Директивите на Хитлер што го потврдуваат сојузништвото со Бугарија

Во Директивата бр. 26 од Адолф Хитлер се наведува: „Бугарија ќе ја врати Македонија и затоа ќе биде главно заинтересирана за напад во таа насока, иако нема
да има посебен притисок од Германија. Бугарите ќе бидат одговорни, со поддршка на германска оклопна формација, за задната заштита од Турција. За таа цел Бугарија ќе ги употреби и трите дивизии што во моментов стојат на нејзината грчка граница“

Од историските архиви: Расветлување на некои обиди за ревизија на историските факти, вистини настани и личности

Бугарската историографија се обидува да ја релативизира улогата на Бугарија во Втората светска војна, а тоа е особено видливо при актуелниот обид за ретуширање на политичките односи помеѓу бугарската влада и двор со Адолф Хитлер и нацистичките водачи. Доколку внимателно се анализираат пишувањата на еден дел од бугарските историчари, може да се заклучи дека постојат обиди за еден поинаков наратив на историските настани, особено за прашањето околу сојузништвото помеѓу царска Бугарија и Третиот рајх, од каде што произлегуваат и окупацијата на Македонија и учеството на бугарската влада во холокаустот на Евреите. При релативизирањето на историјата, бугарската историографија се обидува да прикаже дека царска Бугарија уште во почетокот на Втората светска војна прогласила неутралност, надевајќи се дека неутралноста ќе се одржи до крајот на војната, но настаните диктирале Софија да отстапи пред барањата на Третиот рајх за да се избегне германска окупација на Бугарија.

Меѓутоа повеќе историски документи и сведоштва потврдуваат дека царска Бугарија избира страна во Втората светска војна, односно станува сојузник на нацистичка Германија. Многубројните архивски документи укажуваат дека во почетокот на Втората светска војна, бугарските политички кругови и бугарскиот двор преку тактизирање се обидувале да го реализираат санстефанскиот идеал, односно голема Бугарија. Всушност, ветувањето на Адолф Хитлер дека ќе ѝ додели голем број македонски територии на царска Бугарија било темелот за сојуз помеѓу Третиот рајх и царска Бугарија, а тоа особено се потврдува од директивите на Адолф Хитлер.
Дека царска Бугарија одбира страна во Втората светска војна, односно се одлучува за сојуз со Третиот рајх, потврдува и добивањето на Јужна Добруџа од Романија на 7 септември 1940 година со т.н. Крајовска спогодба. Неколку документи и сведоштва од архивите во Софија и Букурешт, како и неколку документи од западните архиви, говорат дека договорот помеѓу царска Бугарија и Кралството Романија бил потпишан со посредство на германската дипломатија. Откако Софија ја стекнала контролата над Јужна Добруџа, кај бугарските политички кругови се засилила надежта дека ќе се реализираат и другите територијални аспирации. Идните настани потврдиле дека Софија, особено бугарските националисти и шовинисти биле подготвени на сојуз со нацистичка Германија и отстапки кон германските барања, како што е примерот со македонските Евреи што биле депортирани во концентрационите логори.
Сојузништвото помеѓу Третиот рајх и царска Бугарија е очигледен по неуспехот на италијанската инвазија на Грција во октомври 1940 година, кога Адолф Хитлер и германската дипломатија побарале од царска Бугарија да им се приклучи на силите на Оската, како и дозвола за напад на Грција од страна на германската армија преку бугарската територија. Во бугарската историографија постои видување дека бугарските политички кругови и бугарскиот двор не сакале да се вклучат во војната, но дека поради страв од германска инвазија, Софија на 1 март 1941 година потпишала приклучување на Бугарија кон силите на Оската.

Но повеќе историски документи и сведоштва истовремено посочуваат и потврдуваат дека Бугарија ја одбира нацистичка Германија предводена од Адолф Хитлер за сојузник поради територијалните ветувања на Берлин кон Софија, особено ветувањата за голем дел македонски територии. Софија започнува да ѝ се приближува на нацистичка Германија уште во ноември 1940 година, кога бугарскиот цар Борис Трети имал средба со Адолф Хитлер. Набрзо потоа, таен германски тим предводен од полковникот Курт Цајцлер пристигнал во Бугарија со задача да основа складишта за гориво, да организира инфраструктура за германската армија и да го извиди теренот. Наскоро потоа пристигнал и персонал на Луфтвафе (военото воздухопловство на германската армија), а до крајот на декември повеќе од илјада германски војници во цивилна облека биле активни во Бугарија, иако бугарската влада го негирала тоа. Од ноември 1940 година постепено се започнало со префрлање на воени авиони, а до крајот на март 1941 година, Луфтвафе имал 355 авиони во Бугарија.
Потврда за сојузот помеѓу Третиот рајх и царска Бугарија, како и ветувањата за македонски територии, се сретнува во директивите на Адолф Хитлер. Станува збор за директиви на Хитлер што се однесувале на воената политика, а многу од нив се и директен доказ за извршување воени злосторства, како и злосторства против човештвото.
Во Директивата бр. 25, од 27 март 1941 година, која се однесува на Априлската војна, односно на германската инвазија на Кралството Југославија, Хитлер нагласува дека Југославија мора да се смета за непријател и да биде победена што поскоро. Според насоките на Адолф Хитлер: „Ќе се направат напори да се поттикнат Унгарија и Бугарија да учествуваат во операциите, нудејќи им можност за враќање на Банат и Македонија“.

