Дали Хаг повторно може да го запали регионот?
- Предупредувањето или, попрецизно кажано, заканата во јавноста на Насим Харадинај (припадник на ОВК и поранешен заменик-претседател на Организацијата на воените ветерани на ОВК, кој во 2020 година беше уапсен и префрлен во Хаг, каде што беше осуден за попречување на правдата, заплашување сведоци и откривање доверливи информации, а во декември 2023 беше пуштен на слобода) дека доколку во Хаг бидат прогласени за виновни Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи, тогаш „ќе горат Косово, Албанија и Македонија“, открива дека ниту милитаристичките идеи ниту шовинистичките ниту мегалодржавните идеи не се згаснати и дека постои „конзервиран паравоен систем“, кој чека одреден сигнал да го вовлече регионот во нова спирала на политичко насилство…
На 16 септември Косово ќе биде исправено пред една од најчувствителните политички одлуки по завршувањето на војната во 1999 година. Во Хаг треба да биде објавена пресудата за четворицата највисоки поранешни функционери на УЧК – Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи. Во пресрет на тој датум поранешниот командант Насим Харадинај испрати порака што не може да се прочита само како обична политичка реторика. Тој јавно, преку една косовска телевизија, предупреди дека, доколку има осудителна пресуда, „ќе изгорат“ Косово, Македонија и цела Албанија. Таквата изјава сама по себе не е доказ дека регионот се движи кон нов конфликт. Но е сериозен сигнал за атмосферата во која се очекува хашката пресуда. И токму тука се наоѓа предметот на нашата новинарска опсервација. Имено, не станува збор само за четворица обвинети туку за начинот на кој косовското општество ќе се мобилизира по пресудата, за односот кон Специјализираниот суд, за политичката легитимност на военото наследство на УЧК и, потенцијално, за сврзаните садови во соседството (Македонија) и реакциите кај нас.
Шеснаесетти септември – датум што безбедносните служби од регионот го чекаат на штрек, по воинствената изјава на Харадинај
Специјализираните совети на Косово официјално го закажаа изрекувањето на пресудата за 16 септември 2026 година. Процесот против Тачи, Весељи, Сељими и Красниќи е еден од најзначајните судски процеси поврзани со војната во Косово. Обвинението се однесува на „серија злосторства, меѓу кои прогон, незаконско затворање, тортура, убиство, присилно исчезнување и други нечовечки постапки“. Во предметот се опфатени настани на повеќе локации во Косово, но и во северна Албанија. По повеќегодишната судска постапка, сведочењата, доказите и завршните зборови, судиите сега треба да донесат одлука што ќе има последици далеку надвор од судницата во Хаг.
Харадинај: Регионот ќе изгори
Токму во таква атмосфера доаѓа запаливата изјава на Насим Харадинај. Тој јавно на телевизијата вели дека бил сведок и на други предупредувања и дека некои од луѓето во Косово ќе реагираат на евентуалната осудителна пресуда. Но неговата реакција е крајно остра. Според него, доколку биде донесена таква одлука, ситуацијата ќе ескалира многу сериозно и „ќе изгорат“ Косово, Македонија и цела Албанија.
Речникот, земајќи предвид од кого доаѓа, е навистина со поголема специфична безбедносна тежина. Особено поради тоа што Македонија и Албанија не се споменати случајно во контекст на домашни косовски протести, туку како дел од поширок простор во кој, според неговото предупредување, би можело да дојде до сериозна дестабилизација.
– Изјавата на Харадинај е предупредување, закана, но сѐ уште е во рамките на вербална демонстрација на сила, некаква параинституционална моќ од позиција на илегални организирани воени структури. Сепак, тоа не е доказ за постоење на конкретен план за насилство. Досега нема јавни докази дека постои организирана структура што планира насилни акции во Македонија или во Албанија по пресудата. Но да бидеме свесни дека и подготовката на вакви противправни дела со сериозна природа е казнива и во подготовка. Доколку надлежните безбедносни служби имаат какви било индиции или основи на сомневање, тие треба промптно да реагираат – велат наши соговорници, професори на Факултетот за безбедност во Скопје.
Зошто е спомената Македонија?
Ова е прашањето што заслужува посебно внимание. За косовската политичка елита, конфликтот од 2001 година во Македонија не е далечна историја.
– Да потсетиме дека некои од луѓето и структурите поврзани со поранешната УЧК беа директно или индиректно поврзани со конфликтот во Македонија. Затоа секое споменување на Македонија во контекст на можни последици од пресудите за лидерите на косовската УЧК носи дополнителна тежина. Македонија денес е држава членка на НАТО и има институционални механизми што во 2001 година не постоеја во истиот облик. Но тоа не значи дека етничките и политичките тензии се непостојни.
Напротив. Тие се рециклираат и наметнуваат постојано, токму од поединци и групи што биле поранешни припадници на УЧК од Македонија, а потоа војничката униформата ја замениле со костум. Токму тие групи постојано инсистираат на „политички матрици“ што се приближуваат кон радикална политичка поларизација и ирационално ги сензибилизираат меѓуетничките односи. Тие постојано ја нагласуваат силната симболичка врска на албанската јавност со наследството на УЧК. Тоа се фактори што не треба да се потценуваат – велат нашите соговорници.
