На 5 јули вечерта си замина нашиот голем пријател, соборец, Македонец и страдалник Стојан Георгиев, објавија од ОМО „Илинден“-Пирин.

Роден е во 1938 година во Петрич, Пиринска Македонија, а на 18 години, со незавршено средно образование, создава македонска група. Откриен и инквизиран 18 дена во ќелиите на државната безбедност, сепак е ослободен за да го заврши своето образование. Во 1957 година формира втора група и повторно е откриен и подложен на 114 дена истраги и мачења. Во 1958 година ја добива својата прва пресуда – четири години затвор, кои ќе ги помине во Стара Загора. Во 1973 година повторно ќе се најде во затвор – четири години.

Во 1990 година беше еден од основачите на ОМО „Илинден“ и единствен претседател пред расцепувањето на организацијата. Автор е на две книги, кои раскажуваат за неговиот живот, борба и страдања. Во 1998 година се вклучи во ОМО „Илинден“-Пирин и наскоро беше избран за почесен претседател, место на кое остана да последниот ден. Во 2006-2007 беше член на Централниот совет на партијата, а во 2007-2010 година и нејзин копретседател. До својот последен ден активно учествуваше во борбата на Македонците во Бугарија за нивните права.

Негова последна дејност беше средба со докторанди и студенти од Швајцарија, на 25 јуни годинава, на која тој им зборуваше за својот живот и страдања. Го очекуваше интервју на голема телевизија, учество на научна конференција во Крушево, каде што требаше да раскаже за својот живот. Беше полн со желба за живот и борба! И покрај големите страдања, никогаш не се претвори во гневен, одмаздољубив човек, докрај го зачува својот ведар, позитивен дух.

Бог да те прости, царство ти небесно и да ти е вечен споменот! Ние нема да те заборавиме, ниту ќе ја прекинеме нашата општа борба!
Соопштение од ОМО „Илинден“-Пирин