Фото: Маја Јаневска-Илиева

Претседателот на Владата на Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, со заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу и директорот на Фондот за инвестиции и технолошки развој, Фестим Халили, на заедничка презентација, го претставија првиот дигитален асистент во јавниот сектор, базиран на вештачка интелигенција – АДА, дизајниран за потребите на програмите за државна помош. Се работи за проект поддржан преку Фондот за иновации и технолошки развој.

– Република Северна Македонија се дигитализира. Нашата држава ги следи светските процеси и веќе е дел од бранот на нови, модерни, дигитални трендови, кои го зафаќаат секој аспект на нашето живеење и наједноставно може да се каже дека да, доаѓа АДА, што е првиот дигитален асистент некогаш направен во Владата на нашата држава. Тука сме да го најавиме доаѓањето на првиот дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција, преку којшто компаниите ќе можат да добиваат целосни информации за условите за инвестирање во нашата земја и државната помош која ја нудиме – изјави Ковачевски.

АДА ги нуди сите информации за финансиска поддршка од страна на државата, а ќе се надоградува и со други услуги од важност за деловниот сектор и граѓаните.

– Преку тоа, ќе влијаеме на зголемување на транспарентноста на сите институции, но и на намалување на корупцијата и елиминирање на човечкиот фактор во процесите. Воведувањето на овој прв дигитален асистент, што е револуционерен чекор во нашето општество, ќе значи забрзување на процесите на давање услуги на заинтересираните граѓани и претставници на компании, коишто ќе можат да бидат услужени во неограничен број и тоа постојано, во текот на 24 часа – рече Ковачевски.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Процесот на дигитализација е незапирлив, секаде во светот, па така и во нашата држава. Светските трендови се развиваат во правец на развивање и се поголема примена на вештачката интелигенција, која е навлезена во сите сфери од живеењето, преку склопување на машини и модернизација на процесот на производство, се до помош во домовите, па дури и создавање на дела и креации кои порано биле можни единствено со помош на човекот.

– Го исклучуваме влијанието на човечкиот фактор, можноста за грешки и за коруптивни практики. Водени од оваа идеја, за поздравување е воведувањето на АДА-првиот дигитален асистент за јавни услуги во давањето јавни услуги, со што ги надоградуваме нашите практики за дигитализација во општеството. Фондот за иновации и технолошки развој, преку своите финансиски инструменти, ко-финансира 1080 проекти, со заеднички инвестиции од околу 112 милиони евра. Од нив, над 50 % се старт-ап компании, основани претежно, од млади луѓе. Минатата година, беше трета по ред, како компаниите, кои реализирале инвестиции, финансиската поддршка ја добија во целост, што е исклучително важно при планирање на расположливи средства во услови на криза. Лани имавме рекордна исплата од 23 милиони евра, како и рекорден број на поддржани компании, 410 по Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Бројот на компании како и буџетот за поддршка расте од година во година, почнувајќи од 2017 година, кога и почнавме со оваа програма. Сето ова го правиме со цел да помогнеме на домашните и странските инвеститори, да придонесеме за поголема конкурентност и ликвидност на компаниите, а преку тоа и во развојот на домашната економија. И тоа во услови на економска и енергетска криза, со цел, полесно да се справиме со предизвиците и да не дозволиме нарушувања и големи пореметувања во домашната економија – истакна Ковачевски.

– Финансискиот криминал не застарува и ќе се гонат сите оние кои биле соучесници при неговото извршување, порача денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции. Оваа Влада е неприкосновена во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Од 2020 година имавме вицепремиер со надлежност за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал, а сега имаме вицепремиер за добро владеење. Тоа е организиран начин како се влегува во Царинската управа, Управата за јавни приход и Државниот пазарен инспекторат за конечно да се справат со феноменот кој излезе на виделина кога донесовме одлука за замрзнување на цената на одредени видови овошје и зеленчук – рече Битиќи во одговор на прашање по денешната промоција на првиот дигитален асистент во јавниот сектор АДА.

Доколку се увиди дека ваквиот феномен е присутен не само на Кванташкиот пазар, туку на секаде низ државата во подолг временски период, додаде тој, институциите можат да се вратат наназад со контролите онолку колку што е потребно.

– Се што е во сегментот на инспекции не можеме да го знаеме, бидејќи би го компромитирале процесот. Кога ќе завршат истрагите и инспекциите сметам дека ќе имаме извештај со кој јавно ќе биде укажано кој прекршил одредено право што го имал и обврска за да плати данок. По тоа ќе се постапи соодветно дали со парична или со кривична одговорност – посочи Битиќи.

Фото: Маја Јаневска-Илиева