Фото: Фејсбук/СДСМ

Лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во седиштето на партијата уште еднаш повтори дека ќе нема предвремени избори и оти тие ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година.

– Избори ќе има во 2024 година. На тие избори, прво на претседателските, ќе победи кандидатот предложен од СДСМ, а потоа, на парламентарните избори ќе победи Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и заедно со коалицијата ќе формира влада со којашто ќе влеземе во Европската Унија – рече Ковачевски.

Премиерот оцени и дека власта успешно се справила со кризната и тешка година во која „ниту фалеше храна, ниту струја“.

– Со деструктивната континуирана омраза на опозицијата преку апокалиптични сценарија за колапс, граѓаните денеска прават разлика кој седи на страна и блокира, а кој менаџира процеси во криза. Деструктивниот потпалувачки опозициски наратив под секое ниво не е добар за општеството, и има само една цел да ја уназади европска Македонија. Но ние тоа на пироманите од Левица и ВМРО-ДПМНЕ нема да им го дозволиме. СДСМ е рамо до рамо со граѓаните и ќе ги разобличиме промашените пропаганди, ќе го трасираме победничкиот пат и заедно ќе го поразиме евтиниот популизам – додаде Ковачевски.

Тој на прес-конференцијата најави целосна мобилизација на општеството за, како што рече, нова победа на државава, со план за спроведување на теренски активности на партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение одговорија дека „СДСМ ќе биде поразена на купче од народот поради криминалот и поразите“, како и дека „СДСМ била и ќе остане салонска партија, без разлика колку и да се залажуваат со лажни теренски активности“.