Реакција на бугарското МНР на вчерашното соопштение на македонската влада

Бугарското министерство за надворешни работи денеска остро реагираше на вчерашното соопштение на македонската влада во кое беше критикувано ветото во ЕУ, обвинувајќи ја Македонија дека манипулира со вистината, пренесува „Дојче веле“.

Официјална Софија од една страна тврди дека Бугарија не ги оспорува македонскиот идентитет и јазик, а истовремено вели дека признавањето на македонскиот идентитет не може да биде на „штета на нејзините национални интереси“.

– Македонската влада постојано на јавноста и презентира лажни информации во врска со бугарската позиција во ЕУ. Со наследен тоталитарен историски наратив, тешко е да се најде поддршка од Бугарија – соопшти бугарското МНР, додавајќи дека официјално Скопје води „дипломатска и медиумска кампања за дискредитација на позициите на Бугарија”.

Македонската влада вчера ја обвини Софија дека донела неодговорна одлука со блокадата на почетокот на пристапните преговори на Скопје со ЕУ, наведувајќи дека бугарската влада направила неодговорна и тешка стратешка грешка со ветото.