Резултатот од референдумот во Исланд, каде што мнозинството граѓани одлучија да го задржат својот суверенитет и да не ги продолжуваат пристапните преговори, испрати јасна и гласна порака. Овој чин е уште еден доказ дека Брисел станува сè помалку привлечен клуб за државите што веќе ги имаат средено своите домашни состојби.
Исланѓаните едноставно одбија да го предадат рибарството, нивната круцијална дејност и гордост, на управување на бриселските автократи. Прифаќањето на наметнатите квоти би го ставило под прашалник опстанокот на оваа дејност и неповратно би ја запечатило судбината на голем број семејства со вековна традиција.
Но прашањето за рибарството е само еден сегмент од пошироката слика. Исланд веќе има пристап до европскиот пазар и до шенгенската зона, што за неговите граѓани е сосема доволно. Не им се потребни ниту еврокомесари, ниту европратеници, ниту пак компликуваните процедури за надгласување. Со рационално управување, тие успешно ги менаџираат парите од европските фондови, а притоа си ја задржуваат автономијата сами да одлучуваат за сопствената иднина. Во речиси идентична позиција се наоѓа и Норвешка.
Ова е јасен показател дека официјален Брисел со своите актуелни политики губи од привлечноста не само кај кандидатите туку поттикнува и сè погласни преиспитувања кај самите земји членки. Сè повеќе Германци, Французи и Италијанци отворено се прашуваат дали ова е истата онаа унија од пред 30 години. Обидите за централизација на одлуките и забрзаната милитаризација наместо развој, стануваат клучните фактори што ги одвраќаат уредените општества од подлабока интеграција.
Од друга страна, балканските земји сè уште тежнеат кон членство, но најчесто поради неспособноста самите да си ја уредат сопствената куќа, очекувајќи дека некој однадвор ќе им донесе пари и ќе им ги реши проблемите. Иако поддршката од ЕУ е неоспорна, факт е дека со зачленувањето, овие земји се соочуваат и со масовно заминување на работоспособното население во потрага по подобар живот. Се испразнија Бугарија, Романија, Хрватска, Словенија, што сигнализира на еден континуиран тренд по влезот во ЕУ. Затоа е неопходно внимателно да се чита меѓу редови новата методологија што ја подготвува Брисел. Земјите кандидати мора да бидат свесни дека нема никаква логика да се жртвува суверенитетот за некаква недефинирана статус кво позиција, што би се рекло, ни риба ни девојка.
За Македонија, клучната цел мора да остане ЕУ, но онаа каква што беше во нејзините најдобри години, а не сегашната, која постојано се соочува со сопствените кризи. Полнењето на воените буџети додека европската економија стагнира, нерешената мигрантска криза и намалената безбедност покажуваат дека Унијата го губи компасот.
Најавуваните внатрешни реформи никако да започнат, додека анкетите пред изборите во Германија и Франција покажуваат дека евроскептицизмот зема сè поголем замав.
Без силните Германија и Франција како нејзини мотори, ќе ја снема и ЕУ каква што ја познававме. Идеите за концентрични кругови, втори и трети лиги, како и клубови на привилегирани не се ништо друго освен чекори кон разградување на Унијата.
Токму затоа, Македонија мора да биде подготвена и за најнегативното сценарио за иднината на ЕУ. Нашата обврска е да се реформираме и да се европеизираме дома според највисоките стандарди, да градиме демократско, отворено и функционално општество, како и силни институции. Сегашната практика на Брисел не влева доверба: месеци минуваат без решение за превозниците и нивниот престој во Шенген, а апелите против штетната билатерализација на пристапниот процес остануваат игнорирани. Во меѓувреме, цената на конфликтот во Украина ја плаќаат граѓаните преку енергетска нестабилност, додека наместо на економијата и инфраструктурата, фокусот се става на военото производство.
Примерот на Исланд ни ја покажа вистинската патека: иако е мала земја, таа функционира во согласност со своите национални приоритети. Тоа мора да биде и нашиот модел. Треба да ги средуваме работите дома, да соработуваме со сите, да привлекуваме инвестиции и паметно да ги користиме европските фондови. Реформите мора да ги правиме заради македонските граѓани, а не заради формата. Доколку новата методологија ни овозможи пристап до заедничкиот пазар, фондовите и до шенгенската зона, тоа за нас е повеќе од доволно. Доволно е да бидеме мудри и да ги искористиме тие придобивки без да правиме отстапки на слепо и на штета на нашите национални интереси. Исланѓаните меѓу рибата и девојката, сепак ја одбраа рибата.

































