Архива/Фото: Нова Македонија

Државната изборна комисија (ДИК) попладнево на седница ги потврди листите со кандидати за пратеници на парламентарните избори закажани за 8 мај.

Членот на ДИК, Борис Кондарко на почетокот на седницата појасни дека ниеден рок не е доведен во прашање и посочи оти сите рокови ќе бидат запазени и од нивна страна ќе бидат преземени сите активности согласно Изборниот законик. Тој информира дека за утре ја планираат ждрепката за редните броеви на гласачкото ливче за парламентарните избори.

– Ова е обемна и сложена операција која бара објективно повеќе време и судовите се реално оптоварени со работа за проверки и постапување за да ни ги доставуваат тие податоци, ја известуваме јавноста да нема забуни дека евентуално се пречекорени одредени рокови. Значи, ДИК е во рамки на предвидени рокови. Се вклопуваме целосно во Роковникот за сите изборни дејствија и што ќе следуваат по утврдувањето на листите – рече Кондарко.

На денешната 95. седница ДИК утврди дека во сите шест изборни единици имаат поднесено листи за пратеници Коалицијата за „Европска иднина“ предводена од СДСМ и Коалицијата, Коалицијата „Храбро за Макеоднија“ преводена од ГРОМ ИНТЕГРА и ПЦЕР, Партијата Македонска Ера Трета – македонски независни листи-суверинисти, политичката партија Левица, Коалицијата „Европски фронт“ – преводена од ДУИ и коалицијата, Коалицијата „Влен“ (Вреди), Коалицијата „Твоја Македонија“ преводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Движењето ЗНАМ За наша Македонија.

Политичката партија Демократи има поднесено листа пратеници во пет изборни единици, политичката партија Аваја во ИЕ 3, 4, 5 и 6, Твоја партија во ИЕ 1, 2, 3 и 4, Родина Македонија во ИЕ 1, 2, 4 , 5 и 6, а Партијата Единствена Македонија – Европско граѓанско движење има поднесено листа за кандидати за пратеници само за Шестата изборна единица.

Претседателот на ДИК, Александар Даштевски информира дека партијата Нова алтернатива прави корекции и не е уште комплетирана листата, но потенцира дека уште траат роковите за исправки кои треба да ги извршат партиите.

– Неколку листи не можеа да бидат потврдени затоа што не е завршена постапката заради одредени причини кои се однесуваат до политичките партии, а некои до државните органи кои треба да им доставуваат информации – рече Даштевски.

Едногласно беше усвоено Барањето за акредитација за набљудувачи за Претседателските и за Парламентарните изборитеод амбасадите на Унгарија, Холандија и Црна Гора во Скопје, албанскиот сервис на Гласот на Америка, ОБСЕ/ОДИХР Канцеларија за демократски институции и човекови права и Амбасадата на Црна Гора во Скопје –

Седницата на ДИК треба да продолжи по дадената пауза од претседателот Даштевски, со точката за Утврдување на изгледот на гласачкото ливче за изборите за претседател на Македонија.