Фото: Официјална страница на турскиот претседател

Турција понудила нов нацрт-договор со кој би се замрзнала војната меѓу Русија и Украина по постојната линија на фронтот, а според извор запознаен со документот, тој се промовира со посредство на турскиот претседател Реџеп Ердоган и е иницијатива на турската страна, објави рускиот независен весник „Нова газета Европа“ со седиште во Летонија, а пренесува „Макфакс“.

Изворот тврди дека сите три страни, Турција, Русија и Украина, во моментов го имаат текстот на документот, известува „Нова газета Европа“. Нацртот се базира на документи од првите преговори во Истанбул, а дел од формулациите од мај 2022 година се вклучени во новиот текст.

Мировната иницијатива може да ја поддржат голем број европски политичари, како и земјите од глобалниот југ, се наведува во текстот.

Во документот се забележува дека е заедничка обврска на Соединетите Американски Држави и Русија да не користат нуклеарно оружје под никакви околности и повикува на обновување на Договорот за ограничување на стратешкото оружје (СТАРТ-3), во отсуство на еднострано повлекување од него во иднина.

Документот предвидува и забрана за мешање во внатрешните работи на друга земја на кој било начин што може да ја дестабилизира нејзината влада, како и замрзнување на војната долж постојната линија на фронтот. Наведени се и обврските за одржување референдуми во 2040 година: национален референдум за надворешната политика на земјата, како и референдуми под меѓународна контрола на сите украински територии анектирани од Русија за време на замрзнувањето на војната.

Нацрт-договорот вклучува гаранции за вонблоковскиот статус на Украина до 2040 година и размена на затвореници според формулата „сите за сите“, а од Русија се бара да не се противи на пристапувањето на Украина во Европската Унија.

Според рускиот весник, веројатноста за усвојување на овој нацрт-договор е мала, бидејќи ова е најмалку деветти проект од ваков вид. Украинската „формула за мир“, развиена во 2022 година, вклучуваше 10 точки, од кои многу не се совпаѓаат со новиот нацрт-мировен договор.

Мировниот план на Кина вклучуваше и точки кои не беа вклучени во новиот нацрт: почитување на суверенитетот на сите земји, напуштање на менталитетот на Студената војна и укинување на едностраните санкции кои не ги решаваат постоечките проблеми, туку создаваат нови.

Сепак, според „Нова газета Европа“, самиот факт на неговото појавување укажува на тоа дека меѓународната заедница и поединечни земји продолжуваат да прават напори за да се најде начин да се стави крај на војната.