„Евростат“ открива двоцифрен годишен раст на цените на горивата во ЕУ и големи ценовни разлики меѓу земјите членки
Надоаѓачката плима на поскапувања на енергентите на европскиот енергетски пазар го отвора и прашањето колку зголемувањата на цените на нафтените деривати може да го зголеми животниот трошок, да ја поттикне инфлацијата и да го оптовари европското стопанство. Најновите податоци на „Евростат“ покажуваат двоцифрен годишен раст на цените на горивата, но и големи разлики меѓу земјите членки.
Бројки од „Евростат“: Горивото повторно нагло поскапува
Цените на горивата и мазивата (за индивидуален транспорт) во Европската Унија во јули годинава биле за 16,9 отсто повисоки отколку во истиот месец минатата година, објави „Евростат“. Тоа е забавување во однос на мај, кога годишниот раст достигна 20,7 отсто, но истовремено и забрзување во однос на јуни, кога изнесуваше 13,7 отсто. Со други зборови, европскиот потрошувач во јули повторно почувствувал забрзување на ценовниот притисок на бензинските пумпи, по извесното олеснување во јуни. Поскапувањето не било ограничено на неколку пазари.

Во 25 од 27 земји на ЕУ, цените на горивата биле повисоки во јули отколку една година претходно. Најголем годишен раст е регистриран во Романија, со 24,2 отсто, потоа во Германија и Литванија со по 22,9 отсто, Бугарија со 22,2 отсто, Холандија со 22 отсто и Финска со 20,5 отсто. Само во Унгарија е забележано минимално намалување, од 0,1 отсто. Шведска и Ирска имале многу поумерен раст, од 1,2 и 3,2 отсто, додека на Малта цените останале непроменети поради регулираниот ценовен режим.
Згора, тргувањето на цените на нафтата вчера забележа зголемување од два отсто откако САД нападнаа ирански остров во Ормускиот Теснец и предизвикаа одговор од Техеран, со што нивниот конфликт влезе во шестиот месец. Американските сили погодија воени цели на иранскиот остров Ларак во Ормускиот Теснец во неделата, што се првите јавно познати американски напади врз Иран од крајот на јули.
Фјучерсите за сурова нафта брент потоа се искачија за 2,21 долари, или 2,51 отсто, на 90,31 долари за барел, додека американската среднорочна сурова нафта од западен Тексас беше на 85,23 долари, што е зголемување од 1,83 долар или 2,19 отсто. Воениот конфликт во Иран и оној во Украина се сметаат за главни нарушувања за глобалното снабдување со нафта годинава (речиси половина од снабдувањето доаѓа од држави опфатени во војна), што се одразува и врз транспортот и цените на енергентите.
Дизелот и бензинот поскапеа и во текот на јули
Годишната споредба покажува сериозен ценовен скок, но месечната динамика открива уште еден важен момент. Во јули, во однос на јуни, цената на дизелот во ЕУ пораснала за 4,3 отсто, додека бензинот поскапел за 4,7 отсто. Кај дизелот, месечен раст е регистриран во 17 земји членки. Најголем скок има во Полска, од 13,4 отсто, потоа Германија со 12,7 и Грција со 12,1 отсто. Кај бензинот, најголем месечен раст повторно е регистриран во Полска, од 17,2 отсто, пред Германија со 11 отсто и Шпанија со 7,1 отсто. Така, европскиот пазар во само неколку недели премина од јунско намалување на цените кон ново покачување.
Европскиот пазар минува низ период на исклучително висока нестабилност
Иако последните податоци го привлекуваат вниманието, тие не претставуваат изолиран јулски настан. Во април годинава цените на горивата и мазивата за личен транспорт во ЕУ биле за 20,8 отсто повисоки на годишно ниво. Во мај растот изнесувал 20,7 отсто, а во јуни 13,7 отсто. Оттука се гледа дека европскиот пазар минува низ период на исклучително висока нестабилност. Растот не оди во права линија, туку се движи во бранови: нагло поскапување, корекција, па повторен раст. Тоа е особено важно за домаќинствата и компаниите бидејќи намалувањето на цената на суровата нафта не мора автоматски и веднаш да значи поевтин бензин или дизел.
Европски ценовен парадокс: Суровата нафта може да поевтинува, а дизелот и бензинот да останат скапи
Еден од клучните елементи во сегашната криза е разликата меѓу цената на суровата нафта и цената на готовите нафтени деривати. На европскиот пазар особено голем проблем претставува ограничената понуда на рафинирани производи. Според анализите на „Ројтерс“, прекините во снабдувањето и намалениот рафинериски капацитет доведоа до силен раст на маржите за дизелот, дури и во периоди кога цената на суровата нафта се намалуваше. Тоа значи дека пазарот може да се соочи со парадоксална ситуација. Имено, суровата нафта да поевтинува, а дизелот и бензинот да останат скапи затоа што недостига капацитет за нивна преработка и затоа што резервите се ограничени. Европа е особено чувствителна на оваа динамика бидејќи е голем увозник на рафинирани нафтени производи.
