Министерот Дејвид Мајкл лично му го врачи Орденот на Австралија на Васил Радис

Уште едно големо признание за долгогодишен активист на Македонската заедница во Западна Австралија, овој пат за доајенот Васил Радис

Државата Австралија ја препознава и ја вреднува активноста на Македонците, а во случајов преку ликот и делото на Васил Радис, поврзана со придонесот на Македонската заедница на австралиското општество, негова афирмација на преку заемната афирмација на македонската нација со сите нејзини специфики, различни од грчката, бугарската и сите преостанати…

Министерот во владата на Западна Австралија Дејвид Мајкл неодамна му приреди голема чест на семејството Радис (Радев), но и на целата македонска заедница во Перт и Западна Австралија. Имено, министерот Мајкл отиде лично во домот на 94-годишниот Македонец да му врачи Орден на Австралија, високо државно признание, за неговиот придонес во Македонската заедница во Западна Австралија. Како што се наведува во образложението, Орденот на Австралија им оддава признание на Австралијците што покажале извонредна услуга или исклучителни достигнувања, за еминентни достигнувања и заслуги од највисок степен во службата за Австралија или за човештвото во целина.

На тој начин и државата Австралија ја вреднувала активноста на Македонците, а во случајов на Васил Радис, за континуираната афирмација на Македонската заедница, на особеностите на македонската нација со сите нејзини специфики, што ја прави различна од грчката, бугарската и сите преостанати што со своите пропаганди се обидуваат да ја обезличат и да ја присвојат.

Васил Радис е роден во 1930 година во селото Јановени, Костурско. Учествувал во Граѓанската војна на страната на ЕЛАС. По војната емигрирал во Австралија и се населил во Перт, каде што станал активист на Македонската заедница – бил секретар на Македонското здружение на ветерани и претседател на Македонската заедница во Западна Австралија.

Во 2003 година, канцеларијата на премиерот Џон Хауард му ја додели годишната награда за служба на народот на Австралија.

„Г. Радис им служеше и им служи како пример на помладите Македонци“, „Македонија и Македонците се горди на чичко Васил“, се само некои од првите реакции на Македонците од Австралија.