ВОЕНАТА ИНДУСТРИЈА НЕ МИРУВА НИ ВО УСЛОВИ НА ПАНДЕМИЈА

Наспроти пандемијата на коронавирусот и глобалната економска криза како последица на тоа, се чини дека воената индустрија и машинерија не мируваат.
Најновите информации за големи финансиски инвестиции и технолошки иновации се поврзани со САД, како една од најмоќната воени сили во светот, која развива супермодерен топ наречен „раил ган“ или „шински топ“.
Специјализираниот американски магазин „Популар механикс“ информира дека научниците на американската морнарица работат на финализирање на последните чекори на ова супермодерно оружје.
Магазинот пишува дека научните трудови, тестирањето и изработката на ова оружје се вршат во воена база, лоцирана до реката Потомак, во западниот дел на сојузната држава Вирџинија.
– Она што се тестира е навистина бучно, бидејќи најверојатно станува збор за специјализирана муниција на новото оружје на американската морнарица – пишува „Популар механикс“.
Од друга страна, во соопштение за медиумите на оваа тема, Американската морнаричка дивизија за копнено војување во центарот Далгрен (НСВЦДД) информирала дека ќе ги затвори за воден сообраќај и цивилни пловила каналите на реката поради тестирање муниција за воена употреба.
Американскиот новинар Ниан Картер во свој текст на темава информира дека тамошната морнарица од 2012 година наваму разработува оружен систем вреден 500 милиони американски долари, попознат како „раил ган“ или ЕМРГ.
– Топот „раил ган“ употребува електромагнетно поле и лансира проектил кон непријателска цел што се движи со брзина од 2 километри во секунда – пишува Картер.
Тој потсетува дека американската војска поседува два прототипа од ова супермодерно оружје.
– Гигантските топови првпат беа тестирани во раните 2010-ти, едниот во воената база „Вајт сендс“ во Ново Мексико, каде што беше заклучено дека имаат капацитет да ги испалат гранатите и до далечина од 400 км – нагласува новинарот.

И Кина зад петиците на САД

Во меѓувреме, САД не се единствената држава што развива воена технологија од овој профил. Имено, Кина по ништо не заостанува пред САД во развојот на овие супермодерни топови. Уште во 2018 година во медиумите се појавија информации дека генералите на Пекинг поседуваат супермодерен топ наречен „јагатзе морско чудовиште“, кој е инсталиран на десантски брод на реката Јангцекјанг и кој се очекува да стане оперативен во рамките на кинеските оружени сили во 2025 година.
Во својот осврт за актуелните случувања, воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски објаснува дека нас не треба да нѐ зачудува оваа активност на американската морнарица и на кинеската армија.
– Најсилната армија на светот никогаш не мирува, туку секогаш ги надградува своите капацитети. Имено, сега живееме во време каде што колективниот систем на безбедност не го гарантира мирот во светот како претходно, па во тој правец суперсилите како САД и Кина развиваат револуционерни нови модели на оружја – вели Стефаноски.
Тој потсетува дека во оваа група армиски иновации влегуваат и оние што се најактивни во периодот, со кои суперсилите развиваат оружја врз база на електромагнетни зрачења.

[email protected]