фото: Кабинет на претседателката

Во рамки на прославата за јубилејот – 35 години независност на Македонија, вечер на Плоштад Македонија во Скопје концерт ќе одржи светски познатиот тенор Хосе Карерас заедно со македонски музички ѕвезди и Македонската филхармонија.

Концертот почнува во 20 часот и ќе биде бесплатен и отворен за сите граѓани.

Покрај шпанскиот тенор, во македонскиот „дрим тим“ ќе настапат Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Ана и Игор Дурловски, Наум Петрески, Сузана Спасовска, Маја Оџаклиевска и Миле Кузмановски.

„Авалон продукција“, која го организира настанот заедно со Владата, концертот го најави како еден од најголемите музички проекти во историјата на Македонија.

И за утре во Скопје е најавен голем музички спектакл по повод 35 години од независноста на државата. Музичкиот проект „Најдоброто од Македонија“ на платото пред Т-Арена („Борис Трајковски“), бесплатно за публиката ги носи Слаткаристика, Суперхикс, 2 Бона, Фанк Шуи и Дина Јашари. Организаторите најавуваат голема аудио-визуелна продукција и концертна атмосфера наменета за сите генерации. Концертот ќе почне во 20 часот.

На 4 септември во главниот град ќе се одржи уште еден спектакл по повод 8 Септември – пристигнува караванот „Силно светнал ден“ кој патувањето низ Македонија ќе го заокружи на Плоштад Македонија со настап на повеќе од 120 артисти. И овој настан, како што е најавено, ќе почне во 20 часот.

 

„Силно светнал ден“ преку музика, глума и танц, во вид на мултимедијален сценски спектакл, ја раскажува приказната за 35 години независност на Македонија, истакнувајќи ги најзначајните историски моменти, подемите, предизвиците и достигнувањата од изминатите три и пол децении.

Караванот почна од Охрид, на 9 август и посети 11 градови низ државата, а дел од него се познати македонски изведувачи и актери.

Прославата по повод 35 години независност на Македонија ќе финишира на Денот на независноста, на 8 септември со настапот на светски понзатиот диџеј и продуцент на хаус музика, Давид Гета на стадионот „Тоше Проески“. Гета ќе настапи со неговата светска продукција „The Monolith Stadium Show“, најголемо шоу во Европа, па и во светски рамки од музички и од продукциски аспект.

Музичката програма со повеќе концерти за 35 години независност на државата, ја подготви Авалон-продукција во соработка со Владата, пренесува МИА.