Дизелот е посебен проблем за Европа
Познато е дека дизелот има многу пошироко економско значење од еден обичен трошок за возачите. Имено, тој е гориво за товарниот транспорт, земјоделската механизација, градежништвото, дел од индустријата и голем број комерцијални возила. Затоа неговото поскапување релативно брзо може да се пренесе во цените на стоките и услугите. Според „Ројтерс“, глобалниот извоз на дизел и сродни производи во јули бил значително понизок од претходната година, додека европските резерви останале под долгорочниот просек. Токму затоа пазарот на дизел во моментов е под поголем притисок од пазарот на сурова нафта.
Инфлацијата е суперсензитивна на енергетските удари
Енергетските цени имаат двоен ефект врз инфлацијата. Првиот е директен: домаќинствата плаќаат повеќе за гориво. Вториот е индиректен: компаниите плаќаат повеќе за транспорт, производство и за дистрибуција, па дел од повисоките трошоци ги пренесуваат во крајните цени.
Најновите податоци на „Евростат“ покажуваат дека во еврозоната годишната инфлација во јули достигнала 2,9 отсто, во однос на 2,8 отсто во јуни. Но особено е впечатлив енергетскиот сегмент: годишната стапка на инфлација кај енергијата била 10 отсто, наспроти 8,5 отсто во јуни. Тоа е јасен показател дека енергетскиот шок повторно станува еден од главните фактори што ја туркаат инфлацијата нагоре.
Европската комисија тврди дека засега нема проблем со снабдувањето (?!)
Важно е, сепак, да се направи разлика меѓу скапо гориво и недостиг од гориво. Европската комисија (ЕК) во јули соопшти дека во овој момент нема непосреден проблем со безбедноста на снабдувањето со нафта во ЕУ. Според процената на Координативното тело за нафта на ЕК, побарувачката може да се покрива преку комерцијалните резерви и алтернативни извори од глобалниот пазар. Истовремено, ЕК предупреди дека продолжувањето на нарушувањата на глобалниот пазар може дополнително да го затегне снабдувањето.
Според дел од енергетичарите, оваа разлика е суштинска. Имено, Европа не е нужно пред физички недостиг од гориво, туку се соочува со пазар во кој горивото станува поскапо поради комбинацијата од ограничена понуда, поскапа преработка, логистички ризици и нестабилност на меѓународните пазари.
Но други енергетски експерти тврдат дека „на крајот на денот, сето ова се сведува на истиот импакт за националните стопанства, а и за граѓаните. И недостигот од горива или, пак, високата цена, секако негативно влијаат врз економијата, индустријата, инфлацијата, како и врз економско-социјалниот статус на граѓаните“. Е.Р.
Последиците од енергетскиот шок во земјите во Европа
Големи разлики меѓу земјите членки на ЕУ
Европската просечна стапка од 16,9 отсто не значи дека сите европски граѓани го почувствувале истиот удар. Разликите меѓу националните пазари се огромни. Највисок годишен раст во јули имала Романија со 24,2 отсто, додека во Шведска зголемувањето било само 1,2 отсто. Причините за ова се повеќеслојни: даночната политика, акцизите, субвенциите, регулирањето на цените, структурата на пазарот и степенот до кој трговците и дистрибутерите ги пренесуваат промените на меѓународните пазари до потрошувачите. Европската комисија преку својот неделен нафтен билтен ги следи токму овие разлики и секоја недела објавува податоци за цените на бензинот и дизелот, со и без даноци, во сите земји на ЕУ.
Енергетската сметка не е само сметка за гориво
Последиците од енергетскиот шок се пошироки од бензинските пумпи. Во домаќинствата, транспортот зазема значаен дел од месечниот буџет. Кај компаниите, горивото е дел од трошоците за логистика и производство. Кај земјоделството, дизелот е директен производен трошок. Кај трговијата, повисоките транспортни трошоци може да се претворат во повисоки цени на храната и другите производи. Затоа енергетската инфлација често се шири низ целата економија со одредено временско задоцнување. Колку поскапувањето ќе биде пренесено врз крајниот потрошувач зависи од тоа колкав дел од зголемените трошоци компаниите можат да апсорбираат без да ги зголемат цените.
