Романските власти започнаа итни работи за продлабочување на коритото на Дунав, со цел да се зголеми протокот кон единствената нуклеарна централа во земјата, АЕЦ „Черна Вода“.
Мерката следува откако компанијата „Нуклеарелектрика“ предупреди дека вториот реактор би можел да биде исклучен на 13 август поради историски нискиот водостој. Првиот реактор веќе е превентивно исклучен поради сушата.
Денеска протокот на Дунав на влезот во Романија падна на 1.370 кубни метри во секунда, додека кај „Черна Вода“ водостојот е само три сантиметри над критичниот праг.
Двата реактора на централата произведуваат околу 20 отсто од електричната енергија во Романија, па евентуалното исклучување на вториот реактор би претставувало дополнителен притисок врз енергетскиот систем.
Владата одобри дополнителни 5,1 милиони леи за ископувањата, откако претходните мерки, меѓу кои минирање карпести формации и поставување шлепови со камења за создавање вештачки праг, не дадоа очекувани резултати.
Поради кризата, состојбата се разгледува и во Брисел. Романија бара вонредни процедури за увоз на електрична енергија и одложување на рокот за затворање на термоелектраните на јаглен.
Властите веќе прогласија зголемена готовност во енергетскиот сектор за целиот август и апелираа до домаќинствата и индустријата доброволно да ја намалат потрошувачката во вечерните часови.

