Во споменатата директива исто така се наведува дека: „Сите сили што сѐ уште се достапни во Бугарија и во Романија ќе бидат посветени на нападите што ќе бидат извршени од областа Софија на северозапад и од областа Ќустендил-Горна Џумаја на запад, со исклучок на силите од околу една дивизија, со воздушна поддршка, кои мора да останат за заштита на романските нафтени полиња. Заштитата на турската граница засега ќе им биде оставена на Бугарите. Германска формација која се состои ако е можно од оклопна дивизија ќе стои одзади како поддршка“.
Упатствата и насоките на германскиот диктатор Адолф Хитлер се потврда за кооперацијата и соработката помеѓу царска Бугарија и Третиот рајх.
Дека постои сојуз помеѓу Третиот рајх и царска Бугарија потврдува и Директивата бр. 27, од 4 април 1941 година, а се однесува на германската инвазија на Грција. Во таа директива Хитлер вели дека по окупацијата на Грција, „крајбрежната одбрана, засега, ќе се организира под претпоставка дека северниот брег на Егејско Море, вклучувајќи го и Солун, ќе биде преземен од Бугарите“. Во последниот дел од оваа директива се наведува дека секое барање на германските „вооружени сили до нашите сојузници ќе биде поднесено во согласност со принципите утврдени во Директивата 26 од 3 април 1941 година“.

Во споменатата Директива бр. 26 се наведува дека воените задачи доделени на земјите во Југоисточна Европа во кампањата против Југославија се засноваат на неколку политички размислувања. Меѓу другото, Хитлер укажал дека: „Бугарија ќе ја врати Македонија и затоа ќе биде главно заинтересирана за напад во таа насока, иако нема да има посебен притисок од Германија. Бугарите ќе бидат одговорни, со поддршка на германска оклопна формација, за задната заштита од Турција. За таа цел Бугарија ќе ги употреби и трите дивизии што во моментов стојат на нејзината грчка граница“, како и дека доколку „поединечни бугарски дивизии учествуваат во операциите против Југославија, тие мора да бидат под команда на локалните германски команданти“.
Оваа директива на Хитлер јасно укажува дека царска Бугарија во замена за Македонија одлучила да соработува со Третиот рајх, без значаен германски притисок.


Царска Бугарија ги затвори очите за депортирањето на македонските Евреи!

Бугарските окупаторски власти ја депортираа целата еврејска заедница од Македонија во истовремени акции што започнаа во раните утрински часови во четврток, 11 март 1943 година. Во Битола, Скопје и во Штип, каде што имаше мало население од Евреи, неколку стотици бугарски полицајци и војници се собрале во полициски станици во 2 часот по полноќ за да добијат упатства за отстранување на Евреите и нивните работи. Во Битола, бугарската војска воспостави блокада околу градот за да спречи бегство. Помеѓу 5 и 6 часот, Евреите добиле наредба да ги напуштат своите домови за еден час, со претекст дека ќе бидат префрлени во други делови на Бугарија, за по војната да се вратат во своите домови.

Алберт Сарфати, кој ја преживеал војната, го посведочува следното: „Нѐ натоварија во вагони за добиток, педесет-шеесет луѓе по вагон, вклучувајќи го и багажот. Немаше доволно простор и многумина мораа да застанат. Немаше вода. Децата плачеа… Жена во еден вагон се пораѓаше… но немаше лекар. Стигнавме во Скопје на полноќ. Ноќ. Темнина. Ги отворија вагоните и во темнината нѐ турнаа во две големи згради. Во нашиот воз беа додадени коли со штипските Евреи. Сопнувајќи се еден со друг во темнината, влечејќи го багажот и постојано тепани од бугарските војници, децата, старите и немоќните се обидуваа да се притиснат во зградата. Кога изгреа сонцето, сфативме дека сме во Скопје, во зградата на Монополот, и дека истиот ден биле собрани сите Евреи од Македонија“.