Фото: МИА

Група граѓани се собраа во близина на црквата „Свети Спас“ во Скопје пред безбедносната зона на местото до каде што дозволува пристап полицијата.

Дел од нив се обидуваат да стигнат до црквата и да положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев во чест на 151-годишнината од неговото раѓање.

Во околина на црквата има големо присуство на полициски службеници, а како што беше и претходно најавено во „Свети Спас“, односно да ја поминат безбедносната зона, им се дозволува на претходно најавените делегации и акредитираните медиумски работници.

Во црквата „Свети Спас“ од изутринава почна одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Цвеќе на гробот на великанот положија претседателот на државата Стево Пендаровски, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, во чиј состав беа и првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби и министрите за внатрешни работи, одбрана и култура, Оливер Спасовски, Славјанка Петровска и Бисера Костадиновска-Стојчевска, собраниска делегација предводена од потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски и делегации на државни институции, партии и граѓански здруженија. Цвеќе положи и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Според најавите од бугарското МВР, се очекува во Скопје да допатува и бугарскиот вицепремиер задолжен за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев. Демерџиев денеска изјави дека околу сто до 150 бугарски државјани се очекува да пристигнат во Скопје на одбележување на раѓањето на Гоце Делчев.