ЗАПОЧНА Министерскиот состанок за европски прашања на ЕУ

Случувањата и политиките што ќе произлезат од министерскиот состанок за европски прашања во Брисел, на кој требаше да се говори за македонските европски аспирации, беа прашањето што вчера ја окупира домашната јавност.
Имено, поради ветото на Бугарија целата дискусија на состанокот во Брисел за пристапните преговори на Македонија, но и на Албанија, вчера беше отстранета од дневниот ред.
За потсетување, Македонија чека почеток на преговорите со ЕУ од 2005-та, кога го доби официјално кандидатскиот статус.
– Германското претседателство е фрустрирано што не беше можно да се постигне прогрес за преговарачката рамка со Македонија, направивме сè што можевме, вклучувајќи и олеснување на компромисот помеѓу Бугарија и Македонија. Не сме задоволни што Бугарија ги блокира пристапните преговори поради билатерални прашања со Македонија, поради ова земјите-членки сметаат дека не може да се напредува ниту со Албанија – изјавил неименуван висок дипломатски извор на ЕУ за МИА.

Како што пренесува новинската агенција, според дипломатите, „нема светло на крајот од тунелот“ во однос на деблокирањето на преговорите со Македонија, бидејќи Бугарија не попуштала за билатералниот спор, со што се создала целосна блокада во Советот во однос на проширувањето.
Натаму, дипломатите во ЕУ не очекувале напредок до крајот на германското претседателство, а лидерите на ЕУ в четврток и петок во Брисел „нема да имаат време да се занимаваат со проширувањето“, бидејќи агендата е „веќе преполна“.
Дополнително, според најавите, ЕУ на министерскиот состанок ќе се фокусира на брегзит и на буџетот, односно на две клучни теми за Унијата, за кои, исто така, сè уште нема компромис.
Од македонска перспектива на настаните, пак, вицепремиерот пак Никола Димитров ја оцени бугарската блокада како голем удар за европската политика кон Балканот, но истакна дека не смееме да паднеме во замка и да очајуваме, туку дека треба да работиме и да се европеизираме. Министерот за надворешни работи, пак, Бујар Османи истакна дека постојат сѐ помали можности неделава на министерскиот и на состанокот на лидерите од земјите-членки на ЕУ да се отвори прашањето за проширувањето, односно да има одлука за одобрување на преговарачката рамка што ја блокира Бугарија.

Бугарската блокада ги фрустрира европските држави

Во својот осврт за случувањата поврзани со бугарската блокада на Македонија во пристапниот процес со ЕУ, американскиот магазин „Политико“ чинот го дефинира како јазична гимнастика. Според медиумот, тврдењето дека македонскиот не е посебен јазик туку регионална варијанта на бугарскиот е основата на спорот, кој повторно ги загрозува европските перспективи на земјата. „Политико“ наведува дека бугарската блокада ги фрустрира другите земји во ЕУ, бидејќи ги загрозува стратегиските приоритети на Унијата во регионот и го зголемува влијанието на ривалските сили, како Русија, Турција, Кина и арапските држави. Во меѓувреме, изјава на оваа тема имаше и германскиот министер за Европа, Михаел Рот, кој истакна дека Бугарија е осамена во блокадата и додаде дека блокирањето е тешка грешка, чија цена ќе се одрази брз безбедноста и на Западен Балкан и на Европа.
– Ќе разговараме за проширувањето на ЕУ. За жал, досега не успеавме да го исполниме напредокот за кој самите веќе се усогласивме. Во заднината стојат билатералните барања на една земја-членка кон која другите 26 не можеа да се приклучат – изјави Рот.

[email protected]