Од предупредување кон мобилизација
Уште позначајна е друга изјава на Харадинај. Ден по првото предупредување и закана, тој зборува за „мобилизација на граѓаните во Косово во деновите околу пресудата“(!?). Повикот е луѓето да излезат на улиците на 15 и 16 септември. Овој момент ја менува политичката тежина на неговите зборови. Едно е да се каже дека пресудата може да предизвика незадоволство. Друго е јавноста да се повикува на масовно собирање. И трето е, во истиот временски период, да се предупредува дека евентуалната осудителна пресуда може да предизвика регионална ескалација. Сето тоа заедно создава атмосфера во која 16 септември станува многу повеќе од датум во судскиот календар.
Две варијанти: Што ако пресудата биде ослободителна и што ако пресудата биде осудителна
1. Во првиот можен исход четворицата би биле ослободени. Таквата одлука веројатно би била дочекана со големи прослави во делови од Косово. Харадинај веќе најавува дека би бил меѓу оние што ќе го пречекаат Тачи во Приштина. Во таков развој на настаните, Специјализираниот суд би можел да се соочи со критики од другата страна – од оние што очекуваат целосно расчистување на наводите за злосторства. Тоа би можело да ја продлабочи поделбата околу прашањето дали судот навистина ја исполнил својата мисија.
2. Вториот исход е политички многу почувствителен. Доколку Тачи, Весељи, Сељими и Красниќи бидат прогласени за виновни, Косово би можело да се соочи со масовни протести, силни политички реакции и голем јавен притисок. Но од клучно значење е да се избегне автоматскиот заклучок дека тоа мора да значи насилство. До таква ескалација би можело да дојде само доколку се активираат дополнителни фактори. Организирани протести, радикална реторика, провокации, судири со полицијата или мобилизација на сѐ уште постојната структура на илегална организираност и активирање на арсеналот оружја, според многу безбедносни експерти, сѐ уште постојат, но безбедносно хибернираат. Во тој контекст Харадинај ја споменува и цела Албанија. Тоа е уште една чувствителна компонента. Албанија не е страна во судскиот процес, но историјата на УЧК, големите логистичките центри во северна Албанија (градовите Кукс и Тропоја), за време на војната и силната национална и семејно-клановска поврзаност меѓу Косово и Албанија (и Македонија) прават секој сериозен потрес во Косово да има потенцијал за политички одек и во соседството.
Најголем ризик е ефектот на домино
Она што треба да го загрижува регионот е можниот ефект на домино. Една силно негативна реакција во Косово може да создаде политички притисок во Албанија. Политичките реакции во Албанија можат да се прелеат во јавниот дискурс во Македонија. А во Македонија, каде што етничките прашања и политичката реторика и понатаму се чувствителни, таквата атмосфера може да биде искористена за домашна политичка мобилизација. Тоа не значи дека ќе се повтори 2001 година. Но значи дека не треба да се дозволи политичката реторика од Косово да стане гориво за нови поделби во Македонија.
Секоја политичка порака што создава чувство дека една судска пресуда може да „запали“ три држави треба да се земе сериозно, но не панично
Европа веќе еднаш плати висока цена за недовршените конфликти на Балканот. Денес Косово, Македонија и Албанија се во сосема различен институционален контекст. Македонија и Албанија се членки на НАТО, а Косово има силно меѓународно присуство и безбедносни структури што можат да реагираат. Токму затоа секоја политичка порака што создава чувство дека една судска пресуда може да „запали“ три држави треба да се земе сериозно – но не панично. Најлошото сценарио би било политичките елити да почнат да се натпреваруваат кој ќе употреби поостар јазик.
Зборовите на Насим Харадинај се премногу сериозни за да бидат игнорирани. Но, исто така, тие се премногу сериозни за да бидат претворени во самореализирачко пророштво. Косово не е Македонија од 2001 година. Албанија не е Косово. А Македонија денес има институции, меѓународни обврски и безбедносни механизми што треба да спречат политичкиот шок од соседството да се претвори во домашна криза.
Сепак, 16 септември ќе биде ден кога сите овие механизми ќе бидат ставени на тест.
Прашањето повеќе не е само што ќе каже Хаг. Прашањето е што ќе направат политичарите, медиумите и граѓаните откако Хаг ќе проговори. Затоа предупредувањето од Приштина треба да биде сфатено сериозно – не како најава дека регионот неизбежно ќе „гори“, туку како сигнал дека Балканот сè уште има доволно незалечени рани за една судска пресуда да предизвика политички земјотрес. И токму затоа, 16 септември можеби нема да биде само ден на пресуда за четворица поранешни команданти на УЧК. Може да биде и тест дали регионот конечно научил дека историјата не се брани со нови конфликти.
Шеснаесетти септември како тест за зрелоста на регионот
Хашкиот суд ќе ја донесе својата одлука врз основа на доказите. Тоа е неговата работа. Но одговорноста за она што ќе следува по пресудата е пред сè политичка и општествена. Ако има осудителна пресуда, таа не смее да биде претставена како осуда на еден народ. Ако има ослободителна, таа не смее да се претвори во оправдување за негирање на страдањето на жртвите. И во двата случаи институциите во Косово, Албанија и Македонија ќе имаат обврска да спречат политичкиот набој да прерасне во безбедносна криза.

































