Во Македонија сите знаат каква е состојбата во реалната економија, но сѐ поретко некој предлага мерки, а оној пак што треба – не презема никакви мерки за да се постигне поголем раст на индустриското производство, а со тоа и повисоки стапки на економски раст. За жал, сите досегашни влади ја пропуштија можноста што ни се даде со осамостојувањето на државата за да изградат развоен концепт што ќе се рефлектира со високи стапки на раст. Основен проблем е што е запоставен развојот на енергетскиот сектор, кој е клучен за секоја економија, сметаат економистите

Индустриското производство продолжува
со ниски стапки на раст

Индустриското производство во Македонија, кое претрпе големи падови поради енергетската и здравствената криза, заздравува со занемарливи стапки на раст. Во март годинава во однос на март лани, индустриското производство е зголемено за 1,3 отсто. Во првите три месеци од 2023-та, пак, во споредба со истиот квартал лани, бележи раст од 0,1 процент, соопшти Државниот завод за статистика. Најновите податоци на националната статистика се само рефлексија на слабата финансиска и производствено-технолошка кондиција на македонските индустриски капацитети. Гледано по сектори, индустриското производство во секторот рударство и вадење камен во март 2023 година, во однос на март 2022 година, бележи опаѓање од 11,5 отсто, во секторот преработувачка индустрија бележи пораст од 2,4 отсто, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 10,1 отсто. Зголемувањето во секторот преработувачка индустрија е резултат пред сѐ на зголеменото производство во следните оддели: производство на пијалаци, производство на текстил, производство на хемикалии и хемиски производи, производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, производство на електрична опрема, производство на машини и уреди неспомнати на друго место и производство на моторни возила, приколки и полуприколки.
– Во Македонија сите знаат каква е состојбата во економијата, но никој не предлага и не презема мерки за тоа како да се постигне поголем раст на индустриското производство, а со тоа и повисоки стапки на економски раст. Сите досегашни влади ја пропуштија можноста што ни се даде со осамостојувањето на државата за да изградат развоен концепт што ќе се рефлектира со високи стапки на раст. Основен проблем е што е запоставен развојот на енергетскиот сектор, кој е клучен за секоја економија. Сите понудени економски програми се само за еден политички мандат. Никој не размислува долгорочно. Тоа што ни е потребно е воспоставување планска (пазарна) економија. Мораме да го користиме искуството на развиените земји кога станува збор за потикнување на домашната индустрија. На Македонија ѝ треба министерство за развој, кое ќе ги дефинира сите развојни стратегии, а кон кои ќе треба да се насочат активностите на сите сегашни агенции. Оваа институција треба да ја водат стручни лица, а не тоа да им биде доделувано по некакви партиски клучеви при распределбата на извршната власт – вели Ѓоко Савов, поранешен стопанственик и долгогодишен раководител на голема македонска компанија од областа на металопреработувачката индустрија.

Постојат решенија што можат да придонесат кон промовирање одржлив и инклузивен раст

По падот од -4,7 отсто на реалниот БДП во 2020 година, земјата доживеа раст од 3,9 отсто во 2021 година, за да се соочи со забавување во 2022 година поради влијанието на војната во Украина. Но покрај овие неуспеси, постојат решенија што можат да придонесат кон промовирање одржлив и инклузивен раст, како што посочува Стефан Вељановски, доктор по економски науки.
– Друг предизвик е трговскиот дефицит, кој достигна 26,8 отсто од БДП во 2022 година. Владата треба да работи на иницијативи за зајакнување на извозот и намалување на увозот, вклучувајќи и трговски договори со други земји и поддршка за локалните бизниси да произведуваат повеќе стоки за извоз. Ова не само што ќе помогне да се балансира трговскиот дефицит туку ќе помогне и да се создадат повеќе можности за работа. Владата треба да работи на мерки за фискална консолидација за да се подобри целокупната фискална рамнотежа и да се обезбеди одржлив економски раст на долг рок – забележува Вељановски во својата економска анализа.
Во првиот квартал годинава споредено со истиот квартал лани бројот на работници во индустријата се зголемил за 1,2 отсто, објави Државниот завод за статистика. Во март годинава во однос на март минатата година статистиката евидентира зголемување од 1,1 процент на работниците во индустријата. Во секторот рударство и вадење камен во март годинава, во однос на март лани, има опаѓање од 2,7 проценти, исто и во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, каде што опаѓањето е 3,7 проценти, а пораст од 1,6 процент во секторот преработувачка индустрија.

Неколку збора и за земјоделството

Значаен фактор на забрзан економски развој на земјата, според Савов, може да биде унапредување на земјоделското домашно производство, преку градење т.н. систем на задругарство, што се применува веќе во Данска.
– За македонскиот земјоделец најтежок проблем не е како да се произведе одредена култура, туку како да се најде сигурен пласман за неа. Министерството за земјоделство треба да гради продажна мрежа преку државните институции и приватни компании. Основна задача на Министерството е како да се зголеми извозот на македонските компании. Затоа е потребно да се воспостави некоја агенција што пазарно ќе ги регулира односите меѓу непосредните земјоделски производители, преработувачите, трговците и извозниците. Во тој случај сите учесници еднакво ќе го носат ризикот или добивката од цената што би се формирала на светските пазари. Обврска на агенцијата би била да ја утврдува и гарантираната цена за земјоделските производи и секако и да ја исплати по секоја реколта. Работата на министерството ќе биде да контактира со сите компании, од мали, средни и големи, кои произведуваат производи за извоз со високододадена вредност, за да може да ѝ се помогне во остварувањето на деловните развојни политики на секоја од фирмите – објаснува Савов. М.Ј.