И струјата останува поскапа од периодот пред енергетската криза
Сликата не е ограничена на нафтените деривати. Според „Евростат“, просечната цена на електричната енергија за домаќинствата во ЕУ во второто полугодие на 2025 година изнесувала 28,96 евра за 100 киловат-часа, што е речиси непроменето во однос на првото полугодие, но и понатаму значително над нивото од периодот пред енергетската криза во 2022 година. Во истото полугодие, просечната цена на природниот гас за домаќинствата достигнала12,28 евра за 100 киловат-часа, во однос на 11,43 евра во првото полугодие. Тоа покажува дека иако пазарите се стабилизираа во однос на екстремните нивоа од 2022 година, европската енергетика сè уште не се вратила целосно на старата ценовна структура.
Домаќинствата веќе се приспособуваат – ја намалуваат потрошувачката и штедат
Еден од најинтересните податоци на „Евростат“ е дека потрошувачката на енергија во европските домаќинства се намалува. Во 2024 година домаќинствата во ЕУ потрошиле 9,54 милиони тераџули енергија, што е за 0,2 отсто помалку од 2023 година и трет последователен пад. Врвот бил достигнат во 2021 година, со 10,98 милиони тераџули. Најголемиот дел од енергијата во домаќинствата се користи за греење на просторот – 61,5 отсто – додека греењето вода учествува со 15,6 отсто. Ова може да се толкува како комбинација од повисока енергетска ефикасност, промени во навиките и реакција на потрошувачите на повисоките цени. Е.Р.
Користењето на фосилните горива не исчезна во ЕУ
Европската енергетска слика истовремено минува низ структурна промена. Прелиминарните податоци за 2025 година покажуваат дека обновливите извори учествувале со 26,2 отсто во бруто-финалната потрошувачка на енергија во ЕУ, во однос на 25,2 отсто во 2024 година. Но растот на обновливите извори не значи дека Европа прекуноќ може да ги елиминира нафтата и гасот. Транспортот, индустријата и дел од греењето и понатаму зависат од фосилни горива. Оттука произлегува еден од главните економски предизвици за европскиот континент: транзицијата кон почиста енергија мора да се одвива паралелно со обезбедување стабилно и ценовно достапно снабдување.
Најголемиот ризик е продолжената нестабилност
Европската економија може да се приспособи на повисока цена на енергијата. Многу потешко се приспособува на непредвидливи цени. Кога компаниите не знаат дали трошокот за дизел, гас или за електрична енергија ќе биде повисок или понизок за неколку месеци, станува потешко да се планираат инвестициите, транспортот, производството и цените. Токму затоа сегашната состојба е повеќе од приказна за поскап бензин. Таа е тест за отпорноста на европската економија.
Што значат бројките за следните месеци?
Најновите податоци не дозволуваат едноставен заклучок дека цените ќе продолжат да растат со истата динамика. Напротив, јулската бројка од 16,9 отсто е пониска од мајската од 20,7 отсто. Но месечниот пресврт – по падот во јуни, дизелот во јули повторно поскапел за 4,3 отсто, а бензинот за 4,7 отсто – покажува дека ризикот од нови ценовни бранови останува. Европската комисија проценува дека непосреден проблем со физичкото снабдување засега нема, но истовремено предупредува дека продолжените глобални нарушувања можат да создадат дополнителен притисок врз пазарот. Во такви услови, клучното прашање повеќе не е само колку чини барел сурова нафта. Прашањето е колку чини претворањето на таа нафта во бензин и дизел, колку се достапни рафинериите, какви се резервите, колку чинат транспортот и логистиката и колкав дел од цената на крајот паѓа врз европскиот потрошувач. Е.Р.
Европа повторно се соочува со енергетски калкулации

Најновите бројки на Евростат ја даваат најдобрата слика за моменталната состојба: цените на горивата во јули се 16,9 отсто над нивото од пред една година, во повеќето земји растат, а дизелот и бензинот повторно забележаа значително месечно поскапување. Истовремено, инфлацијата во еврозоната повторно се движи нагоре, при што енергетскиот сегмент убедливо е најсилниот инфлаторен фактор. Тоа е економската суштина на актуелната состојба: Европа не се соочува со еден изолиран скок на цените на бензинските пумпи, туку со нов бран на енергетска нестабилност што може да се прелее врз транспортот, производството, инфлацијата и животниот стандард. А колку долго ќе трае овој притисок ќе зависи од нешто што Европа во голема мера не може сама да го контролира – глобалната рамнотежа меѓу понудата, рафинерискиот капацитет, резервите и побарувачката на енергетските пазари. Е.Р.
































