Денеска на христијанскиот празник Иванден, во манастирот „Св. Јован Претеча“ – Слепче, свечено ќе биде отворена шестата Демирхисарско-слепченска летна школа - Фото: Игор Бансколиев

Денеска започнува шестото издание на Демирхисарско-слепченската летна школа

Во манастирот „Св. Јован Претеча“ – Слепче, Демир Хисар, денеска свечено ќе биде отворена шестата Демирхисарско-слепченска летна школа, што симболично се совпаѓа со христијанскиот празник, раѓањето на свети Јован Претеча – Иванден. Демирхисарската летна школа е едукативно-научна и културна манифестација што е насочена кон промовирање, истражување, проучување и афирмирање на македонското културно наследство, историја, археологија, архитектура и уметност, преку активности со студенти, додипломци и постдипломци од Македонија, но и од странство. Оваа година школата се реализира под покровителство на манастирот „Слепче“, во соработка со Општина Демир Хисар, Министерството за култура, како и ИЦКН „Цветан Грозданов“ при МАНУ. Научен раководител на школата е проф. д-р Сашо Цветковски, дописен член на МАНУ и научен советник во Центарот за истражување на културното наследство при МАНУ, а во научно-организацискиот одбор на летната школа е и отец Серафим, игумен на манастирот „Св. Јован Претеча“.
На отворањето на манифестацијата, пред учесниците на школата и официјалните гости, се очекува да се обратат проф. д-р Сашо Цветковски, градоначалникот Никола Најдовски и митрополитот г. Петар.

Во периодот до 12 јули 2023 година, активностите на школата програмски ќе се реализираат низ научно-едукативни предавања и теренски активности во рамките на секциите предводени од реномирани професори и научни истражувачи: ракописно книжевно наследство, архитектура, историја, историја на уметноста, теологија, со учество на повеќемина студенти, додипломци и постдипломци. Учесниците на школата ќе имаат можност низ теренските предавања да посетат повеќе археолошки локалитети, средновековни цркви и манастири, како и најзначајните места од илинденскиот период.

Проф. Цветковски вели дека и оваа година ќе продолжи истражувањето на Демирхисарскиот Регион од страна на архитектите и историчарите на уметност, а новина ќе биде учеството на професори по историја од средните училишта. Исто така се подготвува изложба на која ќе бидат презентирани досегашните активности, реализирани проекти и истражувања во рамките на Демирхисарската летна школа. Досега низ активностите на школата, особено со работата на секцијата за археологија, е собран голем археолошки материјал. Цветковски изрази задоволство од соработката и поддршката што оваа школа ги има од сестринството на манастирот, особено од игуменот отец Серафим, која трае од 2015 година, како и од поддршката на Општина Демир Хисар и Министерството за култура. Д.Ст.