Министерството за внатрешни работи денеска упати апел до граѓаните да не отвораат сомнителни пораки кои наводно се испратени од системот „Безбеден град“ и да не споделуваат лични или банкарски податоци, пренесе МИА.
Од МВР информираат дека во изминатиот период е забележана зголемена појава на фишинг-напади преку лажни СМС и електронски пораки, веб-страници, мобилни апликации и пораки на социјалните мрежи.
Во конкретниот случај, граѓаните добиваат пораки кои наводно се испратени од Одделот за моторни возила и содржат известување дека е регистриран сообраќаен прекршок. Во пораката има лажен линк преку кој корисниците се пренасочуваат да извршат уплата за наводната казна.
МВР апелира граѓаните да не отвораат сомнителни линкови и пораки и никогаш да не ги внесуваат броевите на банкарски картички, лозинки или други лични идентификатори преку неовластени канали. Дополнително, се препорачува проверка на адресата на испраќачот, користење двофакторска автентикација и пријавување на сомнителните пораки до надлежните институции или до банката.
Од МВР посочуваат дека официјалните СМС известувања за сообраќаен прекршок треба да бидат испратени од испраќачот „MVR-SC“, а пораката задолжително треба да ја содржи регистарската ознака на возилото со кое е направен прекршокот.
Исто така, официјалниот линк во известувањата треба да биде во форматот на доменот safecountry.mvr.gov.mk.

































