Владата одредува каде снимателите ќе снимаат за време на чествувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. На новинарите, пак, влезот во црквата им е забранет, објавува „Макфакс“. Владата одреди тие чествувањето да го следат од платото пред цквната „Св. Спас“ од каде се гледа само влезот на црквата. Дополнително објаснуваа дека добро е што е дозволено да стојат и пред платото, затоа што првичниот план бил да не биде дозволено нивно присуство.
Владини службеници се распоредени на сите точки на платото пред црквата. Кога снимателите бараа да останат на платото, им кажаа дека тоа не е дозволено и дека мора да бидат внатре, бидејќи настанот се одвива во црквата. На новинарите кои сакаа да влезат внатре им беше укажано дека тоа не е дозволено и дека ќе стојат надвор.
Ваковото однесување предизвика револт кај новинарските екипи. Тие им посочија на службениците дека знаат за високиот ризик на настанот, но дека никој не смее да го загрозува правото на слободно известување на медиумите.
Во изминативе два дена, имаше низа рекации од ЗНМ за ограничувањата определени од Владата.
Објаснувањето за ваквиот протокол од Владата е високиот ризик кој го носи настанот. Има и новинари кои воопшто не добија акредитации за да присуствуваат на настанот.
Интересот е невообичаено голем, а тоа е и поради најавите за инциденти и поради најавеното доаѓање на Бугари од Бугарија што во Македонија беше оценето како провокација. По поставувањето на венците заминаа и делегациите.
Професорката Фросина Ременски која беше потпретседателка на СДСМ, положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев. Таа смета дека ограничувањето на новинарите да известуваат од настанот, како и ограничувањето на нивното движење не е оправдано. Посочи и дека Гоце Делчев треба да се чествува на цивилизиран начин.
– Безбедносните проценки на институциите го кажуваат моментот дали требало вака тензично да се празнува. Факт е дека Гоце Делчев е цивилизациска вредност. Тоа е повеќе од Македонија. И фактот што моштите му почиваат во слободна и независна Македонија, зборува дека тој наш револуционер може да го чествуваат сите. Неговиот порив и борба за слобода и независна Македонија укажува дека може да послужи за пример на новите генерации кои треба да бранат вредности. И бугарскиот и македонскиот народ, но пред се македонскиот народ треба да биде отворен за прифаќње на слободумните и мирољубувите луѓе кои сакаат да ги чествуваат вредностите кои ги негуваше Делчев – вели Ременски.
Таа беше прашана дали смее да се дозволи ограничување на движењето на медиумите, а со тоа и правото на известување.
– Слободата на медиумите и правото на независно инфомирање е неприкосновено за професијата новинар и медиумите. Во контекст на тоа, сите политичари без разлика од која партија, кога новинарите инсистираат на одговори треба да ја почитуваат новинарската професија и да овозможат независно информирање и пристап до сите настани од јавен карактер. Ова денешно чествување е од висок јавен карактер. И верувам дека колку подобро е медиумски покриено, толку подобро ќе за јавноста да ги разбере пораките дека тука навистина може достоинствено да се оддаде почит. Новинарите ја имаат клучната улога – додава Ременски.