Фото: Принтскрин/Јутуб

Израелската армија соопшти дека убила десетици палестински борци и уапсила повеќе од 200 лица во голема операција вчера во најголемиот болнички комплекс во Појасот Газа – болницата „Ал Шифа“, пренесоа француските медиуми.

Стотици цивили беа принудени да ја напуштат областа.

Вашингтон ја потврди смртта во операцијата на заменик-шефот на военото крило на „Хамас“ Марван Иса. Тој е највисокиот претставник на палестинското исламистичко движење убиен од израелската армија во Појасот Газа од почетокот на војната пред речиси половина година.

-Елиминиравме повеќе од 20 терористи во болничкиот комплекс и над 20 во областа околу болницата – рече портпаролот на израелската армија, контраадмирал Даниел Хагари. Тој додаде дека се приведени „повеќе од 200 осомничени терористи“.

Министерството за здравство во Појасот Газа извести за „десетици убиени и ранети, од кои повеќето цивили, во операцијата на израелската војска во болницата „Ал Шифа“, но не даде точни бројки.