Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вчера, во 12 часот, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Радовиш – Отсек за економски криминал го лишија од слобода 33-годишниот К. Ѓ. од село Подареш, Радовишко, вработен во Државниот пазарен инспекторат, Одделение за инспекциски надзор Струмица, со градовите Гевгелија, Валандово и Радовиш, поради сомнение за сторено продолжено кривично дело примање поткуп по член 357, а во врска член 45 од Кривичниот закон – извести МВР.

– На 21.11.2023, осомничениот, од двајца жители на Радовишко, примил 3.000 денари, кои претходно ги побарал од нив за да не констатира прекршок во согласност со Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за забрана и спречување вршење нерегистрирана дејност, односно за да не преземе службено дејство, кое бил должен да го изврши. Во моментот кога е лишен од слобода кај него се пронајдени парите што ги примил како поткуп. Од дополнително преземените мерки и активности било утврдено дека К. Ѓ. во периодот од јуни до ноември 2023 година во повеќе наврати од жители на Радовиш и Радовишко примил пари во вкупен износ од 18.000 денари и 150 евра како поткуп. Во еден случај примил поткуп за да не констатира прекршок по извршен надзор, а во другите случаи поткупот го примил со цел да не изврши надзор, кој бил должен да го изврши – соопшти МВР.

К. Ѓ. е задржан во Полициската станица Радовиш и ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица.