Артан Груби / Фото: Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците

Првиот потпретседател на Владата, Артан Груби, смета дека Косово треба да се угледа на нашата држава во решавањето на отворените прашања со Србија и за отворање на патот за сопствената европска иднина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното интервју за агенцијата КосоваПрес, Груби изјави дека треба да се земе за пример начинот на кој Македонија ги реши отворените прашања со Грција и Бугарија, со што си го отвори патот кон Европската Унија.

Според македонскиот вицепремиер, единствен прифатлив резултат на преговорите меѓу Приштина и Белград е признавањето на косовската независност од страна на Србија.

– Политичката елита во Косово и политичката елита во Србија треба да го искористат примерот на Северна Макеоднија и Грција и Бугарија во затворањето на билатералните споорови со цел да се отвори патот кон иднината. Нема друго решение за тоа отворено прашање во Југоисточна Европа меѓу Приштина и Белград освен признавањето на независноста на Република Косово од страна на Република Србија. Тоа е конечниот резултат кој ние го поддржуваме и е единствениот кој го прифаќаме – изјави Груби за Косовапрес.

Запрашан за актуелните состојби во Македонија, Груби вели дека влијанието на Русија во државата е очигледно, што, според него, може да се види од фактот дека има македонски партии, и тоа и во републичкото Собрание, кои отворено ја поддржуваат руската агресија во Украина.

– Ние сме единствената земја во Западен Балкан која официјално има политичка партија што е огранок на партијата на (претседателот, Владимир) Путин во Русија и која функционира во Северна Македонија, а имаме и друга парламентарна партија, со двајца пратеници, која отворено ја поддржува руската агресија во Украина и е ставена во функција на руските агентури во Собранието на РСМ, не ја признава независноста на Косово, не го признава Охридскиот рамковен договор и во својата програма го има повлекувањето на признавањето на Косово и поништувањето на Охридскиот договор… и која за жал беше и во коалиција со албанските опозициски партии и со ВМРО-ДПМНЕ со цел уривање на проевропската влада во државата – вели Груби.

Со оглед на тоа, додава тој, „руското влијание во Северна Македонија е евидентно и, следствено, и неговото влијание во дестабилизирачките сценарија во однос на парламентарното мнозинство“.

И покрај тоа, нагласи македонскиот вицепремиер, владејачката коалиција е стабилна, но потребна е, вели тој, соработка со проевропските партии во Собранието, со цел да се обезбеди спроведување на договорот со Република Бугарија, со оглед дека за тоа се потребни 80 гласа, додека мнозинството располага со 64.

– Упативме повик до сите проевропски сили кои учествуваа во Собранието на РСМ, особено за да се приклучат на напорите за промена на Уставот, со цел да го спроведеме билатералниот договор со Бугарија, променувајќи ја преамбулата и вклучувајќи ги бугарската, црногорската и хрватската заедница во Уставот, за што ни се потребни вкупно 80 пратенички гласови – изјави Груби.

Македонскиот вицепремиер во интервјуто за косовската новинска агенција се залага за поголема координација меѓу Приштина, Тирана и Скопје, посебно за прашања од надворешната политика, за, како што вели „одбрана на вредностите“ на Ослободителната војска на Косово (ОВК).

– Приштина, Тирана и Скопје треба да се координираат многу повеќе во надворешната политика, посебно во одбрана на вредностите на ослободителната борба на ОВК, но и на тежнеењата на сите Албанци во Југоисточна Европа, за слобода, правда, еднаквост и независност на Косово, како и за меѓусебно признавање на Косово и Србија… Ништо лошо не може да му дојде на Косово од Скопје или Тирана, напротив, ќе ја има апсолутната поддршка за секоја иницијатива, било регионална, континентална или глобална – изјави Груби за КосоваПрес.