Фото: Архива

Македонскиот клуб во Благоевград „Иван Вапцаров“ нема да биде затворен, туку ќе се премести на друга локација, информираат од ОМО „Илинден“ – Пирин, по шпекулациите околу функционирањето на културниот центар. Тие го посочуваат заплашувањето на сопствениците на просториите како причина за преместувањето на клубот.

–  Клубот не се затвора, но ќе мора да се премести, затоа што сопствениците беа заплашени неколку пати и не смеат да продолжат со договорот. Клубот таму не престојуваше шест месеци, туку една година – се вели во соопштението од ОМО „Илинден“ – Пирин.

Од македонската организација тврдат дека бугарските власти вложуваат напор за да не дозволат отворање на македонски клубови, како и за одземање на просториите на постоечките центри.

– Бугарските власти вложуваат огромен напор да не дозволат да се отворат македонски клубови или да им се одземат просториите на оние што постојат. Во такви услови ширењето на навреди, дезинформации и полувистини само дополнително ја влошува и без тоа тешката борба на Македонците во Бугарија – наведуваат од ОМО „Илинден“ – Пирин.

Македонскиот клуб во Благоевград беше цел на вандалски напад на 4 февруари, кога со камења беше искршено стаклото на излогот.