Фото: Фејсбук на градоначалничката на Општина Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска

Министерството за транспорт ја презеде обврската за санација на свлечиштето на патот кон Тефериџ во Општина Кисела Вода, поради сложеноста на проблемот и потребата од дополнителна стручна експертиза, изјави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски во гостување на ТВ Телма, пренесе МИА.

Николоски информира дека во тек е постапка за избор на изведувач, а по завршувањето на тендерот ќе започнат активностите за санација. Според него, се очекува проблемот со лизгањето на земјиштето да биде целосно саниран во рок од околу една година.

Тој објасни дека станува збор за сложено движење на земјиштето, кое по својата природа е слично на проблемот со кој надлежните се соочиле на автопатот Кичево.

-Се работи за проблематика која е доста сложена и каде што е потребна голема стручност. Затоа сметавме дека е добро тоа да го преземе Министерството за транспорт, со експертите кои ги имаме, и на тој начин да се санира проблемот – рече Николоски.

Во активностите, како што посочи, ќе бидат вклучени стручни кадри од Министерството за транспорт и Јавното претпријатие за државни патишта, а ќе бидат ангажирани и дополнителни експерти доколку е потребно.

Николоски најави дека тендерската постапка треба да заврши околу 20 август, по што ќе следува избор на изведувач и започнување на работите.

Тој нагласи дека временските услови ќе имаат значително влијание врз динамиката на санацијата, бидејќи за изведување на дел од работите е потребен сув терен.

-Оставаме година дена, но треба да видиме и зимата каква ќе биде. Се претпоставува дека за година дена треба да се заврши како што треба – изјави Николоски.