Иако најчесто се поврзува со повозрасните, деменцијата може да се појави и кај помлади лица кои немаат други здравствени проблеми. Експертите нагласуваат дека раното препознавање на симптомите е важно за откривање на причината, поставување дијагноза и навремено започнување со третман.
Еден од облиците што може да се појави во помлада возраст е фронтотемпоралната деменција (ФТД), која најчесто се јавува меѓу 45 и 65 години поради оштетување на фронталните и темпоралните делови на мозокот. За разлика од други форми, првите симптоми често не се поврзани со памтењето, туку со промени во личноста, однесувањето и говорот.
Кај лицата со ФТД може да се појават проблеми со пронаоѓањето зборови, разбирањето, планирањето и донесувањето одлуки, како и нарушувања на движењето, координацијата и рамнотежата.
Кај други форми на деменција, меѓу раните знаци се заборавање неодамна научени информации и важни датуми, повторување на исти прашања, тешкотии при извршување секојдневни задачи и проблеми со просторната ориентација.
Овие промени понекогаш погрешно се припишуваат на стрес, депресија или проблеми на работното место и во приватниот живот. Во одредени случаи, појавата на деменција може да има и генетска основа.
Болеста може да напредува со различна брзина, зависно од видот и индивидуалните карактеристики. Со текот на времето може да се појават збунетост, промени во расположението, проблеми со препознавање луѓе и сериозни нарушувања на меморијата, поради што лицето може да стане зависно од туѓа помош.
Иако засега нема лек за деменцијата, соодветниот третман и препораките од лекарите можат да помогнат во забавување на нејзиното напредување. Експертите нагласуваат дека повременото заборавање или заморот сами по себе не значат деменција, но честите и упорни промени треба да се проценат од здравствен работник.
Според „Alzheimer’s Research UK“, до 2050 година бројот на луѓе со деменција во светот би можел да достигне околу 153 милиони.


































