Фото: МНР на Бугарија

Бугарија би сакала да биде вклучена и консултирана во процесот за впишување на Бугарите во Уставот на Македонија, кажал денеска на брифинг во Софија шефот на бугарската дипломатија Николај Милков.

Ова, како што посочил Милков, на вчерашната блатерална средба му го пренел на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи.

Како што пренесува БНР, покрај уставните измени, тој го коментирал и прскањето со црна боја на името на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола.

– Очигледно атмосферата таму тоа дозволува да се случува. Постојат елементи на неказнивост, што го фаворизираат тоа. Сега, колку што нам ни е познато, таму веќе се дискутираат некакви варијанти на идните текстови, кои би биле промена во Уставот. Ние би сакале да бидеме дел од тој процес, со цел тоа да се одвива без проблеми. Би сакале да се консултираме по тие прашања, рекол Милков – пренесува БНР.

Тој очекува одговор од Скопје и продолжување на разговорите за намалување на тензиите.

– Во оваа смисла вчера малку разговарав со министерот Османи. Се надевам дека ќе одговорат. Ни претстојат контакти, во напорите да ја намалиме напнатоста, без да им наштетиме на правата на Бугарите во Северна Македонија. Овој дијалог треба да продолжи се додека има волја од нивна страна. Во таа смисла, повторно подаваме рака. Подготвени сме да разговараме и да ги разгледаме промените, што тие ги прават, кажал Милков