Фото: Влада

За да се намалат листите за операција

Министерот за здравство Фатмир Меџити ги повика македонските хирурзи да го следат примерот на колегите од Ниш, Србија, кои без надомест, изведуваа операции за време на викенд за да се намали листата на чекање за интервенции. Пациентите во Македонија со месеци чекаат за различни опeрации од секаков вид.
-Знаеме дека има голем број на пациенти што чекаат за замена на вештачко колено или замена на колк, но сепак наоѓаме простор колку што може, колку што ни дозволуваат условите. Реално, имаме три операциони сали, прва и втора смена, со цел да се намали таа листа на чекање. Листата е голема. Факт е тоа, но сепак, еве во консултација и договор со Министерството за здравство ќе најдеме решение за таа листа побрзо да се намалува. Мислам дека нема пациент кој чека повеќе од 3 до 4 месеци за да се импланира вештачко колено. Не е тоа итна патологија за да мора денес одма да се изведе, сепак има листи на чекање ама мислам дека имаме направено добар систем на Ортопедија и дека пациентите ја добиваат услугата – рече директорот, д-р Александар Трајановски на денешниот настан на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).

На ова се надоврза министерот Меџити и упати предизвик до, како што рече, почитуваните колеги, ортопеди, трауматолози, абодоменални хирурзи.

-Дајте тоа што беше позитивна приказна во Ниш да ја повториме тука. Да ја ревидираме таа листа на чекање, на операции. Да направиме и ние такво хумано дело со цел да не чекаат толку долго пациентите. Да покажеме дека еве, сакаме да направиме нешто повеќе за општеството, како општествена одговорност. Пред сѐ, ние сме хумани лица – рече Меџити.

Инаку денеска првпат во јавното здравство во земјава, со асистенција на робот успешно беше изведена операција на колено. Станува збор за интервенција врз 70-годишна жена изведена од страна на хирурзи од ТОУРАЛЕЦ и хирурзи од клиника во Лариса во Грција, со асистенција на позајмен робот.

Д-р Трајановски информираше дека операцијата траела околу еден час.

– Со огромно задоволство можам да кажам дека испишуваме историја на Клиниката за ортопедски болести. Направена е прва операција со асистенција на робот, што не е мала работа за мала држава како што е нашата, да сме рамо до рамо со сите светски клиники и сите европски и светски стандарди – изјави директорот на клиниката.

Тој нагласи дека на клиниката и понатаму ќе продолжи имплантирањето на тотални протези со оваа нова процедура која овозможува преку асистенција на робот да се минимализира каква било можност за компликација.

– Хирургот досега се правеше сам. Сега роботот е асистенција на хирургот, но пак носечки дел е хирургот. Од големо значење е затоа што ги следиме сите светски стандарди и придонесува процентот за грешка да е многу помал- истакна Трајановски.

Тој додаде дека Клиниката има одлична соработка со Клиничката болница во Лариса и изрази благодарност за поддршката од Министерството за здравство, кое, како што рече, создава услови експерти од странство да доаѓаат и да вршат обуки.

Меџити посочи дека Министерството во иднина ќе се залага за набавување на ваков робот, но дека сепак треба да се земе предвид и буџетот.