле и направиле одреден прекршок, па да не мора веднаш да добијат казна. Сето ова нѐ наведува на помислата дека можеби МВР треба да размисли да го смени принципот на казнување. Бидејќи не секогаш репресијата значи дека ќе има некаков резултат. Напротив, честопати создава одбивност, револт и гнев кај граѓаните, кои во таква состојба се уште поголема опасност во сообраќајот

Изминатиот период „Нова Македонија“ објави серијал текстови посветени на безбедноста во сообраќајот и обработи теми за возилата, кои допреа разни области на кои возачите воопшто или многу малку посветуваат внимание.
Поради тој ангажман, добивме лавина позитивни реакции од читателите, а бидејќи спроведувавме и анкети на патарините околу главниот град, возачите честопати и лично ни се заблагодаруваа поради фактот што сме ги потсетиле за некои важни прашања што се однесуваат на безбедноста, но и на подобрувањето на состојбата со некои елементи на возилата на кои подзаборавиле.
Сега, единствено што ни преостанува е времето да покаже дали и колку нашите текстови оставиле некакво влијание врз совесноста на возачите, што многу лесно ќе се увиди од нивната одговорност како учесници во сообраќајот. Дали ќе бидат повнимателни како возачи, но и дали ќе бидат поагилни сопственици на возила, кои редовно ќе обрнуваат внимание на состојбата на возилата, бидејќи се трудевме да објасниме колку големо влијание има состојбата на самото возило во неговата безбедност, но и на безбедноста на другите учесници во сообраќајот.
Што се однесува до безбедноста во сообраќајот, големи се очекувањата од следниот проект на надлежните служби. Имено, како што веќе беше информирана јавноста, во изминатиот период беа монтирани и безбедносни камери на крстосниците во метрополата. Нивната првична намена е да ги сними сите оние што ќе го прекршат Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кои потоа на домашна адреса ќе си добијат соодветна санкција за прекршокот. Од Министерството за внатрешни работи уште пред неколку месеци истакнаа дека камерите сѐ уште не се пуштени во функција и дека за тоа граѓаните ќе добијат официјално соопштение и ќе бидат информирани кога камерите ќе бидат пуштени во функција.
Сепак, кога и да бидат пуштени во употреба овие камери, тоа само ќе го потврди фактот дека веќе неколку години по ред МВР реализира репресивни мерки, сѐ со цел да ги „смири“ и да ги „научи на памет“ прекршителите на законот. Колкав е ефектот од таквата казнена политика, тешко е да се каже, но за обичниот граѓанин, кој го гледа однесувањето на учесниците во сообраќајот, сите тие мерки не носат резултати. Оние што возат брзо и ризично, загрозувајќи ги другите, си тераат по свое, тие што се научени да паркираат каде што сакаат и колку сакаат исто така не се грижат за другите, а дополнително, старите и неисправни возила како да не се на дофат на законот.

Она што сепак е спорно во овој репресивен дел е висината на казните во оваа длабока сиромаштија, во која сѐ повеќе тонат македонските граѓани.
Па во тој поглед се прашувам, дали мора баш на секој прекршител да му се изрекува парична казна, бидејќи најниската казна што може еден возач да ја добие изнесува 10 евра, односно 600 денари. Секако, во овој случај постои опцијата да се плати веднаш, за што износот на казната се преполовува.
Како и да е, и половината од најниската казна, односно 300 денари доколку се плати во предвидениот кус рок, не се малку во денешно време, а од анкетите што ние ги направивме, најчесто возачите добиваат казни за надминување на дозволената брзина, за што најчесто се изрекува казна од 40 евра, или 20 доколку истата таа се плати веднаш.
Можеби Министерството за внатрешни работи треба да разработи систем според кој тие што ќе се фатат првпат да сторат сообраќаен прекршок, да добијат некаква опомена или, пак, да бидат упатени на едукативно предавање што ќе им предочи зошто прекршокот што го направиле претставува ризик за безбедноста во сообраќајот.
Притоа, имаме и возачи што се примерни и никогаш не направиле никаков прекршок. Можеби треба да се даде некаков мотив за нив, за нивното долгогодишно почитување на законите, бидејќи можеби случајно згрешиле и направиле одреден прекршок, па да не мора веднаш да добиваат казна.

Можеби МВР треба да размисли да го смени принципот на казнување. Бидејќи не секогаш репресијата значи дека ќе има некаков резултат. Напротив, честопати создава одбивност, револт и гнев кај граѓаните, кои во таква состојба се уште поголема опасност во сообраќајот.
Да се разбереме, јас не сум против казни, напротив, сметам дека тие во голема мера имаат превентивна улога и дека кај нас најдобар ефект имаат казните што удираат по џебот, но исто така сметам и дека на тој што има пари не му е грижа за казните, бидејќи секогаш има можност да си ги плати.
Од друга страна, пак, имаме граѓани што живеат на работ на егзистенцијата, граѓани што се борат да преживеат и кои навистина едвај врзуваат крај со крај. Да напоменам дека, за жал, таквите ги има сѐ повеќе во нашето општество.

[email protected]