Фото: ДЗС

На територијата на државата до 18 часот денеска се регистрирани вкупно 15 пожари на отворен простор, од кои два се активни, еден е ставен под контрола, а 12 се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), пренесе МИА.

Активни се пожарите во Општина Македонски Брод, кај месноста Видуш во близина на селото Драгов Дол, каде што гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки, како и во Општина Ново Село, на планината Огражден кај Ново Село, каде што се зафатени депонија, мешана деградирана шума и ниска вегетација.

Под контрола е ставен пожарот на градската депонија во Делчево.

Во текот на денот се изгаснати пожарите кај селото Блатец во Општина Виница, во населбата Света Петка во Штип, кај селото Горенци во Општина Центар Жупа, кај селото Бачинци во Општина Кичево, во близина на Филтерната станица за вода во Општина Лозово, во населбата Средорек во Куманово, кај селото Милетино во Општина Брвеница, кај селото Долна Лешница во Општина Желино, кај селото Слатина во Општина Теарце, во близина на ресторанот „Чифлик“ во Општина Врапчиште, кај селото Трубарево во Општина Гази Баба и кај селото Долно Свиларе во Општина Сарај.