Фото: ЕПА

Од 29 натпревари сезонава во Ла лига, македонскиот репрезентативец на 10 не прими гол. Толку имаат и Тер Штеген од Барселона и Гацанига од Џирона, а на оваа листа водат Симон од Атлетик со 15 и Ремиро од Сосиедад со 12

Столе Димитриевски не прими гол на 10-от натпревар сезонава во шпанската фудбалска Ла лига, во победата со 2-0 на Рајо Валјекано дома со Бетис, во натпревар од 29. коло.
Според статистиката на специјализираната интернет-страница „Трансфермаркт“, Димитриевски е на делба на третото место според мечевите без примен гол сезонава во Ла лига, заедно со Марк Андре тер Штеген од Барселона и со Пауло Гацанига од Џирона. На оваа листа води Унаи Симон од Атлетик Билбао со 15 натпревари без примен погодок, а втор е Алекс Ремиро од Сосиедад, со 12.
Македонскиот репрезентативец, кој претходно имаше по девет такви натпревари во сезоните 2021/2022 и 2022/2023, според „Трансфермаркт“, сезонава не прими гол и на дуелите со Алмерија (на гости, 2-0), Гранада (на гости 2-0), Алавес (дома, 2-0), Кадиз (на гости, 0-0), Лас Палмас (на гости, 1-0), Реал Мадрид (на гости, 0-0), Селта (дома, 0-0), Гетафе (на гости, 2-0) и со Сосиедад (на гости, 0-0).
За Димитриевски тоа беше вкупно 31. натпревар без примен погодок во Ла лига, со што е на 122-то место меѓу голманите во најсилната лига во Шпанија, според „Трансфермаркт“, на листата на која води славниот шпански репрезентативец Андони Зубизарета (126 настапи за Шпанија, играше за Атлетик Билбао Барселона, Валенсија…) со 235 натпревари без затресена сопствена мрежа. Н.М.